Судење 27 организатори/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Прогон за политичари само на чувства, но не и со докази

За поранешниот вицепремиер Груби, кој по 14 месеци сам се врати во земјава, уште нема обвинение, засега не се докажа вмешаноста на Заеви во случајот со струмичкиот бизнисмен Крмзов, а за бизнисмените кои „паднаа“ кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, има истраги или обвиненија, но сите се на слобода.

Чувствата на премиерот Христијан Мицкоски дека наскоро ќе се гонат поранешни премиери на СДСМ и нивни блиски од семејството се засилуваат, но неговите најголеми политички непријатели што се споменуваат на секоја партиска прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот премиер Зоран Заев и неговиот брат Вице Заев, се уште на слобода, а нема јавни информации дека се води некаква истрага против нив, додека, пак, предистрагите се тајни.

Ристо Крмзов / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој беше главното име во предизборната кампања, пак, по 14 месеци бегство се врати сам во земјава, но за него сè уште нема обвинение.
Засега не се докажа вмешаноста на семејството Заеви ниту во случајот со струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов за кого ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека станува збор за бизнисмен близок до семејството на поранешниот премиер и оти неговиот хотел „Вила парк“ во Струмица е „омиленото место на фамилијата Заеви за собирање рекет“.

Мицкоски: Не може да се очекуваат резултати со овој обвинител во борбата со криминалот

Крмзов седна на обвинителна клупа во инвалидска количка и тврдеше дека обвинението против него за перење пари и злоупотреби со ДДВ е целосна конструкција, со цел тој да биде уништен како бизнисмен, а неговиот имот да се распарчи и раздели на лица што ги знае.

Бизнисмените на слобода

 

Братот на Заев, Вице Заев, се обвинуваше и се поврзуваше со поранешниот прв човек на РЕК Битола и на ЕСМ, Васко Ковачевски, но ни за братот Заев во јавноста не се знае дека за него има некаква истрага. За Ковачевски се водат две истраги, но тој сè уште е во бегство.

За другите бизнисмени, пак, кои „паднаа“ кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, има истраги или обвиненија, но сите се на слобода. Па, така, неодамна сопственикот на „Пуцко петрол“ Асмир Јахоски, син на вечниот пратеник од ДУИ, Исмаил Јахоски, кој е осомничен во афера за мазут, беше фотографиран на средба со премиерот  со претставници на нафтената индустрија во државата по кризата на Блискиот Исток.

Истрагата за злоупотребите со зделките од над 160 милиони евра за мазутот за ТЕЦ Неготино во која се осомничени Ковачевски, кој е во бегство, Јахоски, сопственик на „Пуцко петрол“, Ратко Капушевски, сопственикот на РКМ, компанија што ги добиваше јавните огласи за набавка на мазут и Ерџан Сулкоски, кој беше сопственик на „Пацифик петролеум“, е сè уште во тек, но обвинение нема. Сите тие го чекаат епилогот од истрагата на слобода со мерки. Прв од Шутка излезе Јахоски и се сликаше на Босфор откако даде гаранција од над два милиони евра.

Првично Кривичниот суд не му ја прифати, но ја прифати Апелациониот суд, за потоа Кривичен да му го врати и пасошот. На слобода со мерки се и Сулкоски и Капушевски, кому му е одземена патната исправа, и блокирани им се сметките од фирмата РКМ. Кога беше отворена истрагата за нив, Мицкоски, алудирајќи на шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази, изјавуваше дека бил шокиран како се однесувал кога била отворена истрагата.

Сомнеж за судиите кои одлучувале за Марковски

 

Уапсен беше Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“ од Битола, која ги добива најголемите тендери од ЕСМ и РЕК Битола, а истовремено е и конзул на Белорусија во Македонија. Битолското јавно обвинителство поднесе обвинение против осум лица и компанијата „Марковски компани“, вклучувајќи го и Марковски како првоосомничен, за злоупотреби поврзани со постапки за јавни набавки во Рударско енергетскиот комбинат РЕК Битола.

Во текот на 2023 година, петмина од обвинетите, директори и раководители на подружници во РЕК Битола, вклучувајќи го и директорот на комбинатот, извршиле злоупотреба на службената положба и овластување, објави Обвинителството.

Замрзнат имотот на Марковски – товарни возила и сеф во Белград, сметки во Македонија, станови и земјиште во Скопје

„Со намера да прибават противправна имотна корист за друг, обвинетите распишале и спровеле постапка за јавна набавка за дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј“ во рудниците на РЕК Битола, со цел да се воспостави нов транспортен систем за рудата во РЕК, иако знаеле дека таквиот транспортен систем е спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ на откривката, јагленот и меѓуслојната јаловина, како и за транспорт на јагленот во рудниците на РЕК“, соопшти тогаш Обвинителството.

По неколку месеци Кривичниот совет на судот во Битола, иако претходно битолското Обвинителство дало негативно мислење, му го укинал притворот откако дал гаранција од речиси пет милиони евра. Укинувањето на притворот се најде на седница на Судскиот совет и беше изготвен извештај што изрази загриженост за постапувањето на дел од судиите во Основниот суд Битола, посочувајќи можни пропусти.

Груби во куќен притвор

 

Борче Марковски / Фото: Апла.мк

Според наодите од 19 истражени предмети во врска со РЕК, има сомневања за рачно доделување на предметот и за составување посакуван состав на Кривичен совет што одлучувал по жалба за притворот на главниот осомничен.

ВИДЕО | Агелер за контактите со Груби додека тој беше на власт: Многу сум свесна кога луѓето ме лажат в лице

Судењето за случајот „Адитив“ во кој е осомничен бегалецот Ковачевски почна, но без него, а им се суди на повеќе од 30 обвинети за злоупотреба на јавни набавки и перење пари при набавката на адитиви за јаглен за потребите на РЕК Битола и РЕК Битола.

За разлика од Ковачевски, Груби се врати и веќе му е продолжен куќниот притвор за нови 30 дена. По повеќе од година и половина, сè уште не е завршена истрагата, ниту е донесена одлука дали ќе се поведе обвинение против него или ќе биде запрена постапката за сомнежите за проневера на осум милиони евра при набавката на апарати за комар за потребите на Државната лотарија. По именувањето на новиот обвинител, Ненад Савески, Мицкоски веќе ги кажа очекувањата од него од собраниска говорница, но и неговите чувства за поранешни премиери од претходната влада на СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот