Настанот е дел од активностите на Библиотеката за претставување и промоција на делата наградени од ДПМ

Промоцијата на збирката раскази „Приказничар“ од Жарко Кујунџиски ќе се одржи во Градската библиотека во Скопје

Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје на 29 октомври, во 19 часот, ќе биде промовирана збирката раскази „Приказничар“ од Жарко Кујунџиски, добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување според Друштвото на писателите на Македонија во 2025 година. Модератор и промотор е Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

– Расказите на Жарко Кујунџиски се раскошно славење на приказната. Без разлика дали станува збор за приказни раскажани во прво лице или низ перспективата на сезнаечки наратор, овие текстови ги користат многубројните можности на расказот како форма, богато поигрувајќи си со неговите потенцијали – подвлекува Владимир Јанковски за збирката раскази „Приказничар“ која е во издание на „Антолог“.

Жарко Кујунџиски (1980) е писател и издавач. Дипломирал во 2003, а подоцна и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност во Скопје. Бил колумнист во дневните весници „Утрински весник“ и „Дневник“, основач и уредник на електронското списание „Репер“ (www.reper.net.mk), копирајтер во маркетинг-агенција и прес-координатор на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“. Сопственик е на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје.

Автор е на 13 книги. Неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија „The Best European Fiction“ (2013). „Спектатор“ е прв дебитантски роман во современата македонска книжевност со осум изданија и досега е објавен на полски и на српски јазик. „Америка“ е објавен на италијански јазик.

Романот „Сфинга на гневот“ бил македонски претставник за наградата „Балканика“ во 2021 година. Кујунџиски е добитник на неколку книжевни награди, како и на една награда за глума. Член е на Друштвото на писатели на Македонија и на македонскиот ПЕН-центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот