Промовирана иницијативата Глобална порта: Задоцнет европски одговор на кинескиот Појас и пат

Иницијативата Појас и пат опфаќа повеќе од 13.000 проекти/Фото: EPA-EFE/HOW HWEE YOUNG

Европската Унија ја објави својата амбициозна стратегија за вложувања од стотици милијарди евра во инфраструктурни проекти за да ѝ се спротивстави на кинеската иницијатива Појас и пат, која всушност е обновување на стариот Пат на свилата од Пацификот до Средоземно Море.

Проблемот за Европа е тоа што многу доцни зад Кина, која го почна својот проект во 2013 година, токму кога на власт дојде Сји Ѓинпинг. Во изминатите осум години Пекинг инвестираше многу пари во критичната инфраструктура, пред сѐ во железницата и пристаништата, преку кои кинеската стока се транспортира низ светот.

Европскиот проект Глобална порта се смета за директен одговор на Појас и пат. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објасни дека стратегијата е до 2027 година да се соберат 300 милијарди евра во јавни и приватни фондови, од кои ќе се инвестира во инфрастуктурни проекти во странство. Приоритет ќе имаат мрежи со оптички кабли, станици од петтата генерација (5Г) за трансфер на информации за мобилни телефони, како и енергетски централи за производство на струја од чисти извори во земји во развој. ЕУ ќе влезе и во директен дуел со Кина за изградба на транспортни јазли и мрежи, пред сѐ автопати и аеродроми.

Дури и ако оваа стратегија привлече дополнителни средства од приватниот сектор, ЕУ ќе заостанува во однос на вложените средства зад Кина, која веќе го зацврсти своето влијание во земјите во кои инвестирала, од Шри Ланка до Грција. Како своја конкурентска предност, ЕУ ги истакнува транспарентноста и повисоките стандарди за заштита на природната средина.

Глобална порта не содржи список со проекти што може брзо да бидат спроведени. За споредба, во кинеската иницијатива Појас и пат се наведени 13.000 проекти во 165 земји.

– Ова не е ништо повеќе од писмо со намери, од политичка изјава. Истакнувањето на демократијата и вредностите се силна порака до Кина, но треба да се направи многу повеќе за да може да се спроведе некој конкретен проект – изјавил за порталот „Политико“ анонимен функционер во Брисел.

Инвестирањето во инфраструктурни проекти е новото бојно поле во војната за ширење на геополитичко влијание. Кина не само го прошири своето влијание само низ Азија и Африка, туку и во Европа, наспроти критиките дека „заробила во долгови“ многу земји, од Пакистан до Црна Гора. Директорот на британската тајна служба МИ-6, Ричард Мур, завчера предупреди дека кинеската иницијатива Појас и пат создава и „податочна замка на собирање на критични лични податоци од општествата низ светот“.

Кина инвестира и во изградбата на идниот административен главен град на Египет/Фото: EPA-EFE/KHALED ELFIQI

– Без вистинска транспарентност, добро управување и високи стандарди, проектите може да бидат лошо избрани, погрешно дизајнирани, оставени недовршени или искористени за корупција – е наведено во проектот.

Во вкупната проектирана сума за Глобална порта, јадрото од 135 милијарди евра е од фондот за одржлив развој. Уште 145 милијарди ќе бидат обезбедени од други европски институции за развој, а 18 милијарди се од програмите на ЕУ за помош на други земји.

Кина, за споредба, во 2027 година ќе има фонд од 1,2 до 1,3 милијарда долари за инвестиции во инфрастуктурни проекти во други земји. Учеството на државни комерцијални банки во иницијативата овозможува и политички инвестиции, кои се комерцијално ризични.

– За разлика од Кина, ние не ѝ диктираме на бизнис-заедницата, туку сме партнери со неа. Веќе до крајот на идната година ќе бидат почнати проекти во разни региони – вели за Политико европратеникот Рајнхард Битикофер, задолжен за односи со Кина.

Глобална порта може да привлече земји што се разочарале од кинеската стратегија или ги разбрале опасностите од неа.

– Наместо да им дава „понуди што не можат да ги одбијат“, ЕУ ќе им дава понуди „што нема да сакаат да ги одбијат“. Тоа е најголемата разлика помеѓу Глобална порта и Појас и пат – смета Бернд Ланге, претседавач на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент.

Џонатан Хилман, аналитичар во Центарот за стратегиски и меѓународни студии и автор на две книги за иницијативата Појас и пат, смета дека европскиот фонд може да се споредува со кинескиот, иако по вкупната сума е значително „потенок“.

– Предностите се повисоките стандарди за заштита на природата. Сме виделе случаи локални заедници, на пример во Кенија, да се мобилизираат против кинеските проекти, бидејќи тие ги немаат истите стандарди – вели Хилман.

Критичари, пак, укажуваат дека Кина има свои клиенти и во Европа. За највпечатлив пример на својата иницијатива, Пекинг го истакнува пристаништето во Пиреја, чиј главен акционер е кинеската државна компанија „КОСКО“. Кипар склучи партнерство со Пекинг за инвестиција од 290 милиони евра за изградба на терминал за течен природен гас.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот