Ратко Младиќ: Во војната се правеше важен, изигруваше национален херој, а излезе кукавица

epa09254920 Former Bosnian Serb military chief Ratko Mladic prior to the pronouncement of the Appeal Judgment at the International Residual Mechanism for Criminal Tribunals (IRMCT) in The Hague, The Netherlands, 08 June 2021. The former Bosnian Serb army leader was sentenced to life imprisonment in 2017, partly for the mass Murder in Srebrenica. EPA-EFE/Jerry Lampen / POOL

Поранешниот шеф на цивилниот сектор на ООН во Босна и Херцеговина, Дејвид Харланд од Нов Зеланд, како сведок на Обвинителството на судењето на Ратко Младиќ во Хашкиот трибунал, рече дека Армијата на Република Српска (РС) го искористила гранатирањето на Сараево како „славина на теророт којашто ја отворала и затворала по потреба“ и така тој на најдобар начин ги потврди зборовите на Младиќ дека со оган треба да се доведат до памет сараевчаните.

Младиќ можеше да биде нехуман не само кон блокираниот главен град на БиХ, туку и на многу други места, особено во Сребреница, каде што беше извршен геноцид, бидејќи ЈНА му ја остави целата борбена опрема во 1992 година, а неговата војска до 1995 година со дополнителни топови, оклопни возила, резервни делови, воена опрема и гориво се снабдуваше од Сојузна Република Југославија. За време на војната се правеше важен, изигруваше национален херој, а се покажа како кукавица, бидејќи беше во бегство 16 години, за да биде уапсен како пустиник во напуштена трошна куќа во Банат.

Просечен офицер

Кога ќе се врати филмот за неговата биографија, се забележува дека како просечен офицер на ЈНА служел претежно во гарнизоните во Македонија, а потоа како полковник бил префрлен во Приштинскиот корпус, а дури по пристигнувањето во 9-от корпус во Книн напредувал брзо, буквално газејќи врз трупови. Генералштабот во Белград процени дека суровиот и бескрупулозен Младиќ најдобро ќе ги реализира целите на „Голема Србија“ во Хрватска, не само на фронтот, туку и со убиство на цивили и уништување на станбени згради и болници.

Од таа причина, Судот на округот Задар го осуди Младиќ во отсуство на 20 години затвор. Но, колку и да се воените злосторства во Хрватска сериозни, тие се во сенка на она што Младиќ, како дел од здруженото злосторничко дело, ќе го смисли и организира во Босна и Херцеговина. По наредба на Младиќ, неговите најблиски соработници Здравко Толимир, Љубиша Беара и Вујадин Поповиќ организираа убиство на 8.000 бошњачки мажи и момчиња од Сребреница на повеќе локации, а таков геноцид не се случил никаде по Втората светска војна.

Нарцисоиден, садист, кариерист…

За време на жалбениот процес, обвинителката Лорел Бејг изјави дека за време на првостепениот судски процес, кој траеше повеќе од три и пол години, судскиот совет сослуша повеќе од 600 сведоци, внесе околу 10.000 докази и зеде предвид 2.000 пресудени факти, и дека злосторствата на Ратко Младиќ погодија 100.000 луѓе кои ги чувствуваат последиците и денес. Обвинителката имала професионален однос кон овој обвинет, како и нејзините колеги во времето на првостепената постапка, решена да докаже дека Младиќ не бил херој, туку воен злосторник кој ја користел својата воена моќ намерно да го гаѓа цивилното население, за да уништи животи и граѓански заедници и дека по фер судење му била изречена правична пресуда.

Обвинителството, инаку, се жалеше дека првата пресуда не вклучува точка од обвинението дека геноцидот се случил и во Приједор, Кључ, Сански Мост, Фоча, Власеница и во Котор-Варош, освен во Сребреница и Сараево, и бараше и ова да биде вклучено во конечната пресуда.

Интересно е што велат за Младиќ оние што го познавале подобро во ЈНА. Поранешниот полковник и писател Љубодраг Стојадиновиќ, кој служеше со него во Скопје, го опиша како „нарцисоиден, вообразен, суетен и арогантен“, додека воениот дипломат и историчар Гајо Петковиќ го окарактеризира Младиќ како циник и садист.

Генералот Ибрахим Алибеговиќ му бил претпоставен на Младиќ во битолскиот корпус на ЈНА, па затоа во 2001 година во Сараево, каде што се пресели од Белград, го прашав за неговото мислење: „Младиќ беше премногу строг во командата, бараше слепа покорност, типичен кариерист кој им даваше на подредените старешини пониски оценки за повеќе да се истакнуваат. Во тоа време, неговиот национализам не беше забележан, но најлошото во неговиот карактер, што го потиснуваше во ЈНА, за жал, ќе биде изразено во Армијата на РС, а најмногу во геноцидот во Сребреница.“

Конечна одлука: 4:1

Конечната пресуда на Ратко Младиќ е изречена од Жалбениот совет, со кој претседава судијката на Присца Матимба Нијамбе од Замбија, а неговите адвокати сметаа дека постоеше можност првостепената казна да биде преиначена. Имено, Нијамбе, како член на Жалбениот совет, се спротивстави на осудителната првостепена пресуда во случајот на генералот Толимир и го оддели своето мислење, но со мнозинство гласови обвинетиот потоа беше осуден на доживотен затвор.

Без оглед на односот што овој судија го има во случајот Младиќ, одлуката ја донесуваат други четворица судии – Амината Лоис Рунени Н’гум од Зимбабве, Гбердао Густав Кам од Буркина Фасо, Сејмур Пантон од Јамајка и Елизабет Ибанда-Нахамја од Уганда. Доказите против Младиќ ја потврдуваат неговата мега-вина и судиите, со правдата во преден план, всушност немаа тешка работа за да го оправдаат очекувањето да бидат објективни.

 

Преземено од „Ослобоѓење“ од Сараево

 

Судијката која го издвои мислењето: „Би го повторила целото судење и би ги увоила речиси сите негови жалби“

Судијката Присца Матимба Нијамбе од Замбија, која имаше спротивно мислење од другите членови на Жалбениот совет на Хашкиот трибунал кој ја потврди доживотната казна затвор на Ратко Младиќ за воени злосторства и за геноцид во Сребреница, во издвоено мислење на 60-тина страници наведува:

„Имајќи ја предвид природата и сериозноста на правните грешки забележани во овој случај, за разлика од другите членови на Жалбениот совет, би наредила судењето на Младиќ да се повтори пред друг првостепен судски совет. По сите точки на обвинението. Со исклучок на обвинението 6, за земање заложници во заедничко злосторничко здружување.“

Нијамбе, кој претседаваше со Жалбениот совет, вели дека Младиќ во својата жалба „исполнува високи стандарди и ги посочува главните грешки на Судскиот совет“. Според што таа „би ги прифатила речиси сите основи на неговата жалба“. Таа истакнува дека поради временските ограничувања, како и со оглед на тоа што, заради пандемијата, работела од далечина, во своето изделено мислење се занимавала само со „грубите грешки на Судскиот совет“.

Меѓу другото, таа изјави дека, спротивно на ставовите на повеќето членови на Советот, не се согласува со ставот дека постои заедничко злосторничко дело меѓу поединци во српските сили и раководството на Република Српска за насилно отстранување на несрпско население.

Извор: Ослобоѓење

Младиќ се огласи по изрекувањето на пресудата: „Чувајте ја Република Српска!“

Воениот злосторник Ратко Младиќ им порача на луѓето во Република Српска да ја „заштитат својата Република“, дека тоа е најважната работа, изјави Дарко Младиќ, син на криминалецот Младиќ, кој со својот татко имал средба од еден час по изрекувањето на финалната пресуда.

„Ратко знае што мислат луѓето за него. Тој вели дека Република Српска треба да се заштити и дека тој не е важен, туку опстанокот на Република Српска“, посочи Дарко. Тој додаде дека неговиот татко бил особено благодарен на претседателката на Жалбениот совет, која имала издвоено мислење за пресудата.

„Звучеше добро кога го посетив. Го држеше адреналинот, ќе видиме како во наредните денови сето тоа ќе влијае на неговото здравје. Народот ја увиде нивната намера, ниту една сила не може да натера лагата да стане вистина и Ратко го знае тоа“, потенцира Дарко Младиќ.

„Сè уште е рано за одлука за тоа каде Ратко Младиќ ќе ја издржува доживотната казна затвор. Беше пркосно расположен, ми рече да им кажам на сите дека ќе се загрижеше да беше ослободен. НАТО пактот го судеше и му пресуди затоа што тој го бранеше својот народ и ги спречи плановите на НАТО да ги протера Србите од нивните вековни огништа“, изјави Дарко Младиќ по средбата со својот татко.

Извор: Ослобоѓење

Светските медиуми за пресудата на Младиќ

Со оваа пресуда, според „Асошиејтед прес“, некогашниот наметлив воен моќник познат како „босанскиот месар“ му се придружи на својот поранешен шеф Радован Караџиќ во издржување доживотната казна затвор за зачнување етничко крвопролевање за време на војната во Босна, што остави над 100.000 мртви зад себе и милиони раселени.

Странските медиуми, како Ројтерс, истакнуваат дека за босанските Срби, Младиќ е херој кој го бранеше својот народ, додека за Бошњаците, тој засекогаш ќе биде криминалецот одговорен за страдањата и смртта за време на војната. Ројтерс додава дека оваа пресуда е важна затоа што е изречена од суд кој е основан како прв постојан трибунал во светот за воени злосторства

Дојче веле го пренесува издвоеното мислење на претседателката на Судот, Нијамбе, вклучувајќи го и нејзиното несогласување со заклучокот на другите судии да го отфрлат тврдењето на Младиќ дека Сребреница била евакуирана „од хуманитарни причини“.

Ирскиот Журнал пренесе и фотографии од Меморијалниот центар Поточари каде што семејствата на жртвите и оние кои го преживеале геноцидот во Сребреница го гледале изрекувањето на пресудата за Младиќ на големо филмско платно. Ирците ја цитираат 69-годишната Муневера Кабељиќ, која вели дека „наместо да се радувам со моите внуци, дојдов тука да плачам“, потпрена на гробовите на нејзините синови кои беа убиени на 17 и 20 години.

„Њујорк Тајмс“ објави значително подраматичен и подолг извештај за „потврда на првостепената пресуда против командантот на армијата одговорен за крвопролевањето што резултираше со најшокантни злосторства во Европа по Втората светска војна“. Во текстот се цитира и главниот хашки обвинител Серж Брамерц, кој вели дека глорифицирањето и негирањето на геноцидот е многу посилно денеска, отколку пред пет или десет години. Тој додава дека политичарите низ целиот регион, во БиХ, Србија и Хрватска, сè уште ја користат етничката нетрпеливост за своја корист. И дека единствената разлика е во тоа што денес тие не се срамат кога јавно ги кажуваат овие лаги.

Извор: Ослобоѓење

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот