Растат тензиите: Во Венецуела досега уапсени петмина Американци
Најмалку петмина американски државјани биле приведени од венецуелските безбедносни сили во последните месеци, во период на зголемен притисок на САД врз режимот на претседателот Николас Мадуро, потврди американски функционер запознаен со случајот за Си-ен-ен.
Препорачано
Околностите на поединечните апсења се различни, а според истиот извор, можно е некои од приведените да биле вмешани во активности поврзани со шверц на дрога. Американските власти сè уште собираат информации за тоа што тие правеле во Венецуела во моментот на апсењето.
Администрацијата на Доналд Трамп смета дека режимот на Мадуро намерно ги притвора американските државјани со цел да ги користи како средство за политички притисок врз Вашингтон. Таквата практика, според американските власти, потсетува на методите што ги користи Русија – долгогодишен сојузник на Венецуела – која во изминатите години приведуваше Американци како дел од затегнатите односи со САД.
Информацијата за неодамна приведените Американци првпат ја објави „Њујорк тајмс“, додека Стејт департментот и Белата куќа засега не излегоа со официјален коментар.
Иако претставниците на администрацијата на Трамп избегнуваат јавно да зборуваат за промена на режимот во Венецуела, тие го етикетираат Мадуро како нелегитимен лидер и го обвинуваат за вмешаност во трговија со дрога. Притисокот врз неговиот режим значително се интензивираше во последните месеци, вклучително и блокирање на санкционирани нафтени танкери и воведување нови финансиски мерки.
Само во декември, Стејт департментот воведе два пакета санкции против членови на семејството на Мадуро, а истиот месец САД го извршија и првиот напад врз копнена цел во Венецуела, кога беспилотно летало на ЦИА погоди дел од пристанишната инфраструктура.
„Јасно е дека сегашниот статус кво со венецуелскиот режим е неподнослив за Соединетите Американски Држави“, изјави државниот секретар Марко Рубио во декември, коментирајќи ја изјавата на шефот на кабинетот на Белата куќа дека Трамп „сака да продолжи да ги удира бродовите сè додека Мадуро не признае пораз“.
Запрашан за нападот врз пристанишната инфраструктура, Мадуро изјави дека тоа „може да биде тема за разговор во наредните денови“ и се обиде да ја увери јавноста дека Венецуела останува безбедна земја.
„Она што можам да го кажам е дека националниот одбранбен систем, кој ги обединува народните, воените и полициските сили, го гарантира територијалниот интегритет, мирот во земјата и користењето на сите наши територии“, изјави Мадуро во интервју за државната телевизија. „Нашиот народ е безбеден и живее во мир.“
Во меѓувреме, организациите за човекови права предупредуваат дека Венецуела држи стотици лица како политички затвореници, од кои дел биле приведени по спорните избори во 2024 година. Иако во четвртокот беа ослободени десетици лица, меѓу нив немало ниту еден американски државјанин, потврди Алфредо Ромеро, директор на организацијата „Форо Пенал“.


