Разговор со Александар Гулевски од групата ВЕЛ: Темен, но сладок музички мелос

Музичарот и византолог Александар Гулевски повеќепати бил меѓу соговорниците на „Културен печат“ по различни поводи, а овојпат разговаравме за промотивните концерти на албумот „Црнило“ на битолската група ВЕЛ.

Атмосферата во песните на албумот „Црнило“ на ВЕЛ потсетува на најдобрите денови на „Падот на Византија“, „Мизар“, „Анастасија“, но албумот зрачи и со своја, посебна енергија. За снимањето, објавата и промовирањето на албумот разговаравме со Александар Гулевски, кој практично како гостин се вклучи во работата на групата.

Како гитарист Гулевски бил член во скопските групи „Процес“, „Санс“ и „Фреш“. Беше придружен вокал во групата „Љубојна“ на албумите „Парите се отепувачка“ и „Шербет Љубојна“ и музички асистент на Златко Ориѓански на албумот „Македонско девојче“ на Каролина Гочева. Минатата година, како ко-автор работеше на музиката за претставата „Дух“ на Дејан Дуковски, во режија на Сашо Миленковски, а од 2020 г., континуирано работи со групата ВЕЛ.

На средината од февруари концертно го промовиравте албумот „Црнило“ во Битола, а деновиве тоа се случи и во Скопје. Со каков порив беше создадена групата ВЕЛ и како течеше снимањето и објавата на „Црнило“?

– Групата ВЕЛ е создадена во 2019 г., од поранешните членови на групата „The Government“: Златко Никодиновски (гитара), Томе Спасовски (вокал и бас) и Сашо Ристевски (тапани). Кон оваа формација подоцна се приклучи и Денис Алитовски на клавијатури. Музичкиот материјал на албумот „Црнило“, кој концертно го промовиравме во клубот „Вакум“ во Битола на 18.02.2022 и во МКЦ во Скопје на 06.05.2022, практично е изработен и снимен од оваа четворка. Снимањето и мастерингот на албумот траеше околу две години. Идеја на групата беше на албумот „Црнило“ да учествува и некој гостин. Така, всушност, се најдов во групата ВЕЛ и се случи песната „Незалезна“, која како дело на целата група е дел од овој албум. По завршувањето на мастерингот албумот го објавивме и еве, сега веќе и концертно го промовиравме.

Албумот „Црнило“, всушност, е мастило со кое ВЕЛ испишува современа македонска музика

Според музичката критика, станува збор за можеби најдобриот рок-албум објавен на македонски јазик минатата година. Што како инспирација беше пресудно во создавањето на музиката, имајќи предвид дека сите членови на ВЕЛ работеле и со други групи?

– Така албумот го окарактеризира Илија Талев, кој напиша рецензија за албумот, која беше делумно објавена во „Културен печат“, но слични коментари се појавија и на профилот на групата ВЕЛ на социјалните мрежи. Се разбира, ни годи што нè споредуваат со великаните на македонската алтернативна сцена, но, сепак, ВЕЛ е нова група на алтернативната сцена, која допрва треба да се докажува, група која има свој посебен музички и текстуален израз кој, всушност, е своевидно продолжување на препознатливиот македонски алтернативен темен, но истовремено и сладок музички мелос.

За инспирацијата?! Што да се каже за инспирацијата? Таа секогаш доаѓа ненадејно. Не постои некоја посебна мантра за нејзино повикување. Не можеш да ја нарачаш, да ја фатиш за рака и да ја употребиш кога ќе посакаш. Тоа не е можно. Сè што создаваме, создаваме заедно. Работиме инцидентно. Не знаеме однапред каде ќе нè однесе некоја идеја, музичка фраза, форма или ритам. На крај, нашите претходни музички искуства и светогледи ќе си стават свој белег врз крајниот производ и, накратко, тоа е формулата на ВЕЛ.

Како вокал имаш соработувано со повеќе македонски групи, но после долго време се појавуваш како гитарист и придружен вокал во нов бенд. Како историчар на уметноста веќе 30 години го проучуваш византиското, поточно, источното црковно православно пеење. Дали тоа имаше влијание во создавањето на текстовите и аранжманите на песните?

– Византиското, поточно, источното црковно православно пеење ми е пасија и го проучувам и практикувам како црковен псалт веќе три децении. Влијанието на тоа пеење веројатно може да се забележи во текстот и звукот на песната „Незалезна“, но, останатите песни на ВЕЛ од албумот „Црнило“, како и новиот материјал што го подготвуваме носат нешто сосема ново и поинакво. Сакам да напоменам дека за текстовите на ВЕЛ, за нивната посебност и автентичност, одговорен е басистот и пејач на ВЕЛ, Томе Спасовски.

Секој член на ВЕЛ учествува во создавањето на аранжманите на песните. За продукцијата и за звукот се грижи тапанарот на групата и сопственик на студиото „Омни“, Сашо Ристевски. Меѓу другото, басистот Томе Спасовски и клавијатуристот Денис Алитовски се високо образовани музичари, што во голема мера го олеснува процесот на компонирање и аранжирање на песните.

Дизајнот на албумот и неколку промотивни спотови се креирани во специфична црно-црвена атмосфера. Кој е автор на дизајнот и што е инспирацијата?

– Идејниот творец на црно-црвената естетика на ВЕЛ на албумот „Црнило“, наедно и автор на промотивните спотови за песните од овој албум е гитаристот Златко Никодиновски, кој по професија е графички дизајнер. Црно-црвената естетика е избрана како архетип на нашето поднебје. Тоа е истата онаа естетика за која зборува Конески во неговата „Везилка“. Црно-црвената боја е, всушност, естетиката на Македонија. Името, пак, на албумот „Црнило“, доаѓа од зборот кој до пред стотина години се користел за мастило за пишување. Албумот „Црнило“, всушност, е мастило со кое ВЕЛ испишува современа македонска музика.

ВЕЛ е нова група на алтернативната сцена, која допрва треба да се докажува, група која има свој посебен музички и текстуален израз

Порано се изразуваше под псевдонимот Црноризец Храбар. Како воопшто се случи спојот на интересот за византиското наследство, православното пеење и рок-изразот?

– Да, тој псевдоним, поточно, Фејсбук-профилот Црноризец Храбар настана како резултат на кладба со мој пријател. Се кладев дека како тотален анонимус под овој псевдоним, ќе соберам повеќе пријатели од него и дека објавите ќе бидат повеќе читани отколку неговите – тој имаше регуларен профил со име и презиме, фотографија итн. Токму тоа се случи. Профилот имаше неколку илјади следбеници. Меѓу другото, овој профил ми покажа дека на луѓето им е побитна енергијата што ја зрачиш преку речта и своите ставови, отколку фотографиите од излетите и одморите. Тој профил ми покажа дека луѓето се осамени, исплашени, најчесто нереализирани, желни за разговор и за разбирање, дека зад она што визуелно и текстуално фигурира на нивните Фејсбук-профили, најчесто се наоѓаат сосема други личности и дека сечиј профил е еден вид на камуфлажа, маска.

Фејсбук-профилот Црноризец Храбар, всушност, на дело ми ја потврди идејата на познатиот грчки теолог Христос Јанарас, промовирана во неговиот трактат „Од маска до личност“. Приказните од профилот Црноризец Храбар, на предлог на актерот Рубенс Муратовски пред две години ги објавив во книгата „40 Фејсбук приказни“, за која „Културен печат“ објави пригоден осврт. Профилот Црноризец Храбар не постои веќе 10 години.

Што се однесува до спојот помеѓу византиското наследство, црковното пеење и рокенролот, тој спој се случи по следниов редослед. Имено, прво почнав со рокенролот, потоа продолжив со византолошките студии и завршив со изучување и практикување на црковното пеење. Сега сите овие интереси некако природно се пронајдоа и споија, се случи своевидна синергија. Со други зборови, љубовта кон уметноста и музиката се веројатно причина за тоа.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 127, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот