Насловна корица на албумот „Простор без движење“

Првиот албум на битолското акустично дуо „Трето колено“ е објавен со наслов „Простор без движење“

Деби-албумот на битолското акустично дуо „Трето колено“, насловен како „Простор без движење“, во етерот се појави, неслучајно, на 13 февруари (петок) 2026 година.

Музичкиот материјал, во 8 (осум) чина (песни), со текстови на македонски и на англиски јазик, членовите на дуото го опишуваат како „левитирачко корзо низ сублиминалните катчиња на потсвеста и миризливи сеќавања на совршени средби, во симболичен вакуум простор“.

Албумот е снимен во една сесија во живо, миксан и мастериран во студиото „Алшар“ во Скопје од Ивица Јанкуловски во октомври 2025 година, а дистрибуиран по сите дигитални платформи од „Филтер лејбл“ на Емил Хаџи Панзов. Илустрацијата за омотот е на Зоја, а графичкиот дизајн на Гоце Веселиновски.

„Трето колено“ со снимањето на својот деби-албум заокружува една година сонлив надреализам на дуото составено од Дејан Деки Марковски и Пеце Брада Трајковски, кои најавуваат промотивни активности околу албумот што вклучуваат најавени и ненајавени улични настапи во некои населени места на земјата, и во подземјето.

Дејан Деки Марковски и Пеце Брада Трајковски се „Трето колено“

– „Трето колено“ почнува во стомакот, рецентрирано околу својата оска. Музиката не објаснува, туку се лепи – под кожа, зад коленото, во ритамот што не е воспитан. Ништо не е гласно, ама ништо не е невино. Сè се движи како сон што си го заборавил, а сепак те води цел ден поинаку. Ова не е музика за исправено стоење, туку за телото кога малку попушта, кога тежината налегнува, кога телата стануваат мазни, влажни, двосмислени.

„Трето колено“ не се спротивставува со пароли, туку со музика што одбива да биде фина. Со звук што не сака да биде корисен, ниту чист, ниту паметен на начин што се продава. Тоа е сонлив надреализам со пулс – силен, телесен, бавен, малку валкан и доволно жив за да те извади од удобното знаење, и да те праша дали сакаш да останеш ист… – напиша рецензентот Влатко Деловски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 320, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.2.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот