Првиот круг на селекција за наградата за најдобар превод „Драги“ го поминаа 19 преведувачи

По обемна дискусија, комисијата за доделување на наградата за најдобар превод „Драги“ за 2023 година одлучи во првиот круг на селекција да влезат 19 изданија од 9 издавачки куќи и едно самостојно издание.

Комисијата во состав Јана Михајловска (библиотекар и претседател на Библиотекарското здружение на Македонија; претставник на семејството на Драги Михајловски), Лидија Капушевска-Дракулевска (професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и книжевна критичарка и теоретичарка) и Милан Дамјановски (професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност и преведувач) едногласно го истакнала своето огромно задоволство, како од големиот интерес на преведувачите, така и на високиот квалитет на понудените дела.

Исто така, било истакнато и брзото препознавање на оваа награда од јавноста, за што говорот застапеноста на сите книжевни жанрови и видови, објавени од сите најзначајни издавачки куќи во Македонија. За наградата „Драги“ првично беа номинирани 39 преведувачи од 17 издавачи и две приватни изданија, известија од „Антолог“.

Одбраните преведувачи во првиот круг на селекција се:

  1. Алида Муча за преводот од албански јазик на „Премин во времето“ од Миѓен Келменди, во издание на „Темплум“;
  2. Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Пет куси романи и неколку раскази“ од Наталија Гинзбург во издание на „Артконект“;
  3. Ацо Пероски за преводот од англиски јазик на „Далеку од Ирска“ од Вилијам Тревор во издание на „Или-Или;
  4. Давор Стојановски за преводот од словенечки јазик на „Пчелно семејство“ од Ања Мугерли во издание на „Антолог“;
  5. Дејан Василевски за преводот од српски јазик на „Капут од мов“ од Стефан Тиќми во издание на „Арс Либрис“;
  6. Ѓургица Илиева Нацкова за преводот од англиски јазик на „Мачкино око“ од Маргарет Атвуд во издание на „Антолог“;
  7. Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на „Артконект“;
  8. Иван Шопов за преводот од хрватски јазик на „На работ од паметот“ од Мирослав Крлежа во издание на „Бегемот“;
  9. Јовица Ивановски за преводот од српски јазик на „Земјата под абажур“ од Драгослав Дедовиќ во издание на „ПНВ Публикации“;
  10. Катерина Јосифоска за преводот од германски јазик на „Тил“ од Даниел Келман во издание на „Артконект“;
  11. Катица Гаровска Ацевска за преводот од бугарски јазик на „Абсолво те“ од Георги Бардаров во издание на „Полица“;
  12. Лара Прокопиева за преводот од шпански јазик на „Во понеделник ќе нѐ сакаат“ од Наџат ел Хачми во издание на „Антолог“;
  13. Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на „Сите војни на Лара“ од Војќех Јагелски во издание на „Славика либрис“;
  14. Љубица Арсовска за преводот од англиски јазик на „Елизабет Финч“ од Џулијан Барнс во издание на „Артконект“;
  15. Марија Гиревска за преводот од англиски јазик на „Џакомо Џојс“ од Џејмс Џојс во издание на Марија Гиревска;
  16. Никола Ѓелинчески за преводот од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на „Алеф публикации“;
  17. Никола Маџиров за преводот од англиски јазик на „Арарат“ од Луиз Глик во издание на „Артконект“;
  18. Сашо Огненовски за преводот од српски јазик на „Деца“ од Милена Марковиќ во издание на „ПНВ Публикации“;
  19. Снежана Стојчевска за преводот од српски јазик на „88“ од Надија Реброња во издание на „ПНВ Публикации“.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор.

Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот