Работнички го декласираше тимот на Ангели со 40 коша разлика
Немаше некоја голема неизвесност околу тоа кој ќе биде победник во дуелот помеѓу екипите на Работнички и Ангели во рамките од 20 коло во македонската кошаркарска „МТЕЛ“ Супер лига.
Препорачано
Екипата од „Градски парк“ важеше како фаворит, и ја оправда таа улога против последнопласираниот тим на табелата (107:67) со 40 коша разлика.
Уште во текот на првата четвртина, домашните кошаркари забележаа 30 поени на своето конто, а на противникот му дозволија да реализира скоро двојно помалку – 16, евидентирани и низ резултатот.
Уште посилна беше втората четвртина од мечот во „Градски парк“ за домашниот тим, кој во тие 10 минути додаде уште 34 поени. И веќе на полувремето Работнички се стекна со недостижни 65:30.
Уште еднаш, Виктор Ефремовски беше најефикасен играч на Работнички, реализираше 26 поени, додаде и по четири скока и исто толку асистенции.
Рикиќ дојде до својот, речиси стандарден, дабл-дабл ефект, овојпат изразен со реализација на 20 поени и 10 скока.
Двоен број на поени во екипата на Работнички вечерва имаа и Грушановиќ (вкупно 19), Костоски, кој дојде до 15 поени, односно Петровски кој додаде 13.
Во екипата од Драчево, Ренг постигна 16 поени, а имаше и 13 скока, Настовски додаде 14 поени, плус пет скока и четири асистенции, а исто толкав број на реализации имаше и младиот Величковски.


