Прво приклучоци за зградите, па ќе се доврши Козара – дотогаш раскопани тротоари и подигнати шахти по улицата

улица Козара/Фото: Слободен печат

Во моментов активностите за реконструкција на улицата, која започна пред три месеци, се запрени подолго време, улицата е само со еден слој асфалт, а од Општина Центар велат дека чекаат да се изведат приклучоците за објектите што се во градба, за да продолжи работата.

Една од најхаотичните улици во центарот на градот, улицата Козара во Капиштец, позната по тоа што со години наназад на неа истовремено се градат по неколку згради на местото на некогашните двокатни куќи, во моментов е во фаза на реконструкција.

Граѓаните со години реагираа на оштетениот асфалт, на дупките на улицата направени од градежните зафати, на искршените и тесни тротоари, на калта и прашината што по себе ја оставаа камионите и другата механизација ангажирана на објектите што се во изградба.

Изградбата на зградите не запре, но локалната власт по три најави за обнова на улицата, која ја правеле на барање на жителите, конечно ја почна реконструкцијата пред три месеци. Стариот асфалт се изгреба, се стави нов и притоа изведувачот со асфалтот ги затна сите шахти и сливници. И повторно реагираа граѓаните укажувајќи на грешката, па се чистеа отворите, а колку и дали се добро исчистени ќе се види при првиот пообилен дожд.

улица Козара/Фото: Слободен печат

Во моментов активностите на улицата се запрени подолго време, улицата е само со еден слој асфалт со издадени или пропаднати шахти и раскопани тротоари. Жителите очекуваат работите да продолжат, а од Општина Центар чекаат да се изведат приклучоците за објектите што се во градба.

– Во врска со реконструкцијата на улица Козара ве информираме дека во очекување сме на решението за прием на приклучоци за вода кое треба да пристигне од ЈО „Водовод и канализација“. Штом добиеме известување веднаш ќе се пристапи кон асфалтирање и поставување на завршниот слој на асфалтот – велат од Центар.

улица Козара/Фото: Слободен печат

Сепак, нервозата на жителите е очигледна. Ним им е смачено од непрекинатата изградба на нови објекти, од бучава и прашина, од тоа што со години ги „кршеа“ автомобилите по дупките по улицата. Прашуваат – има ли крај и кога конечно ќе заврши реконструкцијата на улицата, за барем малку да им се олесни секојдневното функционирање.

Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски во одговор на коментар на Фејсбук на еден од жителите вели дека реалноста е дека на Козара се градат повеќе згради што треба да направат приклучоци на подземната инфраструктура.

– Времето е релативна работа, ако јас се прашувам, работата сакам да биде завршена сега, веднаш, меѓутоа не зависи секогаш сè од мене, фирма изведувач е во прашање, за ненавремено сработување си има санкции, казнувања – објаснува Герасимовски.

Реконструкцијата на улицата ја врши компанијата „Гама градба“, а ќе чини нешто повеќе од 8 милиони денари со вклучен ДДВ, односно околу 130 000 евра.

улица Козара/Фото: Слободен печат

Сепак, сѐ уште останува нејасно зошто се планираше и се прави реконструкција на Козара во услови кога истовремено се градат неколку згради од двете страни на улицата, а никој не кажува дали се последни. Доколку се издадат нови одобренија за градба, тоа би значело нови прекопувања на улицата за поставување приклучоци.

Од Општина Центар, уште кога првпат ја најавија реконструкцијата, пред една година, објаснуваа дека нема да има потреба од повторно прекопување на улицата затоа што на неа ќе биле оставени отвори (т.н. изводи), на кои подоцна би се приклучиле водоводните, топлински, електрични и кабелски мрежи. На тој начин немало да има потреба од повторно прекопување на улицата.

Ако е тоа така и навистина се прават изводи, зошто тогаш сега толку долго се чека за да се постават приклучоци до објектите што се градат, па потоа да се постави новиот слој асфалт? Тоа ќе се види откако конечно ќе се заврши реконструкцијата на Козара и доколку во иднина „падне“ уште некоја градежна дозвола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот