Разговор со Дуда Хаџихасан, флористка и основачка на „Цветен бар“: Каранфилот е чувар на бракот, лалето носи радост

Фото: Приватна архива

Меѓународниот ден на жената е светски празник што се одбележува секоја година на 8 Mарт. Ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.

Останало во традиција да се подарува цвеќе на овој ден на жените што имаат посебно значење во нашите животи. Со цвеќето како подарок за 8 Март, но и воопшто како подарок за кој било друг ден или повод може да покажете љубов, почит или благодарност.

Фото: Приватна архива

Концептот на подарување цвеќе со симболично значење постоел уште од античките времиња, но популарноста на изразување чувства и емоции со помош на цвеќињата и нивните бои, својот врв го достигнува во западниот свет во времето на Викторијанската ера.

Да се знае значењето на различните видови цвеќе е суштински чекор доколку сакате да направите романтичен или пријателски гест што секогаш има неоспорен шарм.

Фото: Приватна архива

По повод денешниот ден се советувавме со Дуда Хаџихасан, професионална флористка, која поголемиот дел од денот го поминува во создавање уникатни цветни аранжмани притоа грижејќи се за голем број видови салонски растенија во својот „Цветен бар“ („Flower Bar“ – flowers & gifts).

Дуда ни ја открива симболиката на најподаруваните цвеќиња на Денот на жената.

Розата е симбол на љубов и благодарност

Розата е цвеќе што е најчест избор за подарок на Денот на жената. Покрај прекрасниот мирис овој цвет ја симболизира љубовта и благодарност кон личноста на која ѝ подарувате букет рози или само еден цвет. Посебна симболика носи бојата на розите кои ги подарувате.

Фото: Приватна архива

Црвените рози се симбол на љубов и романтика, а притоа означуваат убавина и совршенство. Исто така, подарувањето црвени рози може да значи и признание за нечиј успех и искажување почит.

Розите со бела боја претставуваат симбол на верност и почитување. Симболизираат елеганција, отменост и префинетост, а често се подаруваат и како израз на восхитеност.

Жолтите рози означуваат богатство, бујност и изобилство. Во викторијанското време биле симбол на љубомора, а денес означуваат пријателство.

Розовата роза покажува благодарност и среќа.

Орхидеја е симбол на убавината

Егзотичен цвет со исклучителна убавина, кој ќе ја одушеви секоја жена. Орхидејата е симбол на љубовта, убавината и плодноста. Симболизира софистицираност, мудрост и шарм.

Фото: Приватна архива

Се верува дека орхидејата симболизира и деликатна убавина, восхит и префинетост, така што ако одлучите да подарите орхидеја со сигурност ќе предизвикате радост и кај личноста која ви е особено драга. Во древна Кина, овој цвет се сметал за симбол на плодноста.

Лалето носи радост

Осми март е одличен повод да подарите букет со лалиња. Ова цвеќе ја симболизира пролетта, сонцето и радоста. Исто така, се верува дека означува и совршена љубов. Денес лалињата се достапни во најразлични варијанти кои се разликуваат по боја, густина и форма на ливчиња. Овој прекрасен цвет цути само 3-7 дена во текот на пролетта.

Фото: Приватна архива

Различните бои на овој цвет имаат различно значење: црвеното симболизира искрена љубов, виолетовото верност и приврзаност, а белото лале барање прошка.

Фото: Приватна архива

Лалето некогаш било најскапиот цвет. Во 17 век чинело 10 пати повеќе од просечната заработувачка во Холандија. Временскиот период кога цените на лалињата биле највисоки е познат како „Тулипоманија“ и траел од 1634 до 1637 година.

Фото: Unsplash

Каранфилот е чувар на бракот

Овај интересен цвет повторно е популарен, поради единствениот изглед, но и поради симболиката која ја носи. Се верува дека ја искажува страста. Некогаш на овие необични цветови им се препишувала и магична моќ.

Фото: Приватна архива

Поради тоа, сопружниците си подарувале еден на друг каранфили, кои би биле чувари на нивната љубов и клуч на радоста во бракот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот