Разговор со Биба Додева за албумот „Незаборавни“: Песни со белег на една младост

Вокалната солистка Биба Додева на својот нов албум „Незаборавни“ направи необичен и многу личен пресек на антологиски песни од изминатите четири децении, а нејзиниот потег привлече многу љубители на убавата македонска песна.

Новиот музички проект „Незаборавни“ на Биба Додева е снимен во периодот од јуни 2019 до август 2020 година, а промоцијата се случи пред крајот на септември. Албумот содржи 11 преработки на познати македонски евергрини, како и две бонус ленти од последните два фестивалски настапи на Додева. Во креацијата на албумот Додева соработува со Владимир Дојчиновски – Дојчин, кој ги направил сите аранжмани и адаптации на песните.

Со каков предизвик го направивте албумот „Незаборавни“?

– Предизвикот дојде од две страни. Првата беше да се најде начин како песните што се создадени во четири декади да се сместат во еден проект, кој треба да има свој аранжмански и музички печат, а од друга страна, мене лично како интерпретаторка и пејачка, ми беше предизвик да препеам песни на вокални солистки, како Ана Костовска, Верица Ристевска, Нина Спирова и Маја Оџаклиевска. Целиот проект беше како игра на жица – или ќе биде добар или воопшто нема да го правиме. Токму затоа се чувствуваат енергијата, емоцијата и љубовта со која сакам да ги доловам песните. Нема поголем предизвик од тоа да ги пееш песните на своите идоли, со кои си пораснал.

Имавме тешка задача заедно со мојот пријател и колега Владимир Дојчиновски да ги одбереме песните од 1962 до 2002 година, од огромната македонска музичка ризница. Тоа се песни кои оставиле белег на една младост, една љубов, во едно поинакво време, па токму затоа ни претставуваше голем предизвик, но и голема одговорност да ги преработиме и да оставиме свој печат. На проектот се работеше повеќе од една година, а како гости се јавуваат голем број македонски музичари, но и тројца еминентни гости од регионот.

На кој начин ја направивте селекцијата на песните?

– Изборот го правев според мојот сензибилитет. Не сакам да бегам од себе, бидејќи колку и да имаат свој печат тие антологиски песни, сакав да ги препеам со мојот сензибилитет, а притоа да не ги осквернавам. Со добар аранжман и изведба сакавме да направиме продолжување на нивниот живот. Песните се така селектирани што потекнуваат од различни етапи од животот на сите нас. Песната „Еден бакнеж“ со Нина Спирова е од 60-тите години на минатиот век, „Ти само збориш“ со Верица Ристевска е од 70-тите, „Скопје“ на Влатко Стефановски, „Сребрени улици“ со Маја Оџаклиевска и „Анушка“ со Ана Костовска се од 80-тите години, од 90-тите се „Виолина и гитара“ и „Сонце за три светови“, а албумот завршува со мојата песна „Необичен круг“ од 2002 година.

На албумот соработувате со голем број музичари од македонската сцена, но и со тројца од балканскиот простор. Чија беше идејата за нивниот ангажман во снимањето на албумот?

– Идејата за вклучување голем број музичари на албумот беше на мојот менаџер Владимир Мандичевски-Манде. Како музичари во обработките на некои песни се појавуваат и самите изведувачи на оригиналните нумери, како Коки Јанков на „Виолина и гитара“ или Винко Мишковски на „Сонце за три светови“. Со тоа што сега песните имаат сосема поинакви аранжмани од оригиналните. Покрај македонските музичари, на албумот вклучивме и изведувачи од регионот, како Васко Атанасовски, Танос Ставридис и Стела Темпрели со намера проектот „Незаборавни“ од македонски рамки во следната фаза да премине кон избор на незаборавни песни од целиот Балкански регион.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 53, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 октомври 2020)

Видео на денот