Разговор со Ана Јакимовска од „Калчр трип“: Еколошка кауза за градење фер иднина

Ана Јакимовска на промоцијата на монографијата „Кралот Чарлс Трети: Лидерство и визија на модерен монарх“

На роденденот на Кралот Чарлс Трети, на 14 ноември, британската издавачка куќа „Сент Џејмс“ објави монографија во која се сместени индивидуалци и компании чии визии се совпаѓаат со кралските, а меѓу нив е и скопјанката Ана Јакимовска со нејзината компанија „Калчр трип“.

Лондонската стартап-компанија „Калчр трип“ (Culture Trip), раководена од Македонката Ана Јакимовска, е вброена на листата компании и луѓе што одат во иста насока со визијата на британскиот крал во монографската книга „Кралот Чарлс Трети: Лидерство и визија на модерен монарх“.

Родена скопјанка, Ана Јакимовска повеќе од 20 години живее и работи во Лондон. Пред да ја преземе „Калчр трип“, таа беше на високи функции за развој на дигитален производ во различни медиумски организации, меѓу кои и „Гардијан“, „Би-би-си“, „Канал 4“, „Ај-ти-ви“ и „Скај њуз“. Докторирала на тема вештачка интелигенција и вели дека страсно ја интересира истражувањето за тоа како вештачката интелигенција може да биде позитивен нарушител во општествата.

Монографијата во која има интервју со Ана Јакимовска за дејноста на „Калчр трип“ беше промовирана на 14 ноември во елитниот хотел „Клариџес“ во Лондон по повод 75. роденден на кралот Чарлс Трети.

Кој и на кој начин ја правеше селекција на содржините во монографијата?

– Куќата „Сент Џејмс“, која ја издаде книгата, има долги години партнерство со кралското семејство, а особено во однос на визијата на кралот за модернизирање на монархијата. Од илјадници бизниси во Обединетото Кралство, нивните куратори прават специјална селекција на бизниси кои се совпаѓаат со визијата на Кралот Чарлс Трети според предефинирани критериуми. Бројот на бизниси што се селектирани е многу лимитиран. Интервјуата се правени од кралскиот биограф Роберт Џобсон, кој 40 години соработува со Кралот и кралското семејство.

Интервју на Ана Јакимовска во кралската монографија

Што се подразбира под заеднички визии со Кралот Чарлс Трети?

– Кралот многу години се залага за одржливост (sustainability) и заштита на планетата од негативните промени што се предизвикани од човечки фактори. Неговата дејност е насочена кон поддршка на сите иницијативи и бизниси што во својата агенда ја имаат заштитата на планетата. Втората кауза е поддршка на локалните заедници и екосистемот, кои тие го создаваат како позитивен општествен двигател.

Што е „Калчр трип“ и со какви визија и цел беше основан?

– „Калчр трип“ е стартап за патување со мисија да помогне во осаменоста како општествен проблем преку создавање значајни врски меѓу луѓето и местата. Обезбедува мали групни премиум патувања креирани од експерти за патувања и поддржани од локални инсајдери, покрај нивните наградувани водичи, до над 40 дестинации. Веб-страницата на „Калчр трип“ и платформите за социјални медиуми заедно привлекуваат околу 15 милиони корисници кои ги истражуваат илјадниците совети и идеи од експерти за патување. Голем фокус придаваме на динамиката во групата, што резултира со тоа да повеќето патници на турите стекнуваат доживотни пријатели.

Во дизајнот на патувањата, тимот на „Калчр трип“ сериозно се залага за маршрути што се еколошки одржливи, ја поддржуваат локалната флора и фауна и не го нарушуваат локалниот екосистем. Исто така, нашите патувања не користат интерни летови, сите јаглеродни емисии се офсетирани преку иницијативи, како засадување дрвја и сме на пат набргу да достигнеме „нет зеро статус“. Поради ова нашата визија и имплементација целосно се совпаѓа со визијата на Кралот.

Чест и привилегија е да се биде дел од индивидуалците и компаниите кои се совпаѓаат со визијата и каузите на неговото височество Чарлс Трети

Што за тебе лично, но и за компанијата значи претставувањето во монографијата?

– Чест и привилегија е да се биде дел од индивидуалците и компаниите кои се совпаѓаат со визијата и каузите на неговото височество Чарлс Трети. Градење иднина што ќе остави фер наследство на следните генерации е должност на сите нас и горди сме што во „Калчр трип“ добивме признание дека придонесуваме за тоа.

Во каков амбиент помина промоцијата на монографијата?

– Настанот беше доживување, особено поради тоа што бевме опкружени со инспиративни лидери, но и поради тоа што „Клариџес“ е симбол на традиција што се приспособува кон контекстот на времето. Од 1800 година до денес е место каде што кралската фамилија, политичари и уметници ги носат своите идеи и достигнувања.

Какви се понатамошните планови на „Калчр трип“?

– Продолжуваме да работиме на развој на нови вертикали за нашите патувања. Лансиравме патувања со воз како најеколошки начин на патување, што е многу популарен, и во развој се „хајкинг трипс“ со култура. Ќе продолжиме да ги слушаме потребите на нашите 15 милиони корисници и да креираме патувања по нивна желба.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 205, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот