Разговор со Маргарита Арсова за 22. „Синедејс“: Се втурнавме во вртлогот на она што најдобро знаеме да го правиме

Маргарита Арсова на отворањето на 22. „Синедејс“ / Фотографија: Стефан Самандов

Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“ годинава се одржува во своето 22. издание во терминот од 13 до 18 јули под слоганот „Муви најт“. Најавени се околу 40 проекции што ќе се одржат на локации во и околу Младинскиот културен центар, како и на локации во Кинотеката.

На екипата што го реализира фестивалот најпрецизни координати им дава Маргарита Арсова, која со своето искуство одлично ги познава работите однатре, а многу прецизно ги сецира и случувањата што се поврзани со ресурсите на МКЦ.

Фестивалот „Синедејс“ малку го менува форматот и место распостилање низ цело Скопје се фокусира на синематските точки, како МКЦ и Кинотека. Која е причината за таквиот прераспоред?

– Најголемата причина е скратувањето на буџетот. Оваа година, по сите перипетии, премрежија, турбуленции, стресови кои се збија во многу кратко време и буквално не растресоа, решивме да си ги „пружиме нозете, онолку колку што ни дозволува чергата“. Буџетот на „Синедејс“ е скратен за 80 отсто. Најлесно ќе беше да кренеме раце и да кажеме: Нема фестивал!

Но, публиката од нас очекува, а ние сакаме да ги пресретнеме тие очекувања. Направивме напори, ја спакувавме програмата на помалку локации со помалку наслови, кои се исто, да не заборавиме, најактуелните наслови од изминатата година од светските фестивали и програма директно увезена од Кан.

Што се однесува до годинашните локации, публиката и онака природно гравитира кон МКЦ, додека Кинотеката ни е наш соборец сите овие години, така што беше и логично да бидеме фокусирани токму таму.

Зошто киното „Милениум“ не е вклучено во програмите на „Синедејс“?

– Бидејќи не функционира. Идејата беше, постпандемиски, да го вратиме фестивалот онаму каде што припаѓа – во киносалите. ДСП-проекторот на киното „Милениум“ е нефункционален и расипан од јануари 2023. Во моментов, киното работи со „позајмен“ дигитален видеопроектор од МКЦ, што се амортизира и исто наскоро ќе биде неупотреблив. Не наидовме на слух во Градот да се обезбеди нов кинопроектор и комплетно да се реновира салата. Што ќе се случува понатаму, не е во наши раце.

Киното „Милениум“ не само што е едно од двете киносали во главниот град на нашата држава, туку е членка на престижната мрежа „Еуропа синемас“ од 2012 година, воедно и домаќин на многу домашни филмски фестивали. Сега имаме главен град без репрезентативна киносала, а богами и концертна.

Опстојувањето и континуитетот на фестивалот се должи најмногу на ентузијазмот и на посветеноста на екипата на МКЦ. Каков беше влогот во организацијата на годинашното издание?

– Дадовме сѐ од себе, повторно се втурнавме во вителот на она што најдобро знаеме да го правиме: да не седиме и се жалиме. Имавме големи предизвици, вложивме дополнителен труд и напор за повторно да се вратиме во игра. Се трудиме како тим, како екипа да се издигнеме над дневното, над партиско – политичкото превирање за да истраеме, бидејќи МКЦ постои веќе 50 години и има видено многу.

Следи убава година со прекрасни настани, доаѓа и „Здраво млади“ и театарскиот фестивал МОТ, суперпремиери и концерти помеѓу и на крај ќе наздравиме и за новата година и ќе видиме што таа ќе донесе. Се надеваме дека ќе биде многу подобра од изминатата.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 187, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.7.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот