Студентите излегоа на улица со порака дека ќе се борат за правда во државата

Студентите од правните факултети денеска излегоа на улица и протестираа пред зградата на Владата, против измените во кривичниот законик. Младите правниците велат дека се сведоци како во континуитет се урива правниот систем во државата, а тоа што се предава на факултетот не се практикува во реалноста. Забележуваат дека постепено се уриваат правните столбови во Македонија.
– Бараме да се врати правото, да се почитува како што треба и да има правда, изјави студентот, Лазар Симонов.
Студентите бараат да се анулираат измените на Кривичниот законик кои беа донесени неодамна. Бараат, како што велат, правдата да ги стигне сите оние кои придонеле за огромната недоверба во правниот систем. Повикаа да не се злоупотребува европското знаменце.
-Ние како идни правници треба да бидеме право раздавачи, да бидеме чесни и морални, во служба на граѓаните наместо тоа гледаме како правото во нашата држава стана алатка на богатите и како се злоупотребува, порачаа студентите.
Во исто време додека протестираа студентите, по третпат се одржа и протест по скандалот на Онкологија. Преку перформанс демонстрантите ставија пари симболично премачкани со црвена боја во џебот на белите мантили на маски од поранешните министер за здравство и директор на онкологија, а запалија и фотографија од републичкиот јавен обвинител.
„Соберете се да ги избркаме, веќе доста е, не опљачкаа. Па зарем не гледате што се случува. Се ни земаа, што ни оставија веќе, уште душите да ни ги земат. Па и јас детето ако си го изгубам, што ќе правам. Што чекате, каде сте“, порача мајка на онколошки пациент на протестот пред Владата.
Оттаму се упатија пред Обвинителството. Демонстрантите најавија нов протест следниот понеделник.