Ракометна лекција и од Аргентина, трет тежок пораз за Македонија
Ракометната репрезентација на Македонија претрпе убедлив пораз и од Аргентина во третиот натпревар на Светското првенство. Аргентинците денес славеа заслужена победа со 26:35.
Препорачано
Се надевавме, но и се најавуваше дека Аргентина е репрезентација против која можеме да се надигруваме, меѓутоа бевме далеку од нивото на кое играше аргентинската селекција. Конкурентни бевме само во почетните минути, а од 4:5 Аргентина започна да се „одлепува“ и да чекори кон победата.
Со серија од 0:4 поведоа со 4:9 и од тој момент ние ниту еднаш не се доближивме сериозно на водството на Аргентинците. Немавме идеја во нападот, додека на спротивната страна Аргентина многу лесно погодуваше, во одбрана скоро и ништо да не одигравме.
На полувреме Аргентина замина со 11:18. Многу брзо во второто полувреме стана јасно дека нема да можеме да се вратиме во натпреварот, па беше само прашање со колкава разлика ќе слави Аргентина. Taлески беше најефикасниот кај нас со пет постигнати гола.
На крајот конечниот резултат гласеше 26:35. Македонија натпреварувањето го продолжува во утешниот „Президент Куп“ кој ќе се игра во Плоцк.


