Плакат за промоцијата на книгата во издание на „Три“

Промоцијата на книгата „Сета боја зад црнината“ од Васја Мицковски ќе се одржи во гимназијата „Орце Николов“

Во холот на гимназијата „Орце Николов“ во Скопје на 19 февруари, од 18:45 часот, ќе се одржи промоција на романот „Сета боја зад црнината“ од Васја Мицковски.

Книгата на младиот автор веќе си го најде своето место меѓу читателите откако пристигна минатата недела во издание на „Три“. Ова не е дебитантско дело на Мицковски. Во февруари 2024 година тој ја објави својата филозофско-психолошка повест „Апокалипса на младиот роб“, поетичен прирачник за животот на младиот човек.

Во 2024 и во 2025 година беше награден за најдобра песна од млад автор на конкурсот за необјавена песна во чест на Анте Поповски, „Антево слово“. „Сета боја зад црнината“ не му е прво книжевно дело, но е негов прв значаен роман, и тоа во издание на една од најистакнатите издавачки куќи во земјата. Корицата на романот е на Љупка Стојкова.

Промоцијата е најавена како спој на повеќе уметности. Во улога на промотори ќе се појават проф. Маријана Ѓорѓиева-Ристевска и писателката Виолета Танчева-Златева, а во разговорот ќе се вклучат и младите илустраторки Викторија Димовска, Михаела Белдедовска, Дариа Илиевска и Јана Самарџиева.

„Чудесно е чувството кога ќе се наиде на дебитантски роман со високи уметнички вредности“, напиша Танчева-Златева. „Васја Мицковски напишал раскошно дело за љубовта и убавината, за нераскинливото пријателство со сите бои во природата и во животот. Златно камче во мозаикот на уметноста, единствената која може да го победи времето.“

Во својата објава за настанот од „Три“ ветуваат одличен роман, а Васја Мицковски најави несекојдневна промоција збогатена со музички изведби на пијано и мандолина, интересни разговори и загатливи посвети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот