Разговор со Јана Коцевска, основачка на „Тиииит! Инк“: Може ли да зборуваме за менструација? Ама погласно

Денес зборот табу најчесто се поистоветува со отсуство од јавниот дискурс или пак тема за која ретко се говори јавно. Во таа смисла може да кажеме дека темата за менструација е табу-тема за која ретко се зборува во јавноста.

Наша согововорничка е Јана Коцевска, основачка на „Тиииит! Инк“ и организаторка на фестивалот „Прво па женско“. А темата на разговорот ни е – менструалниот циклус, односно менструацијата. Рековме нешто погрешно? Се разбира, не.

„Тиииит! Инк“ во партнерство со „Реактор“, истражување во акција, започнаа со истражување за состојбата со менструалната правда во нашата земја. Целта на истражувањето е да ни даде сеопфатна слика за повеќе аспекти од менструалниот циклус и тоа, достапност до продукти, менструални искуства и практики (стигма, срам, менструални болки) и услови за одржување на менструална хигиена, проценка на индивидуалните месечни трошоци за санитарни производи…

Време е работите да ги именуваме со вистинското име и да си продискутираме најотворено на една најнормална тема. Менструација.

Верувам дека менструацијата отсекогаш била политичко прашање, но ретко кога се перцепирала на тој начин. Фотографии:Дарио Секуловски

Дали менструацијата е сè уште табу?

– Ако се осмелиме да го поедноставиме концептот за табу, би можеле накусо да кажеме дека се поистоветува со симболичко претставување на опасност, симболичка нечистота, нешто што треба да се изолира, да не се допира до предмети кои спаѓаат во доменот на светото и опасното. Како и денес, така и во некогашните архаични општества, адолесцентниот период бил регулиран низ низа обреди. Овие симболички ознаки биле причина за регулирање на социјалните норми, една меѓу нив била и таа девојките да бидат изолирани од средината за време на менструацијата, вообичаено во шумски колиби наменети само за тоа. Денес, како рецидив во некои култури сè уште се среќава практикување на такви норми. Во многу култури во светот менструацијата била, а некаде и сè уште e табу. Во некои делови на Индија девојките сè уште го поминуваат менструалниот период надвор од селската заедница во мали колиби наречени „гаокор“. Во локалниот контекст неретко среќаваме примери за неодење во црква за време на менструалниот период и слично. Тоа е навистина еден комплексен симболички систем длабоко врежан и неоткинлив од целокупното живеење, проследено со религиозните практики. Во секој случај, интересно е дека оваа физиолошка појава претставувала табу, била регулирана со ритуал и била причина за воспоставување норми. Денес зборот табу најчесто се поистоветува со отсуство од јавниот дискурс или пак тема за која ретко се говори јавно. Во таа смисла може да кажеме дека темата за менструација е табу-тема за која ретко се зборува во јавноста.

Има ли висока стапка на менструална сиромаштија во нашата земја, и што точно значи тоа?

– Согледувајќи ја состојбата со високиот процент на сиромаштија во оваа земја, во моментот би можеле само да претпоставуваме. Основните потреби во домаќинството како храна, режиски трошоци и лекови, тешко ги менаџираат голем број граѓани. По таа логика набавката на производи за одржување на менструална хигиена за некои жени претставува луксуз. Пред точно еден месец Државниот завод за статистика на РСМ објави податок за 2019 година дека во Македонија вкупно 455.600 лица или 21,9 % живеат во сиромаштија. Нешто повеќе од половина од овие лица се жени, така што може да зборуваме за бројка од над 230 илјади жени, кои би имале потешкотија да набават средства за менструална хигиена, изземајќи го секако бројот на оние жени кои немаат менструација. Во последнава година овој процент е сигурно многу поголем, земајќи ја предвид ситуацијата со пандемијата предизвикана од ковид-19, при што секојдневно следиме дека од април веќе постојано се зголемува бројот на невработени лица во земјава. Точно 445.020 жени во земјава се вбројуваат во неактивно население. Со оглед на тоа дека процентот на неактивно население во државата е поголем кај жените за двапати отколку кај мажите, станува збор за сериозна бројка на граѓанки што се вбројуваат во категорија домаќинки и кои не располагаат со сопствена заработувачка. Сите овие статистики се некој индикатор преку кој можеме да претпоставиме дека постои огромна бројка на жени во Македонија кои се соочуваат со менструална сиромаштија. Покрај материјалниот аспект, односно, недостатокот на средства за хигиена, терминот менструална сиромаштија се поврзува и со недостаток на пристап до информации за соодветно справување со менструацијата. Информациите за овие теми долго време се претпоставува дека ги добиваме од семејството, но тоа не е така. Овие теми во семејствата најчесто се премолчуваат.

Спроведувате истражување насочено кон менструалната правда, да ни објасните што се подразбира под менструална правда?

– Верувам дека менструацијата отсекогаш била политичко прашање, но ретко кога се перцепирала на тој начин. Како физиолошка појава таа е поврзана со репродуктивната функција, инаку често регулирана со политиките за јавно здравје, кои често се спроведуваат без претходни истражувања и се иницирани од политики во корист на национален интерес наместо добра здравствена политика. Менструацијата ретко кога била земена предвид во однос на подобрување на јавното здравје, пред сѐ кај младите девојки и девојчињата за достоинствено да ги менаџираат своите хигиенски практики, туку згора на тоа тие се принудени да чувствуваат срам, негодување, потоа никој да не ги сфаќа сериозно болките предизвикани од менструацијата, кои често спречуваат непречено функционирање во секојдневието. Менструална правда или менструално достоинство подразбира ослободување од стигмата поврзана со менструацијата, подразбира достоинствено крвавење, без срам и криење тоа некој да го види, без да мора да се срамиме ако ни протече на облеката, без да се срамиме во продавница кога купуваме влошки и тампони, и конечно достоинствено да можат да ги имаат неопходните продукти за да одржуваат менструална хигиена. Во 2015 година индијката Рупи Каур (позната поетеса, н.з) на својот профил на социјалната мрежа Инстаграм објави фотографија на која се гледа дамка од менструална крв на нејзината пижама, која заради наводно отстапување од правилата за објавување на фотографии – Инстаграм ја брише. Рупи Каур повторно ја објавува и го изразува својот револт заради оваа мизогина одлука за цензура на менструална крв.

Кого вклучивте во истражувањето?

– Истражувањето е предвидено да даде сеопфатна слика за повеќе аспекти од менструалниот циклус и тоа, достапност до продукти, менструални искуства и практики, првата менструација, меѓутоа сакаме да согледаме и аспекти кои предизвикуваат стигма и срам, потоа исто така ни е важно да дознаеме повеќе за тоа како оние кои имаат менструација се справуваат со менструалните болки, па до тоа какви услови за одржување на менструална хигиена имаат тие во домот и училиштата, на работното место и во јавните тоалети. Прашалникот е наменет за сите граѓанки и граѓани, и не исклучува никој во однос на родов идентитет. Навистина сакаме да дознаеме и ставови и знаења поврзани со прашањето освен што сакаме да дознаеме за искуствата.

Досега што покажуваат резултатите од истражувањето?

– Резултатите од истражувањето ќе бидат објавени во студија, која, во план е, да биде завршена во март 2021 година. Наодите и податоците од ова истражување ќе служат за изготвување на сеопфатна студија за пристапот до менструална хигиена во Македонија, која ќе ја отвори дискусијата за менструална правда во јавната сфера. По промоцијата на оваа студија, ќе следи национална кампања за подигнување на свеста за потребата од пристапна менструална хигиена, како и намалување на менструалната сиромаштија во оние места каде што е најпотребно. Како резултат од изготвување на оваа студија ќе произлезат препораки и пакет-мерки за унапредување на пристапот до средства за одржување на менструална хигиена, за кои ќе застапуваме да се усвојат во Националната стратегија за сексуално и репродуктивно здравје за периодот во наредните 10 години.

Дали вашето истражување ги потврдува податоците од ланската година според кои само 10 отсто од жените во Северна Македонија имаат услови за одржување на менструална хигиена на работа или во училиште, и која е причината за ваков страшен процент?

– На нашето истражување претходи она на Новинари за чоекови права во соработка со Институтот за јавно здравје, кои го спроведоа во пролетта 2018 година. Според тоа што успеав да го прочитам во нивната публикација, истражувањето е направено во три града во земјата и тоа Куманово, Велес и Скопје со вкупно 800 испитанички од 14-45 годишна возраст. Допрва ќе ги дознаеме резултатите од нашето истражување. Во секој случај се радувам дека сè повеќе се отвора дискусијата во јавноста. Има повеќе иницијативи кај нас кои дистрибуираат информации, поттикнуваат млади да размислуваат за менструалната правда е дејствуваат во насока на подобрување на состојбите. Едни од поактивните во тоа се девојките кои стојат зад Period. The Menstrual Movement Skopje. Сметам дека во иднина е потребно здружено да се застапува за ова прашање со цел да се влијае на политиките во правец на унапредување на состојбите.

Дали ни се неопходни менструални едукатори?

– Веќе со децении во оваа земја недостасува сеопфатно сексуално образование, и еве конечно се направи исчекор по тоа прашање. Пилот-програмата која во моментот се спроведува во четири училишта во Скопје и Тетово, благодарение на упорноста на здружението ХЕРА, опфаќа повеќе компоненти, во една од кои е содржана едукација за сексуално и репродуктивно здравје, кое ја опфаќа и темата за менструација. Ова треба да се изучува еднакво и кај момчињата и кај девојчињата и се надевам дека што поскоро ќе се воведе како задолжителна програма во образовниот систем.

Менаџирањето на менструалниот циклус со цел намалување на менструална сиромаштија е тема која се спомнуваше во последните години, за жал, без да се постигнат конкретни резултати. Постоеше иницијатива за намалување на данокот на хигиенските женски производи, како што се влошките, до каде сме на оваа тема и како е во другите европски земји? 

– Во неколку земји полека се отвораат процеси кои опфаќаат воведување на разни мерки со цел справување со менструалната сиромаштија. Неодамна во медиумите беше објавена веста за Шкотска како прва држава во светот која после 4-годишен застапувачки процес од страна на граѓански организации и претставнички во шкотскиот парламент успеа да усвои легислатива со која ќе се обезбедат бесплатни средства за одржување на менструална хигиена, најпрво за оние на кој им е најпотребно, а особено ќе се работи на тоа да се обезбедат вакви средства во сите образовни институции. Во Америка од вкупно 52 земји, само во 21 земја беше претставен нацрт закон кој имаше за цел да го намали данокот за менструални продукти. Во моментот само во 3 земји во САД е усвоен законот и тоа Вашингтон, Мејн и Јута. Исто така Нов Зеланд, Канада, Франција и Индија се неколку од земјите каде прашањето е доста актуелно. Кај нас дискурсот е сè уште во рамки на невладиниот сектор. Се надеваме дека прашањето ќе се издигне на институционално ниво и дека во скоро време ќе се пројави интерес за промена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот