Разбојници и фолиранти!

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Како бре? Тие ќе ја водат Северна Македонија во ЕУ? Без срам и перде, откако пукна скандалот дека работат против ЕУ и НАТО-интеграциите на земјата, објавуваат дека тие ќе ја водат земјата во ЕУ. Откако и сестринските партии во Европа почнаа да ги изолираат и да ги избегнуваат по ходниците во европските институции и да ги бркаат од маса кога снисходливо им приоѓаат во хотелските фоајеа, овде продаваат пуфки дека се единствените способни за спроведување на стратешките интереси на земјата.

Никогаш не работеле на ЕУ и НАТО агендата. И тоа не би било проблем, има кој да работи на тоа, но неволјата е што секогаш работеле ПРОТИВ македонските стратешки интереси. И, еве ги сега, не чинела владата и затоа што не знаеле да ја доведат земјата во позиција да ги започне преговорите.

Со исклучок на само еден претседател на ЕУ-држава, сите лидери на европските држави ја поддржуваат Северна Македонија, без резерви и со комплименти за напредокот на нашата земја што ни јас не би ги упатил. Тоа го викаат неуспех? Да зависеше од вемерето, ние немаше да бидеме ни на агендата. Немаше да бидеме ни во кантата за ѓубре.

За време на кампањата за Референдумот, работеа, меѓу другото и за Мицотакис. Дека тоа е така, покажа и неодамнешната изјава на сегашниот премиер на Грција, кој призна дека бил против Преспанскиот договор и дека никогаш не би го потпишал, затоа што е штетен за Грција. Тоа треба да се повторува сѐ додека и последната будала во земјава мисли дека нешто сме изгубиле со Преспанскиот договор. Доволно е да се каже дека сме веќе во НАТО, само една година по Референдумот, оној што, во спрега со руските бот-фабрики се обидоа да го спречат. Како и сите други „патриотски“ битки што ги поведоа против својата сопствена земја.

Може да се фатат за Дино Мерлин и разните Цеци што и сдсмовските градоначалници, кои, како и нивните, продолжија да ни ги носат по плоштадите, може да кажат дека и новата власт веднаш доби своја Силвана Бонева во ликот на Мира Дизел, низа други работи… Ама за ЕУ и НАТО? Смешно е и да се коментира ова веќе!

Значи, да повториме, работеа и работат против македонскиот напредок, против воспоставување на правниот поредок, се обидоа да извршат државен удар, ги блокираат сите процеси, испраќаат писма и се јавуваат кај сите свои контакти што се доволно пристојни да им кренат слушалка и безочно лажат и кудат, онака како што им диктира некој што е против македонските, но и европските интереси. Прочитани се одамна, а сѐ помалку се и оние што ги дослушуваат од чиста куртоазија.

Додека вемерето беше на власт, невладините организации и опозицијата, без оглед на доказите со кои располагаа за нивното мрачно дивеење и погромот врз демократијата, лобираа кај европските лидери да го задржат статусот на земја кандидат. И успеваа, наспроти сите докази против тие одлуки, да издејствуваат задржување на тој статус. По нивниот непотполн пад, наспроти сите опструкции и сите болештини, наследени од неодамнешното минато, Северна Македонија направи ѕвездени скокови. И по сето тоа, тие имаат нерв да кажат дека тие се способните. Имале советници и експерти, кадарни за…

Ама ајде, ви се молам. Банда разбојничка и фолирантска!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот