Разговор со д-р Маја Врчаковска, интернист-кардиолог: Брзите диети се погубни, лекот е во трпението, храната и физичката активност

pixabay

Кога човек не јаде, оганизмот „мисли“ дека гладува и ја намалува потрошувачката на енергија со цел да се зачуваат калории.

Сè додека епидемијата од дебелина и прекумерна телесна тежина не се сфати сериозно на глобално ниво, во опасност сме да загубиме многу од придобивките и напредокот во лекување на кардиоваскуларните и другите хронични болести.

На тема дебелина како болест, разговараме со д-р Маја Врчаковска, интернист-кардиолог во Центарот за внатрешни болести „Срце“.

д-р Маја Врчаковска: Често поимот „диета“ луѓето го поистоветуваат со гладување т.е. смален внес на калории и најчесто прескокнување на оброци. Гладувањето со цел загуба на телесна тежина може да биде контрапродуктивно, може да доведе до прогресија на дебелината.

Зошто дебелината денес се смета за болест? Како таа влијае на нашето тело и врз здравјето?

 – Дебелината и прекумерната тежина, особено стомачниот тип на дебелеење, доведуваат до таканаречен метаболен синдром, проблем со кој ние лекарите секојдневно се соочуваме. Всушност, исто е дали еден човек е дебел или има прекумерна телесна тежина со поголем обем на стомакот и тоа > 102 см кај мажите,  >88 см кај жените. Стомачниот тип на дебелина се смета дека има клучна улога во појава на метаболен синдром. Се смета дека 46% од луѓето со стомачен тип на дебелина ќе развијат метаболен синдром во наредните пет години. Метаболниот синдром е збир од повеќе состојби – покачен шеќер во крвта, зголемени масти околу стомакот, покачени маснотии во крвта и/или покачен крвен притисок, кои заедно го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни заболувања, дијабетес, а последиците од овие болести се инфаркт, мозочен удар, бубрежна слабост итн. Други патолошки последици на дебелината се ноќна апнеа, белодробни болести, карцином (и тоа најчесто на дебелото црево, на дојки, грло на матка, јајчници), рефлуксна болест, проблеми со остеоартикуларен систем (проблеми со колена, колкови, р’бетен столб), камчиња во жолчното ќесе, панкреатитис, гестациски дијабетес (дијабетес во бременост), покачен крвен притисок во бременост, стерилитет и др.

Како се лекува дебелината? Што значи зборот диета? Дали се доволни само смален внес на калории и зголемена физичка активност?

 – Дебелината и прекумерната телесна тежина се третираат со режим на исхрана и физичка активност, а некогаш неопходна е и медикаментозна терапија. Поимот диета всушност означува правилен начин на исхрана кај одредени здравствени состојби како на пример: диета кај дијабетес, диета кај болни од хронично воспаление на панкреасот, диета за хронично воспаление на желудникот. Многу често поимот „диета“ луѓето го поистоветуваат со гладување т.е. смален внес на калории и најчесто прескокнување на оброци. Гладувањето со цел загуба на телесна тежина може да биде контрапродуктивно, т.е. може да доведе до прогресија на дебелината. Често во пракса сретнуваме пациенти кои даваат податок дека откога почнале да „држат диета“ прогресивно ја зголемуваат килажата, или најчесто велат „ништо не јадам, а се дебелеам“.

Кога луѓето почнуваат да гладуваат најпрво доаѓа до загуба на мускулна маса, зашто мускулното ткиво е првата резерва која организмот ја троши при гладување. Потоа се јавува биолошки одговор, кој долго потоа перзистира и доведува до зголемување на телесната тежина. Еден од ваквите биолошки одговори е балансот на енергија. Кога човек не јаде, оганизмот „мисли“ дека гладува и ја намалува потрошувачката на енергија (се намалува базалниот метаболизам) со цел да се зачуваат калории.

Тогаш се јавуваат долготрајни промени во регулаторите на апетитот, кои ја зголемуваат желбата за храна и количината на храна што може да биде консумирана. Се јавува позитивен енергетски баланс и враќање на килограмите, па дури и повеќе од претходно.

Исто така, се намалува искористувањето на мастите како гориво и се зголемува капацитетот на мастите што не биле складирани, да се складираат како резерви.

Дали сметате дека децата имаат доволна и соодветна едукација за здрава исхрана и доволна физичка активност? Кога да се започне со едукација?

Едукацијата почнува од детската возраст, но треба да се поткрене свеста за сериозноста на дебелината како болест и најпрво да се едуцираат родителите и воспитувачите во градинките, училиштата, да се ангажираат дипломирани нутриционисти, кои ќе воспостават стандарди за исхрана. Работната програма на воспитувачите и учителите да вклучува час посветен на нутриционизмот. Најтешко е на родител да му ја кажеш вистината, дека неговото дете е дебело, но ние не би биле лекари доколку не го советуваме и не го соочиме човекот во чии раце лежи клучот за здравјето на неговото дете. Дебелината и прекумерната телесна тежина, особено во вулнерабилниот период – пубертетот, може да остават трајни психички последици како смалена самодоверба, срам, асоцијалност заради исмејување од врсниците. Тука е веќе неопходен ангажман од стручни лица -психотерапевти заедно со родителите или старателите.

Сè додека епидемијата од дебелина и прекумерна телесна тежина не се сфати сериозно на глобално ниво, во опасност сме да загубиме многу од придобивките и напредокот во лекување на кардиоваскуларните и другите хронични болести. Бидејќи малите нешта ја започнаа оваа епидемија, така малите промени во животните навики ќе помогнат да се вратиме назад. Дури и малите промени во животниот стил бараат мотивација, ако луѓето сфатат колку сериозен проблем е оваа епидемија, ќе преземат мерки.

Кои се вашите препораки за здрави животни навики?

– Денот започнете го со млака вода со лимон со цел да го алкализирате телото. Никогаш, ама баш никогаш не го прескокнувајте доручекот, а тој нека биде кралски, со цел да имате енергија до следниот оброк. Не грицкајте помеѓу оброци, а слатките нека не ви бидат секојдневие. Не ја прескокнувајте вечерата. Во неделата одвојте барем пет дена по 30-тина минути за физичка активност, доволно е само брзо одење или велосипед. Викендите или слободното време поминувајте го на чист воздух. Доколку со овие мерки не успеете, побарајте стручен совет од лекар, нутриционист и тренер. Верувајте, секогаш има причина за вашиот неуспех, а тие ќе ви кажат каде грешите. И најважно е да не се откажувате кога сте на режим на исхрана и кога забележувате дека немате брзи резултати. Килограмите сте ги зголемиле за подолг период, па подолг период ќе ви биде неопходен за посакуваниот резултат. Брзите диети се погубни. Трпение, храната и физичката активност нека ви бидат лек.

Во центарот за внатрешни болести „СРЦЕ“ се нудат нутриционистички програми за пациенти со прекумерна телесна тежина. Во тимот при кабинетот за диететика и диетотерапија се вклучени дипломирани нутриционисти, а пациентите се под лекарска контрола, па затоа и успехот е огромен и резултатите се очигледни. Се прави метаболна проценка, а некогаш кога е неопходно и хормонални испитувања и се ординира соодветна терапија и суплементи. Во Центарот за внатрешни болести „СРЦЕ“ тимската работа е клучот за успех.

Центар за внатрешни болести „Срце“

Тел. 02/3217-016, моб. 071/319-208

(комерцијален текст)

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот