Разговор со Горан Костовски – Индог: Цело време романтизирам дека светот и луѓето ќе се променат

Графичкиот дизајнер и арт-директор Горан Костовски – Индог (www.indog.info) не мируваше во изминативе неколку месеци на карантин и во изолација, туку активно ги прифати предизвиците на „новата нормалност“.

Графичките дизајнери кај нас, но и во светот, особено беа инспирирани од глобалната состојба предизвикана со пандемијата на ковид-19 и со графички решенија испраќаа пораки за почитување на мерките на самозаштита и за спречување на ширење на вирусот.

Македонскиот дизајнер Горан Костовски – Индог веќе 20 години е дел од графичката сцена, а 10-ина години својата креативност ја изразува преку брендот „Селебрејт лајф“ (Celebrate Life). Особено е активен и во времето на корона, а покрај 30 нови илустрации го активираше и својот поткаст со 21 нова епизода.

На колку проекти работеше во изминативе два-три месеци?

– Изминативе 10 години комплетно ме инспирираат општествените случувања, па така и оваа состојба роди кај мене еден супер нов проект/концепт. Самоизолацијата отвори поемотивна страна на приказната и на луѓето им пренесов малку помотивирачки илустрации за себераспознавањето и запознавањето со намера да не бидат толку сурови кон себе и да се посветат на својот личен развој. Факт е дека кај мене и многумина други се јавија анксиозни напади, загриженост за иднината, работата и што ќе биде понатаму, но животот е вреден за живеење и покрај тоа што сме во самоизолација.

Ептен сум радосен што некои од илустрациите беа објавени како дел од глобалната кампања #helpbydesign на уметничкиот директор на „Кока-кола“, Џејмс Сомервил. Пријатно изненадување беше објавувањето и тагот на мојот Инстаграм-профил да се прочита од него и неговиот тим дека моите илустрации комуницираат со поинаков и уникатен стил и дека се изразувам безвременски, но и дека знам да пренесам одредена порака. Илустрациите беа објавени како дел од кампањата на ОН за пандемијата на ковид-19.

Со интересна анимација беше дел и од проектот „Култура во време на корона“ на Град Скопје. На кој начин се оствари соработката?

– Тоа беше супер проект и навистина ми е драго што бев дел од тоа, бидејќи опфати секакви уметности. Имаше јавен повик и, колку што знам, ептен голем интерес. Секако, покрај супер програмата имаше за цел и да ни помогне нам, на невработените. Јас сум фриленсер во изминативе пет години и некако дизајн проектите престанаа наеднаш и навистина е убав гестот што градот се сети да им помогне на уметниците. Се надевам дека ова ќе биде почеток на убава традиција со културни настани на нови локации и поддршка на независните уметници, посебно во овие кризни времиња.

Живееме во време на физичка дистанца, но и потреба од социјална солидарност. Што треба да научиме од тоа што сега како цивилизација ни се случува?

– Некако цело време романтизирам дека светот и луѓето ќе се променат и дека ќе станеме поодговорни за себе, природата, живите битија, дека ќе разбереме што значи животот, емпатијата, солидарноста и одговорноста да си човек. Во мојот мал круг се случија промени и ептен сум среќен што сум опкружен со прекрасни свесни луѓе. Човечки е да се греши и да се учи, погрешно е да мислиш дека сите треба да се сменат, а ти да останеш ист!

Човечки е да се греши и да се учи, погрешно е да мислиш дека сите треба да се сменат, а ти да останеш ист!

За некои професии пандемијата на коронавирусот отвори повеќе предизвици од закани. Какви беа твоите предизвици?

– Ух, јас влегов во неколку предизвици, дури бев опседнат да посетувам што е можно повеќе предавања, бидејќи ова беше моментот кога целиот свет застана, а ние никаде не брзавме. Но тоа траеше само неколку недели, бидејќи темпото беше преголемо да се издржи, но супер се освестив и решив да се пренасочам на тоа што навистина сакам да го правам. Така и по повеќе од 12 години се вратив во етер, меѓутоа во форма на поткаст. #CelebrateLifePodcast може да се слушне на www.anchor.fm/indog и е новата секција на мојот DIY (Do It Yourself) проект. Од март до сега снимив 21 епизода со супер гости, вистински прекрасни борци низ секојдневието, ептен им фала! Поткастот периодов третираше повеќе теми и дискусии за менталното здравје и како се живее низ пандемијата, а ќе продолжи да се развива во таа насока со 40 до 60 минути вистинско уживање. Проверете нѐ, ептен уживав во сите епизоди!

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 35, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 13-14 јуни 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот