Разговор со Миа Милошеска од „Авалон продукција“: Татко ми отсекогаш ја носел работата дома
Организација на концерти и музички фестивали е дел од описот на работното место на Миа Милошеска, која во последниве неколку години има значаен удел во промоцијата на настаните во организација на „Авалон продукција“.
Препорачано
Иако годината е на самиот почеток, „Авалон продукција“ веќе најави неколку големи концерти што ќе се одржат во текот на 2026 година. Концертот на атрактивната англиска пејачка и кантавторка Џос Стоун ќе се одржи на 21 јули во рамки на фестивалот „Скопје колинг“, на 11 октомври во Арена „Борис Трајковски“ ќе настапат „Дип парпл“ во рамки на својата последна светска турнеја, а најблиску е концертот на Бајага и „Инструктори“ и Владо Јаневски на 14 февруари, кои ќе настапат во една вечер и на една сцена.
Овие имиња доаѓаат по една извонредно успешна година на „Авалон“, во која во Скопје настапија Ник Кејв, Брајан Адамс, „Масив атак“, „Хуверфоник“, додека сетот на Армин ван Бурен се одржа во Битола. Секој од овие артисти е со различен музички и сценски израз, но сите се со силно изразена трага на светската музичка сцена.
Во организацијата на сите овие концерти значајна функција имаше младата Миа Милошеска, која покрај својот татко Бобан Милошески стекна големо искуство и во работата со музичките ѕвезди и во промовирањето на настаните. Токму тоа искуство беше повод за разговор со неа.
На почетокот на новата година, како резиме на претходната, какви чувства ти создава фактот што „Авалон“ во 2025 година ги донесе Ник Кејв, „Масив атак“, Брајан Адамс…, а организираше и концерти на домашните „Ареа“, Дина Јашари…?
– Претходната 2025 година беше прилично турбулентна. Нашата работа е таква што понекогаш работиме на пет проекти истовремено, а понекогаш работата на нов проект започнува веднаш по завршувањето на претходниот. Тоа не секогаш остава простор и време да застанеш, да уживаш во моментот и да се гордееш со сработеното.
Искрено, овој период од годината е токму оној во кој, иако веќе се работи на следната сезона, се зема здив и се размислува за она што е сработено претходната година. По неколку недели размислување, можам со сигурност да констатирам дека за мене 2025 беше една од најуспешните и најисполнувачки години за „Авалон“. Искрено верувам дека тоа објективно важи и за културната сцена во целата држава.

Во „Авалон“ сезоните не почнуваат на Нова година, туку во септември. Зошто е тоа така?
– Во нашиот бизнис, летото е кулминација на целата сезона, тогаш се одржуваат фестивалите и најголемиот дел од светските турнеи. Поради тоа, најмасовните и најзначајните настани најчесто се случуваат токму во летниот период. Со завршувањето на летото, во септември, природно започнува ново поглавје и новата сезона.
Веќе најавивте неколку домашни и светски имиња што ќе настапат во 2026 година. Дали најавата однапред е ПР-стратегија или има и други причини?
– Не станува збор за ПР-стратегија, туку за логистичка стратегија. Кога се во прашање големите светски турнеи и артисти, последниве години тие практикуваат истовремено да објавуваат цели турнеи, кои се распослани во период од два, а понекогаш и до шест месеци, особено кога станува збор за светска турнеја. Ние секогаш мора да се усогласиме со нивните планови и динамика, па од тие причини некогаш концертите ги објавуваме и повеќе од една година однапред.

Како излезе да бидеш „десна рака“ на твојот татко во продукцијата?
– Сосема природно. Не станува збор за моментална, ниту за вештачка одлука. Татко ми отсекогаш ја носел работата дома, а покрај самата работа, пораснав во дом во кој музиката секогаш била на прво место, второ и трето место, 24/7. На крајот на денот, секој вистински љубител на музиката би ја работел оваа работа без ни момент двоумење – така беше и кај мене. Убавината на семејниот бизнис е во можноста заедно да создаваш наследство, со надеж дека еден ден тоа ќе го продолжат и твоите деца.
Покрај својата музикалност и харизма, каква енергија носат музичарите што биле во Скопје во непосредните и директни контакти што сте ги имале?
– Кога станува збор за артисти кои се вистински величини, една од убавините на мојата работа е тоа што нивното доаѓање буквално се чувствува во атмосферата, во воздухот, во духот на градот. Така беше со Грејс Џонс, „Масив атак“, Ник Кејв, Брајан Адамс, Лени Кравиц изминативе две години.
Поконкретно, голем дел од нив доаѓаат со искрена љубопитност кон градот и бараат целосна слобода во своето слободно време. Интересно е да се види како сакаат да го поминат тоа време; Ник Кејв прошета по улица „Македонија“ и низ Чаршијата, Грејс Џонс гледаше тенис во хотел, а Деди Џи од „Масив атак“ го прошета градот, ги фотографираше и ги објави скопските плакати на социјалните мрежи.

Дали некогаш си размислувала да работиш друга работа од тоа што сега го работиш во „Авалон“?
– Искрено, никогаш. Активно работам од свои 15 години и можеби никогаш немав ни време за таква помисла. Но, повеќе од драго ми што е тоа така.
Дали имаш некоја посебна желба за 2026 година?
– Само здравје и среќа, сè останато ќе си дојде само. Се надевам дека и во 2026 година, преку нашата работа, ќе успееме да усреќиме многу луѓе и да имаме удел во таа колективна среќа.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 314, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4.1.2026)


