Просветните работници ќе излезат на протест пред МОН: Колективните договори мора да се почитуваат

Ние ги известивме сите членови на Синдикатот дека сакаме јавно да го искажеме незадоволството по однос на непочитувањето на колективните договори и законите. Нивното присуство на протест е на доброволна основа и немаме претстава колку од колегите дојдат велат за „Слободен печат“ од независниот Синдикат за образование и наука (НСОН), кој за 20 февруари најави протест на просветните работници пред седиштето на Министерството за образование и наука.

Од Синдикатот додаваат дека тие немаат никаква комуникација со одговорните лица во МОН.

– Во однос на комуникацијата со МОН, ние како синдикат веќе една година сме целосно дискомуницирани. И покрај повеќето обиди за социјален дијалог со надлежните, бевме целосно изигнорирани во повеќе наврати – додаваат од НСОН.

Неисплаќањето на плата на просветните работници најдоцна до 10-ти во месецот согласно Колективниот договор, како и неисплаќањето на додаток на плата за наставници кои работат со двојно зголемен фонд на часови во поголемиот дел од училиштата, се едни од најголемите причини за овој протест.

– Во последните 15 години, просветните работници никогаш немаат земено плата до 10-ти во месецот, во просек тоа е на 16-20-ти во месецот. Во однос на исплатата на додаток за зголемениот фонд на часови, досега сретнавме само две училишта кои на своите вработени им дале додаток од симболична сума, а огромното мнозинство од училиштата немаат исплатено додаток за зголемениот фонд на часови – потенцираат од Синдикатот.

Покрај ова, од НСОН на протестот од МОН ќе побараат уште и почитување на ставот на Друштвата на наставници во врска со најавените реформи во основно образование, исплата на регрес за годишен одмор, од кој како што велат тие просветните работници се иззмемени, организиран превоз, месечна карта за јавен превоз или месечен надоместок за патни трошоци за сите просветни работници кои патуваат од една во друга општина, како и трансформација на работниот однос на просветните работници кои се вработени две или повеќе години.

Најавите за протести се неосновани затоа што како никогаш до сега е одговорено на сите барања на наставниците. Исплатата на плата се врши во законски предвидениот рок и во висина согласно колективниот договор. МОН редовно и навремено ги уплаќа блок дотациите кон локалните самоуправи, согласно динамиката со којашто тие ги доставуваат барањата, велат од Министерството и образование и наука за „Слободен печат“.

– Во врска со исплатата на двојно зголемениот работен учинок на наставниците од прво до трето одделение, Министерството за образование и наука уште во месец октомври испрати писмо до сите училишта дека на наставниците кои извршуваат работни задачи повеќе од полното работно време треба да им се исплати надоместок за прекувремена работа. за што се обезбедени и блок дотации за општините. Дополнително, МОН во повеќе наврати апелираше до општините да го почитуваат Законот и да го исплатат надоместокот. Секое училиште и општина која се обрати за барање за појаснување како да постапи добија соодветен одговор со детални инструкции за постапување – велат од МОН и појаснуваат дека сите наставници земаат учество во реформите за новата концепција за основно образование, како и тоа дека ниту еден од нив нема да остане без работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот