Разбирање, емпатија и прифаќање им се потребни на децата со посебни потреби

ФОТО: МИА

Инклузивноста на децата со посебни потреби почна, ама има уште пречки. Потребно е повисоко ниво на совесност, заклучуваат родителите на децата со посебни потреби.

Душица Тошеска е мајка на 15-годишната Тереза од деветто одделение во прилепското училиште „Климент Охридски“, кое е и Центар со поддршка во учењето. Нејзината ќерка била во редовно училиште, ама со реакција на родителите, биле доведени во ситуација да потпишат изјава за Тереза да биде префрлена во специјално училиште. Посакува повеќе емпатија, но и информации до сите дека на децата со посебни потреби им е потреба поголема грижа.

-Со Тереза се соочив со проблем на нејзино неприфаќање од другите деца. Посетуваше редовно училиште. Таму не беше прифатена. Дојдовме до степен да потпишеме изјава за Тереза да биде преместена во специјално училиште. Не беше прифатена ниту од родителите, ниту од децата. Мислам дека на тоа треба повеќе да се работи – на подигнување на свеста на заедницата. Да работат и родителите со своите деца, и наставниците во редовните училишта, вели Душица Тошеска.

Подршките на заедницата и на државата се прекупотребни. Има простор за зголемен паричен надомест, но и потреба од гарантирана пензија, кога родителите ќе бидат немоќни за грижа.

– Може да се зголемат паричните додатоци, зашто за секоја посета на лекар, мора да се патува во Скопје. Тоа се трошоци. Еден родител е врзан со детето и не може да работи. Потребен е еден вид гарантирана пензија, зашто како родители додека сме млади е во ред, но што понатаму. Лично сакам повеќе активности за децата, прошетки, да ги почувствуваат радостите на животот. Ги имаат истите желби, објаснува Тошеска.

Катерина Компаниоска Настоска, специјален едукатор и рехабилитатор во прилепското училиште „Климент Охридски“ нагласува дека недостигот од образовни асистенти се чувствува во инклузивноста.

-Со законските измени во основното образование од 2019 години, од основно училиште со посебни паралелки, преминавме во основно училиште со центар за поддршка во учењето. Со тоа имаме соработка со сите основни училишта. Ние им даваме поддршка на учениците, на кадарот кој работи во училиштата, на родителите. Во нашето училиште се реализираат индивидуални третмани со децата кои се вклучени во инклузијата, рече Компаниоска Настоска.

Во паралелките од трето до деветто одделение во прилепското училиште „Климент Охридски“ се 18 деца, вклучени во посебните паралелки. Има и 10 деца од другите училишта кои доаѓаат на индивидуални третмани, а ќе пристигнат и други деца.

-Инклузијата е одамна почната, но, во принцип, е нов процес кој интензивно се реализира последниве две-три години. Нормално е дека има уште многу работи кои ќе се решаваат во од и со тек на време. Се навикнуваме и ние, посебно со индивидуалните третмани, се навикнуваат децата и родителите, наставниот кадар и непходно е подигнувањето на свеста дека овие деца и не се толку различни од другите. Имавме приредба со мотото „Сакам да бидам“. Тоа кажува дека и тие имаат желби и по тоа не се разликуваат од останатите деца, изјави Компаниоска Настоска.

Ахил Јаков, директор на Основното училиште „Климент Охридски“ ја нагласува грижата 365 дена во годината за лицата со посебни потреби.

-Не е доволно само еден ден да им се посвети внимание на овие лица, на нивните права за еднаквост во однос на другите. Тоа треба да биде секој ден, да биде дел од човечкото општество. Овие лица најмногу бараат еднаквост, самостојно живеење и функционирање во општеството. Здравствената и социјалната заштита имаат посебно место во секое организирано општество. Кога и да помислиме на овие лица, треба да тргнеме од начелата на достапност, ефикасност, континуираност, правичност, сеопфатност и квалитетен и суверен здравствен третман. Значи, потребно е сите да се обединиме и на кој било начин да им помогнеме на лицата со посебни потреби за достоен и квалитетен живот. Децата испратија порака: Срце кое знае да сака, секогаш подава рака, вели Јаков.

Во Прилеп функционираат и Центарот за деца со посебни потреби „Ѕуница“ и Центарот за деца со церебрална парализа.
Се проценува дека во земјава 10 отсто или околу 200.000 жители се лица со инвалидитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот