Разговор со адвокатката Весна Тренкоска Апостолски: Жените бараат сè почесто развод зашто се исто толку силни како мажите

На женски теми разговараме со адвокатката Весна Тренкоска Апостолски.

Три години по смртта на Есма Реџепова не дознавме што се случува со имотот, кому навистина го оставила? Вие како адвокатка ги застапувавте внуците на Есма како вистински наследници, до каде е постапката, медиумите ништо не известуваат повеќе на оваа тема?

– Да, точно е дека јас заедно со колешката Артене Исеини сме полномошници на внуците на Есма Реџепова Теодосиевска, деца на нејзините родени браќа и сестри на Есма. Но исто така сме полномошници и на внуците на Стево Теодосиевски. На почеток сме на судскиот спор и нема многу што да се каже, ќе видиме каков ќе биде исходот на постапката. Двата тестаменти кои беа отворени и прогласени по смртта на Есма Реџепова велат дека нејзината последна волја била семејната куќа да припадне на Република Македонија односно на Министерството за култура, за истата да стане музеј за животот и делото на Есма и Стево Теодосиевски. Но, блиски пријатели на Есма, а кои биле и сведоци при составување на тестаментите, укажуваат дека овие тестаменти не се оние кои ги оставила Есма. Интересно е што нотарот каде Есма ја дава својата тестаментална изјава и каде тестамените биле оставени на чување, починал во ист ден со Есма Реџепова, дури мислам дека и во истата болница.
Од друга страна пак, Министертсвото за култура сè уште се нема произнесено дали како тестаментален наследник се прифаќа или не, како наследник на оној дел кој Есма Реџепова му го остава во тестаментот. Доколку тестаменталните наследници се откажат од имотот, односно дадат негативна наследничка изјава, имотот кој бил кон нив тестаментално располаган им припаѓа на законските насленици на Есма Реџепова, односно на нејзините внуци. Има уште многу работа до конечната разрешница на овој судски спор. Освен тоа Есма Реџепова како сопруга на Стево Теодосиевски, по неговата смрт во текот на неговата оставинска постапка се пријавила за единствен наследник на неговата оставина. Но, согласно Законот за наследувањето, во случај кога покојниот нема деца, како што немале Есма и Стево, сопругата наследува заедно со родителите на покојниот, односно неговите браќа и сестри, или по правото на претставување внуци. Оттука, Есма Реџепова во тестаментите кои ги оставила располагала со имот кој реално не бил целосно нејзин.

Во Македонија се повеќе се актуелни разводите, дали жените кои се разведуваат си бараат жена-адвокат?
-Да, за жал, сè повеќе се актуелни и почести разводите. Јас во моето досегашно искуство не можам да кажам дека жените кои се разведуваат бараат повеќе жена адвокат да ги застапува. Во мојата адвокатска канцеларија има поднеднакво и мажи и жени кои ги застапувам во бракоразводните парници.

Зошто жените сè почесто се тие кои бараат развод?
-Мислам дека жените се оние кои бараат сè почесто развод затоа што сметаат дека се рамноправни со мажите и се исто толку силни за да можат да ги истрпат последниците од разводот и да отпочнат живот сами, со или без децата. Жените се похрабри. Во современите бракови во кои доаѓа до развод сметам дека жената не сака да молчи и да потиснува за она што и пречи односно да „голта“. Кога таа во својата кариера е исто успешна како нејзиниот сопруг или поуспешна од него, а паралелно го води успешно и домаќинството и децата, смета дека не и е потребен некој до неа кој можеби ќе ја уназадува, ја прави несреќна или е на нејзин грб на издржување. Луѓето и партнерите се посебични. Немора секогаш причината за развод да е неверство. Има многу бракови кои се разведуваат, кои велат дека „не им оди“. Но, сметам дека и двајцата брачни другари се оние кои треба да ги балансираат работите и да наоѓаат време за себе, без обврски, грижи и деца барем и на неколку часа неделно да се забавуваат меѓусебе.
Лично мислам дека жената, колку и да е јака и успешна, таа сепак е жена. Таа е „вратот“ и треба да ги балансира работите, бидејќи и сопругот и децата сите се зависни од неа, од нејзиното внимание, од нејзината грижа, а од друга страна пак, ние жените сме среќни кога го правиме нашето семејство среќно и кога го удоволуваме.

Кога доаѓа до развод, најтешката задача ја има сепак жената и во однос на секојдневните обврски, но и во однос на подигнувањето на децата. Нејзината грижа е секојдневна, 24- часовна и не може да се мери со викенд гледање на таткото. Дури и кога детето е кај таткото, мајката постојано мисли дали јадело, дали спиело. Сметам дека кај мажите не е така. Тие по разводот продолжуваат ергенски живот. Од овие причини, но и поради доброто на децата и нивен правилен раст и развој доколку има можност за поправка и решавање на проблемот на маса, бракот да продолжи. Секој од нас имал проблеми во браковите. Имале и нашите родители, па ги надминувале. Во современите бракови никој никого не трпи. Од мала караница, едниот ги пакува куферите и бракот завршува.

Секако дека не поддржувам бракови кадешто има семејно насилство, агресија и телесни повреди. Но, секој треба да брои до десет пред да преземе било каква активност. Бидејќи децата се оние кои се жртви на овие современи бракови. Во нивните главчиња таа современост не се совладува така лесно.

Каква е, според ваше мислење, положбата на жената во постапката на развод?

-Сметам дека во судските постапки нема положба на маж и жена и судот подеднакво ги третира двете странки во постапките. Мислам дека прашањето подобро би било каква е положбата на родителот каде се децата доделени на чување, воспитување и делумно извршување со разводот. Во тој случај судот особено го цени придонесот кој тој родител го има во подигнувањето на децата , времето кое го поминува со децата, занемарувањето на својот личен живот и слично. Не е споредливо континуирано чување на децата, грижа , носење земање од училиште, снабдување со облека, книги и се што е потребно , носење на воншколски активности со викенд гледањето. Токму затоа и во Закон за семејството се предвидува дека судот при одлучувањето за висината на издршка која треба да ја плаќа другиот родител особено да внимава на придонесот кој го има родителот со кого децата остануваат.

Колку се слуша женскиот глас во судницата?

-Во судница нема машки и женски глас има тужител и тужен. Обично во 90 % случаеви бракот помеѓу странките не е спорен дека сакаат да се разведат. Ако едниот побара развод, другиот на тоа се согласува. Но, и да не се согласи бракот секако ќе се разведе. Можеби и тоа е причината што разводот не е спорен. Можеби се работи и за его, не знам. Спорно е децата каде ќе бидат доделени и висината на издршката. Во поголем број од случаевите татковицте не спорат децата да бидат кај мајката, тоа секако зависи од поведенитето на мајката, но и од возраста на децата. Има и татковци кои поднеднакво, па и повеќе од мајката, се борат детето да припадне кај нив. Лично сметам дека каде и да бидат децата доделени и двата родители треба да бидат застапени во секоја фаза од нивното детество и да учествуваат во обврските со децата. Најлесно е да се плати месечна издршка или да не се плати и да не те изнересира ништо воопшто околу децата, што за жал ,во многу голем број случаеви е така.

Одреден период од Вашиот живот сте биле самохран родител, дали сметаме дека треба да има измени во Законот за семејството?

-Сметам дека треба да има измени не само во Законот за семејството, него и во Кривичниот законик и Законот за социјална заштита. Сметам дека треба да и им се даде поголема заштита и поголема помош од државата на самохраните родители, во смисла на станови со минимална закупнина, помош во храна, облека во вид на купони за децата и слично. Понатаму, сметам дека Центрите за социјална работа многу бавно го работот целиот овој просец на уредувањето на видувањето на детето со родителот со кого децата не живеат. Период од три месеци е предолг период кој на Центрите за социјална работа им е даден за одлучување, тоа, според мене, треба да е 15 до 30 дена најмногу. Исто така, истите треба многу внимателно и ажурно да ја вршат својата работа. Треба да има измени и во делот на висина на издршка. Според мене, треба да постои и основица односно најнизок износ на издршка , согласно просечната плата во РСМ под која основица не може да се определува издршка за малолетните деца.
Исто така, сметам дека треба да се санкционира негледањето на децата од страна на родителот кај кого децата не се доделени. Ова од причина што има многу родители- таткови кој по разводот на бракот губат конкакт со децата и ги гледаат еднаш годишно или еднаш во неколку месеци. Сметам дека паралелно со бракоразводната постапка, треба да се движи и постапката за начинот на уредувањето на видувањата на детето со родителот со кого не живеат, па во рок од еден месец од поднесувањето на постапката за развод, Центрите за социјални работи да ги носат ваквите решенија и истите да бидат задолжителни за двата родители под строги критериуми. Согласно постоечките закони, доколку родителите сакаат да го уредат начинот на видување со децата, тие самоиницијативно поднесуваат вакви барања до Центарот, но многу од родителите тоа не го знаат. Сметам дека вакво решение за видување треба да е во склоп со постапката за развод. За жал, има случаеви кога мајката каде децата се доделени поднесува вакво барање до Центарот за да се уреди начинот на видувањата на децата со таткото, иако според правилата на нештата тоа треба да е таткото, што е апсурд, но е вистина.
Сметам дека за ваквите татковци треба да има повисоки казни и побрзо дејствување. Секое непочитување на решението за видување, на таквиот родител треба веднаш, во рок од три дена, да му биде изречена висока парична казна, а доколку до третпат не ја почитува одлуката за гледањето со детето, казната да биде заменета со затворска казна. Сметам дека треба да се направат измени во Кривичниот законик во оваа смисла, односно да постои ново дело во смисла неостварување на конткат со родените деца да претставува кривично дело. Има многу деца кои целиот свој живот не го виделе својот татко, што многу се рефлектира во нивниот живот и градењето на нивната личност.
Исто така, сметам дека изрекувањето на казните во постапките за издршка треба да биде построги во смисла на тоа да се намалуваат условите казни и да се заменат со затворски казни, ова од причина што сторителите на вакви дела веќе се свесни дека за неплаќање на издршка истите можат само условно да се осудени, како и доколку не се во редовен работен однос можат и да не плата издршка воопшто. И во оваа насока законот мора да се смени односно, независно од тоа дали родителот работи или не тој мора секој месец редовно да плаќа издршка согласно задолжението во пресудата за развод како и да се грижи за децата во секоја смисла за нивно подигнување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот