Пукнатините во Давос сведочат за ерозијата на глобализацијата

Економски форум Давос/ Фото: AA/ABACA / Abaca Press / Profimedia

Отсуството на лидерите на водечките земји во Давос се толкува како директна последица на војната во Украина и нејзините попатни ефекти, пред сѐ поскапувањето на енергијата и на храната, но тоа воедно е и јасен знак дека форумот ја изгубил некогашната моќ, па и дека глобализацијата воопшто ги покажува првите симптоми на тешка болест

Списокот на елитни учесници на собирот во Давос годинава испраќа посилна порака за состојбата на глобалната економија отколку темите за кои се расправа на традиционалниот Светски економски форум.

Во швајцарскиот центар годинава пристигнаа рекорден број гости и учесници, но впечатливо е отсуството на највлијателните фигури на позициите што двигатели на светската економија. Присутни се повеќе од 2.500 шефови на држави, гувернери на народни банки, министри за финансии, успешни бизнисмени и економски експерти, повеќе од 600 директори на моќни компании, но во Давос нема да присуствуваат претседателите на САД – Џо Бајден, на Франција – Емануел Макрон, на Кина – Сји Ѓинпинг и на Русија – Владимир Путин, како ни премиерите на Обединетото Кралство и на Индија – Риши Сунак и Нарендра Моди.

Нивното отсуство се толкува како директна последица на војната во Украина и нејзините попатни ефекти, пред сѐ поскапувањето на енергијата и на храната, но тоа воедно е и јасен знак дека форумот во Давос ја изгубил некогашната моќ, па и дека глобализацијата воопшто ги покажува првите симптоми на тешка болест.

Светскиот економски форум со години го стекнуваше имиџот на собир на кој економските моќници и политичката елита го дефинираше правецот кон кој се движи светот. Форумот беше неодминлив настан во агендите на светските лидери, а со самото тоа и магнет за банкарите, милијардерите, директорите и академиците да се концентрираат на едно место за да разменат идеи и визии и да се обидат да ги наметнат своите интереси на поширока, глобална сцена. Централните настани се говорите на лидерите на најмоќните земји, во кои се осврнуваат на тековните и на долгорочните проблеми, главно за сиромаштијата, нееднаквоста и климатските промени, а за учесниците многу поважни се попатните средби, разговори, коктели и прошетки, на кои вербално се договараат зделки. За банкарите ова е можност да се сретнат директно со потенцијални клиенти, а за политичарите да обезбедат финансиска поддршка за своите предизборни кампањи.

– Во Давос го нема претседателот на САД, го нема британскиот премиер, па дури и францускиот претседател Емануел Макрон реши да го одмине. Тоа не е многу чудно, бидејќи нивните земји, како и многу други, бијат битка со зголемените трошоци за живот. Но, поважен е фактот дека светот во кој цутеше Давос полека се распаѓа – забележува економскиот аналитичар Ед Ковнеј.

Тој потсетува дека светот денес значително се разликува од оној пред три години, поради низата силни глобални удари еден по друг – пандемијата на ковид-19 и нејзините ефекти врз економијата, руската воена инвазија врз Украина и пресметката со санкции и трговски ембарга, како и наглото заладување на односите помеѓу Кина и западните земји.

– Земјите низ светот ги преуредуваат своите синџири за трговија. Се чини дека завршува ерата на нескротлива глобализација – вели Конвеј.

Форумот во Давос, од друга страна, се покажа доволно издржлив и силен да продолжи да функционира наспроти глобалните мерки за изолација во екот на пандемијата, одржувајќи го собирот во 2021 година преку видеоконференциски врски, а во 2022 година во мај наместо во вообичаениот термин во јануари.

Основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб, периодот низ кој поминува светот го дефинира како „реглобализација“.

– Глобалниот систем поминува низ повеќегодишен период на трансформација. Тоа не е криза во вообичаена смисла, туку повеќе трансформација на нашиот глобален систем. Светот станува сѐ повеќе меѓусебно зависен, но од друга страна ќе има многу повеќе односи засновани на доверба. Па дури и ако ја решиме војната, тоа ќе биде реконструкција. Имате трансформација или транзиција на енергија. Имате преобликување на глобалните синџири на снабдување. Ги имате пост-ковид ефектите, за кои некои велат дека се помала продуктивност и, се разбира, потребата да се инвестира повеќе во отпорноста – вели Шваб.

За сериозната ерозија на глобализацијата сведочи и фактот што лидерите на водечките земји го одминаа Давос токму во моментот кога дијалогот е витален за надминување на глобалните шокови, кога една третина од светот се очекува да навлезе во рецесија.

Присутни се и првите оптимистички знаци. Цената на транспортот нагло паѓа, некои компании, како „Тесла“ на Илон Маск, значително ги спуштија цените на производите за да се поттикне продажбата, а Кина реши да ги укине сите ограничувања за да ја задвижи индустријата. Русија не потклекна на низата економски санкции наметнати од Западот, а Европа успеа за помалку од една година да ја надмине зависноста од рускиот гас. Тоа се сигнали дека е можно економско заздравување, но не и за надминување на ерозијата на глобализацијата.

Голем потенцијален проблем е трансатлантската војна на „зелената трговија“. Американскиот претседател Џо Бајден најави субвенции од 300 милијарди долари за користење електрични автомобили и други производи што штедат енергија и не загадуваат, но само ако се произведени во САД. Америка неодамна воведе строги ограничувања за технологијата и производството на компјутерски чипови. Вашингтон објаснува дека овие мерки се насочени кон Кина, но погодени се чувствуваат европските земји и компании, кои почнуваат кампањи „купувајте европско“.

На прашањето дали смета дека светот сѐ повеќе се дели на регионализирани блокови што соработуваат во некои области и се натпреваруваат во други, Шваб вели дека политичката димензија на таа трансформација значи преминување во свет со повеќе сили.

– Секако, имате две суперсили, но потоа имате суперсила во подем како Индија. Имате блокови како Европа, која мислам дека стана посилна и покрај брегзитот во изминатите три години. Другите азиски земји не треба да се потценуваат. Потоа имате непријателски држави какви што се Северна Кореја или Иран. Имате и земји што би ги нарекол „брзи риби“, кои брзо се движат и се пример за други земји, како Сингапур, и до одреден степен, Израел – вели Шваб.

Тој изјави дека постојните институции нема да бидат доволни во денешниот свет и оти елементот што недостасува е во дискусијата да се интегрираат други важни заинтересирани страни како бизнисот и медиумите.

– Во Давос ќе ја видите презентацијата на она што го нарекуваме село на глобална соработка. Создадовме заедница на поддршка од над 70 компании и меѓународни организации како

Меѓународниот монетарен фонд или Светската трговска организација за да создадеме еден вид Давос во метауниверзумот, во виртуелниот свет, да имаме можност да го продолжиме дијалогот, но да го прошириме дијалогот за да интегрираме повеќе засегнати страни – објаснува основачот на Светскиот економски форум.

Тој додава дека она што можеше да се види во последните две години е многу поголем егоизам на личен план, кој „се прелеал“ и на национално ниво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот