Разговор со Ирена Димовска-Митревска, вокална солистка на групата „Код 369“: Сега повеќе сме свртени кон себеси
Стиховите на Ирена Димовска-Митревска често ги одразуваат универзалните човечки вредности, љубовта како движечка сила, личниот раст и потрагата по најдобрата верзија на себе, а сето тоа е вкомпонирано во музиката на „Код 369“.
Препорачано
Битолската група „Код 369“ постигнува извонреден успех на регионално ниво во последниве неколку години. Оваа година беше во знакот на нивниот втор албум „Меѓу ѕвездите“, кој имаше и домашна и регионална промоција, а за искуствата зборувавме со вокалната солистка на бендот Ирена Димовска-Митревска.
Годинава што изминува беше во знакот на вашиот втор албум „Меѓу ѕвездите“, кој е објавен од „Кроација рекордс“. Каде го презентиравте албумот со концерти во живо и колку сте задоволни од реакцијата на публиката?
– Албумот го промовиравме на повеќе фестивали и на наша голема радост секаде беше прифатен со задоволство и пофалби, како за материјалот така и за самиот концерт. Публиката не ги криеше чувствата што им ги предизвика музиката и начинот на кој беше изведена. Од концертите си заминуваа инспирирани од истовремената сензуалност и моќност на музиката, а некои од нив и си ја потпевнуваа мелодијата што останала со нив по завршувањето на концертот.
Од фестивалите ќе ги издвојам „Скопски градски фестивал“ во Македонската филхармонија на вечерта што беше посветена на звуците на „Кроација рекордс“ во Македонија, „Џез фактори фестивал“, кој со своите извонредни интернационални гости ја заживува Битола во звуците на џез-музиката, а снимката од концертот имавме можност да ја погледнеме минатиот месец на МРТ1, и „Бит фест“ на кој концертот го одржавме на сред Широк сокак и претставуваше подарок од нас за сите граѓани и посетители на Битола.
Сепак, двете официјални промоции се случија во Битола во прекрасната историска „Магаза“, простор на НУ Завод и Музеј Битола, и во култната „Аудиокултура“ во Скопје. На промоциите покрај концертот имаше и изложба на омотите на шесте албуми што досега ги имаме издадено, односно, четирите на „Памперс“ и двата на „Код 369“.

Какво значење за стабилноста и за континуитетот на работата на групата дава фактот што албумите ги објави „Кроација рекордс“?
– Ние како бенд, пред сѐ, сме посветени на музичкиот израз и на човечкото чувство во создавањето и изведбата на музиката што може, а и не мора задолжително да е комерцијална. Потврдата за квалитетот на она што го работиме од страна на најголемата издавачка куќа во целиот регион е големо признание за нас. Од нив имаме постојана поддршка и поттик за она што го работиме.
На овој начин ни се отвори патот до повеќе меѓународни фестивали, многу телевизиски канали од регионот ги емитуваат нашите видеозаписи и, исто така, добивме поголема видливост на нашата музика од страна на релевантните музички критичари од регионот. На наше големо задоволство, покрај позитивната реакција од публиката, и критичарите исто така за нашата музика и концерти имаат само пофални зборови и осврти поткрепени со големо познавање на музиката и на модерното музичко творештво.
Кои се кохезивните сили внатре во групата, односно на кој начин размислувате и дејствувате внатре во групата?
– Она што нѐ врзува сите нас е, пред сѐ, љубовта кон музиката. Чувството на исполнетост и комплетност кога нешто добро звучи, а кое особено се доживува на сцената и ги поврзува луѓето што музицираат заедно на едно сосема ново ниво. Кога сме на проба во студио секогаш владее убава атмосфера на креација и спокој.
Музичката и менталната зрелост ни овозможува да уживаме во секоја фраза, премин и риф на колегите. Сите ние имаме различни карактери, но „Код 369“ е планетата на која сме сите исти. Меѓу нас, исто така, постои и долгогодишно другарство и нема да претерам кога ќе кажам дека колегите од бендот ми се фамилија, а гитаристот ми е најблиска фамилија, односно сопруг.

Автор на музиката за сите песни на албумот е Даниел Митревски, кој е и продуцент, додека текстовите се твои. Како се раѓа една песна?
– Најчесто Даниел ја поставува основата. Тоа го прави посветено со многу внимание на деталите и речиси секогаш во мир и тишина, без ништо од надворешниот свет да му го одзема вниманието. Потоа сите ние украсуваме и придонесуваме со сопствениот печат. Аранжманите ги правиме заедно, односно Даниел, Гоце и Иле.
Кога ќе ја поставам мелодијата на пеењето, зборовите некако природно и логично се нижат, никогаш не поминувам часови смислувајќи го соодветниот збор, го чекам тој самиот да дојде кај мене. Кога имавме помалку обврски споредено со сега и поминувавме по цели денови во студио, многу често процесот на пишување музика, мелодија на пеење и текст се случуваше симултано и тоа е прекрасен дар за сите што се вклучени во процесот.
Звукот на албумот балансира помеѓу алтернативното изразување и комерцијалната прифатливост. Какви пораки носат песните на „Меѓу ѕвездите“?
– Песните на новиот албум „Меѓу ѕвездите“ се во најголем дел интроспекција. Ако во „Stages of Love“ зборувавме за стадиумите на љубовта односно меѓучовечките односи – како тие се развиваат, се продлабочуваат и кулминираат, сега повеќе сме свртени кон себеси. Со овој албум се допре самата есенција на човековото битие, творештвото во креативната осаменост и изолираност и потребата да се поврземе. Присутен е и начинот на кој блиските луѓе нѐ гледаат нас и ние ги гледаме нив. Тука е и потребата да се поврземе со својата духовност, како и желбата да ја избришеме секоја душевна болка од нас самите и од сите луѓе.

На албумот има песна создадена во соработка со Мила Влаисављевиќ. Кои се другите соработници?
– Со синглот „Конкретно“ ја најавивме оваа календарска година. Соработката со Мила беше искрена и убава. Музиката за оваа песна е на Даниел, а пишувањето на текстот ѝ го отстапив на Мила, која направи еден искрен наместа шеговит текст за денешните машко-женски односи и отсуството на конкретност кај спротивниот пол. Песната си го најде патот до срцата на сите девојки и жени кои сакаат посветеност од своите партнери.
Покрај членовите на „Код 369“, наши драги соработници се Славко Ристевски – „Про саунд студио“, кој ни го работеше мастерингот за албумот, и Дејан Трајчевски – „Ендорс медија“, кој ни ги работи сите спотови на „Код 369“, вклучително и најновиот за „Кад сам се заљубила“. Се разбира, наши најблиски соработници се Владимир Мандичевски – Манде од „Баги комуникации“ и Амир Бахтијаревиќ – Баба од „Баба продукција“, кои нѐ претставуваат во Македонија и во регионот.
Какви се понатамошните планови на групата?
– Ни претстојат неколку концерти до крајот на годината од кои првиот е во македонскиот Културно-информативeн центар во Софија. Во понеделник најавена е премиера на нашата божиќна песна на телевизиските канали и социјалните медиуми на „Кроација рекордс“. За наредната година се планирани две соработки со наши драги колеги кои се исклучителни во она што го работат.
Се разбира ќе има посветена студиска работа која кај нас се одвива во континуитет, како и многу концерти и фестивали на коишто понатаму ќе го носиме и претставуваме звукот на нашите албуми. Исто така, планираме да снимиме и видеозаписи од веќе презентираниот и од нов материјал.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 311, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.12.2025)


