Прва слика од вселенскиот телескоп „Веб“: Гледаме можности кои никој претходно не ги видел

Првата фотографија на телескопот Веб / EFE/Space Telescope Science Institute Office of Public Outreach HO HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Националната аеронаутичка и вселенска агенција (НАСА) синоќа во Белата куќа ја претстави првата фотографија снимена со вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ за кој се смета дека ќе го промени начинот на кој луѓето ја гледаат вселената.

Американскиот претседател Џо Бајден го објави откритието – најдлабокиот поглед на вселената досега фатен со камера.

Џо Бајден / EPA-EFE/SHAWN THEW

Фотографијата покажува дел од вселената, масивна група од грозд на галаксии СМАКС 0723. Гравитациското поле на гроздот делува како сочиво со што се открива светлината од галаксиите во позадина, кои во спротивно би биле премногу бледи и далечни да можат да се видат. Всушност, го имаме првиот поглед на длабоко поле на неверојатно стари и далечни галаксии.

Гроздот од галаксии претставен на сликата во Белата куќа се појавил пред 4.6 милијарди години. Вселената е стара 13.7 милијарди години, така што „Веб“ ќе има шанси да гледа и подлабоко.

Презентацијата синоќа беше најава за главниот настан планиран за денеска претпладне, кога ќе се претстават комплетни резултати од првите снимки со вселенскиот телескоп лансиран на далечина од 1,5 милиони километри од Земјата.

Овие слики му кажуваат на светот дека Америка е способна за големи дела, и му кажува на американскиот народ, посебно на нашите деца, тоа дека нашите можности се безгранични, изјави Бајден.

Гледаме можности кои никој претходно не ги видел. Можеме да отидеме на места каде никој досега не бил.

EPA-EFE/SHAWN THEW

На настанот синоќа настапи и Бил Нелсон, администратор на НАСА.

Ова е најдлабоката слика на нашата вселена направена досега, изјави тој.

Кажа дека сликата претставена овде покрива „делче од небото со големина приближно на зрнце песок на растојание на испружена рака“.

Тоа е само малечко делче на огромната вселена.

Сликата е снимена со инфрацрвената камера на „Веб“ и составена од повеќе снимки со различни бранови должини на светлината направени во текот на 12.5 часа. На вселенскиот телескоп „Хабл“ му требаа недели да ги направи своите слики со најдлабоки полиња од вселената.

EPA-EFE/SHAWN THEW

„Веб“ е околу 100 пати поосетлив од неговиот претходник, којшто се наоѓа на 547 км од Земјата.

Вселенскиот телескоп и мисијата се дело на НАСА, а учествуваа и Канадската вселенска агенција (КСА), како Европската вселенска агенција (ЕСА).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот