Разговор со писателката Лидија Димковска ќе се одржи во книжарницата на „Три“ во ГТЦ

Покана за настанот на издавачкиот центар „Три“

Во книжарницата на издавачкиот центар „Три“ во ГТЦ, на 22 февруари, со почеток од 19 часот, ќе се одржи разговор со писателката Лидија Димковска за нејзината нова книга „Единствен матичен број“.

– На средбата ќе успеете да откриете што стои зад бројките на единствениот матичен број, кои сме и што сме независно од него, и како да навлеземе подлабоко во себеси, а разговорот ќе го води Виолета Танчева-Златева. За влез не е задолжително поседување на личен документ за идентификација. Доволни се само вашите вистински лица – истакнуваат од „Три“.

Во описот на романот е посочено дека „постоиш ако имаш ЕМБГ“.

– Домот не треба да биде скривница, ниту засолниште. Ниту прибежиште, зашто во него не треба да си бегалец. Треба да си името, а не бројката. Не постои поголемо отфрлање од тоа да си гостин во сопствениот дом. Доаѓа време во животот кога сè одеднаш ти се истура врз глава и те поплавува. Врските се распаѓаат, суштинските работи што останале закопани во долгогодишен молк се претвораат во рак… Мигови кога веќе не можеш да дишеш во тесниот стан, кога си толку осамен и отуѓен од луѓето кои треба да ти се блиски што едноставно мораш да заминеш некаде за да не се изгубиш самиот. Но каде да се замине тогаш, која пустелија да се фати за да може одново да се изгради светот во себе? – загатнува романот.

Станува збор за освестувачки роман за нашиот свет што заборавивме да го сакаме. Трогателна приказна за обесчовечувањето на човештвото. Роман потрага по утопијата на идентитетот преку дистопијата на животот.

Лидија Димковска е веќе докажана авторка на овие простори и надвор од нив. Двапати се има закитено со наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, како и со германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, со романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“, наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска книга за „Гранична состојба“ итн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот