Провокации пред изборите во СДСМ: „Проверени вицови“ за кандидатурите за лидер

Како провокација, лажна вест или добар виц ја опишуваат во СДСМ  информацијата дека познатиот водител и шоумен, осуден во аферата „Рекет“, Бојан Јовановски, алијас „Боки 13, ќе се кандидира за лидер на претстојните внатрепартиски избори во нивната партија. Ваквата информација ја лиферуваа вчера бројни опозициски портали, повикувајќи се на „проверени“ партиски извори.

– Точно е само дека во СДСМ се подготвуваме за избор на партиски лидер, зашто мандатот на актуелниот претседател Зоран Заев завршува во мај годинава – вели портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска за „Слободен печат“.

Таа информира дека засега е рано за поднесување кандидатури за оваа партиска функција. Претходно, во партијата ќе се спроведе реевиденција на членовите, која треба да заврши најдоцна до 25 февруари, а потоа, на седница на Централниот одбор, ќе се утврди роковникот за поднесување и верификување на кандидатурите.

Кузеска појасни дека меѓу условите кои треба да ги исполнува кандидатот е тој да има пет години „стаж“ како активен член на СДСМ и барем еднаш да бил член на Централниот одбор на СДСМ. Еден од условите за прифаќање на кандидатурата, секако, е лицето да не било осудувано. 

Во јавноста веќе почна да се лицитира со евентуалните противкандидати на Заев. Прво се спомна името на потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски, но тој брзо ги демантираше тие претпоставки, велејќи дека не се гледа себеси на таа позиција. 

Друга можност со која се шпекулира е да се појави како кандидат некој од приврзаниците на поранешниот лидер на СДСМ Бранко Црвенковски, или самиот Црвенковски. Заев неодамна рече дека секој што ги исполнува условите на правилникот и Статутот на партијата, може да биде кандидат, а такви се според него 70 отсто од членовите.

– СДСМ на 21 март, на денот на пролетта, ќе има непосредно гласање внатре во својата партија. Било која партија не се ни осмелува да тргне во таков конгрес, но ние тргнуваме првпат. Сите социјалдемократи, секој што сака да гласа, ќе може да го избира својот претседател. Прво, треба само да се регистрира дека ќе гласа на тој датум. Секој што ги исполнува условите може да се кандидира, па нормално дека може и поранешниот претседател на СДСМ – рече Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот