Разговор со Дуке Бојаџиев: Заедно создаваме нешто што е навистина вредно да се сподели

Дуке Бојаџиев, композитор, продуцент и пијанист / Фотографија: Стивен Крафорд

Тројца врвни македонски музички уметници Дуке Бојаџиев (композитор, продуцент и пијанист), Крсте Роџевски (вокал и гитара) и Исмаил Лумановски (кларинет), кои со години живеат надвор од Македонија, на 16 и 17 февруари ќе имаат заеднички концерти во Скопје.

Извонредниот талент на Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски одамна ја има својата потврда на светската музичка сцена, а нивните имиња се запишани и зад едни од најраскошните, маестрални концертни доживувања кај нас. Покрај меѓународниот успех и соработки, како музички уметници и автори нив ги поврзува безвременската димензија на музиката што ја создаваат со фантастичен сензибилитет и оригиналноста во нивните беспрекорни изведби.

Со Дуке Бојаџиев разговаравме за претстојните концерти, но и за креативната хемија што ги спојува овие тројца врвни музичари.

Најавивте голем концерт на 16 февруари, кој ќе има и втора изведба на 17 февруари, во Филхармонија заедно со Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски. На чија иницијатива повторно се собирате за заеднички настап во Скопје по девет години?

– Во септември минатата година бев поканет од „Македонија 2025“ да направам специјален концерт за нивниот годишен настан во Чикаго. Бидејќи долги години немав настапено со Крсте и Исмаил заедно, а и двајцата се во Америка, ова ми се виде како прекрасна можност да ги поканам на заеднички концерт. Тој концерт, кој помина феноменално, ни ги освежи сеќавањата и инспирациите што ни доаѓаат кога работиме заедно, бидејќи создаваме една уникатна музичка комбинација, која и нам и на публиката ни претставува вистинско уживање. По тој инспиративен настап им предложив да направиме заеднички концерт во Македонија. Оваа иницијатива ја разбуди кај сите инспирацијата повторно да се собереме, бидејќи почувствувавме дека заедно создаваме нешто што е навистина вредно да се сподели.

Исмаил Лумановски, Дуке Бојаџиев и Крсте Роџевски

Кога и каде претходно сте настапувале заедно?

– Со Исмаил веќе 20 години редовно работам, од концерти до филмска музика, албуми, музика за ТВ, ми се чини нема поле во музиката на кое немаме соработувано. Имаме заедно настапено многупати низ годиниве, со концерти низ Америка, Европа и, секако, во Македонија. Имаме свирено во многу констелации, од дует со пијано и кларинет, до концерти со Филхармонија. Од „Карнеги хол“ во Њујорк до Антички театар во Охрид.

Со Крсте, со кого сум, исто така, пријател повеќе од 20 години, музичката соработка ја почнавме со моето албумско издание „Љубовта е патот (Love is the way)“, на кое тој пееше на повеќе композиции, па продолживме со настапи низ Њујорк, ми беше гостин во „Карнеги хол“ во 2011 година и во Македонија на концертите во 2015 година. Исто така, неговиот глас беше присутен во моите филмски музики за „До балчак“ на Столе Попов и „Војната заврши“ на Митко Панов. Мојот втор концерт во „Карнеги хол“, на крајот на 2015 година, ни беше последниот заеднички настап.

Секој од вас има посебен сензибилитет, изграден и препознатлив стил на музицирање. Која е збирната точка на трите сензибилитети?

– Тешко е да се дефинира тоа вербално, музиката е често апстрактна за вербализирање. Секој од нас еволуирал со свој уникатен музички стил, но кога трите ќе се спојат се создава нешто комплетно различно од она што секој од нас посебно го работи. Таа фузија од нашите енергии создава нов музички израз што ги носи корените на нашиот фолклор, но на еден уникатен начин, во кој е слеано и целото наше животно искуство кое ги изградило нашите перцепции за музичка естетика. За нас е посебно емотивна оваа музичка средба после пауза од девет години, бидејќи навистина уживаме во заедничкото музицирање.

Планираа еден, ќе одржат два концертa во Филхармонија

Каков репертоар е планиран за концертите во Филхармонија?

– За овие концерти за публиката подготвивме комбинација на авторски композиции и преработки на македонска изворна музика, во едно ново оригинално издание, со модерна аранжманска структура и интимна атмосфера. Ќе слушнеме и некои мои композиции што оригинално ги имам снимено со Исмаил и Крсте, како „Танго до балчак“, „Дојди“ и теми од моето албумско издание „Љубовта е патот“.

Клучна локација во развојот на заедничката соработка е Њујорк. Колку во суштина далечината (од Македонија) ве зближи?

– Мислам дека далечината не е пресуден фактор, за креативна соработка најмногу те зближува сензибилитетот и музичкиот вкус. Њујорк нѐ спои како локација на која се запознавме, ретко и уникатно место на планетава. Македонија, како наш заеднички корен, секако, нѐ зближи на почетокот и постави еден темел на македонски изворни музички влијанија, но за да дојде до ваква длабока соработка треба многу повеќе. Крсте и Исмаил колку ми се соработници толку ми се и блиски пријатели со кои повеќе од 20 години се дружам и редовно комуницирам. Мислам дека таа уникатна и креативна хемија меѓу нас се чувствува и во нашата музика и во нашата појава на сцената.

Крсте и Исмаил сѐ уште се таму (Њујорк). На кој меридијан и со која фреквенција сега функционира Дуке Бојаџиев?

– По речиси 20 години поминати во Њујорк, малку се презаситив од таа динамика и темпо, па во потрага по нови инспирации се преселив со мојата фамилија во Европа. Прва дестинација ми беше Франција, каде што останавме две години. Следно беше Шпанија, каде што уште две години навистина ја уживавме убавината на таа земја и нивната прекрасна култура.

Последниве месеци сум во Лисабон, Португалија. Немам видено никаде низ Европа толку многу култура и културен народ на едно место. Мојата постојана потрага по инспирација ми го дава драјвот за сите овие авантури и секаде каде што живеам ја ширам македонската музичка култура, бидејќи тоа е нашето најголемо богатство што можеме да го експортираме низ светот, уметноста и креативноста.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 216, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4.2.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот