Професорка од Велес со креативен метод – Час на отворено со матуранти за промоција на своето училиште

Фото: Фејсбук

Матурантите од средното економско училиште во Велес „Јовче Тесличков“ во време на пандемија се вратија на училиште, меѓутоа наместо да седнат во училишните клупи во училиштето, овојпат тоа го направија во училишниот двор.

Овој креативен метод го употреби наставничката Марија Јанушева, која е дипломиран социолог и предава по предметите Социологија и Граѓанско образование во ова училиште во Велес.

За „Слободен печат“ таа вели оти ОСУ„Јовче Тесличков“ оваа година одбележува 60 години од своето постоење, па токму за овој јубилеј кога училиштето ги промовира своите профили и насоки кои идните средношколци ќе можат да ги одберат овде, таа се досетила тоа да го направи преку час со физичко присуство на матурантите, одбрани по случаен избор.

Инаку, во ОСУ Јовче Тесличков се остручуваат кадри од економско правна и трговска струка, поделена на три профила: економски техничар, деловен секретар, банкарски техничар. Наставниот кадар пак се состои од околу 40 професори а во училиштето се образуваат 600 ученици годишно, а Јанушева истакнува дека иако овој јубилеј е во пандемиски услови, таа сакала да пронајде начин за сите ученици да почувствуваат оти училиштето се уште „постои“.

– Ние сме средно стручно економско училиште кое оваа година одбележува 60 години од своето постоење. Токму на 60-годишнината се најдовме во многу неповолна , па ајде да не речам деградирачка позиција. Кога се промовираат и фаворизираат други образовни профили, сакаме да ги охрабриме и информираме деветтоодделенците дека и Економското училиште постои и профилира струки кои допрва ќе го доживеат своето заслужено вреднување. Матурантите кои присуствува се најдоа овде по случаен избор – вели  Јанушева.

Фото: Фејсбук

Професорката вели оти се одлучила да ги повика матурантите во живо бидејќи предметот кој го предава повикува на дебата помеѓу учениците, а истовремено и да помогнат во промоцијата на училиштето во кое ги поминале своите средношколски денови.

– Оваа учебна година предавам Граѓанско образование во 4-та година (матуранти), а предметот изискува дебата, конфронтација, критичко размислување. На иницијатива да дојдат и да помогнат во промоцијата на нашето училиште, испочитуваа, и најважното, беа среќни. Протоколите беа максимално запазени и бевме – социјално одговорни. Учениците констатираа дека многу им недостасува реалност – нормала, како и на сите нас – додава Јанушева, а истото ни го потврди и матурант од ова училиште кој побара да остане анонимен, но посочи оти целиот настан навистина поминал во одлична атмосфера.

– Многу ми е мило што во една ваква ситуација успеавме на идните ученици да им го претставиме нашето училиште во живо, а не пред камера. Навистина ми е жал што последната година ја поминав онлајн, но благодарение на идејата на наставничката барем на крај се видов со своите соученици и имавме конструктивна дебата и одлична промоција на училиштето на овој 60-годишен јубилеј – вели овој матурант.

Фото: Фејсбук

Од друга страна пак, засега и натаму останува неизвесно дали учениците и од септември би можеле да се вратат на настава со физичко присуство, без разлика на опаѓањето на бројот на активни случаи од ковид-19 во земјава.

Токму ова прашање го упативме и во МОН, а оттаму ни рекоа дека остануваат фокусирани на успешно завршување на актуелната учебна година, како и тоа дека ќе се следат препораките на Комисијата за заразни болести за сите понатамошни одлуки во врска со начинот на настава.

– Изготвени се соодветни протоколи, план, правилници и други акти со кои начинот на организирање на наставата е регулиран. Сите ученици се опфатени и очекуваме учебната година да заврши успешно. Дали и кога училиштата ќе ги отворат вратите за сите ученици, зависи од состојбата со пандемијата во државата, а сите одлуки поврзани со ова прашање, како и досега, ќе се донесат во соработка и по препораки на здравствените институции, првенствено на Комисијата за заразни болести – велат од МОН.

Како резултат на пандемијата со ковид-19, оваа учебна година започна во октомври, а истата се одвива по хибриден модел на настава, со тоа што настава со физичко присуство се реализира за ученици до трето одделение, како и за погорните одделнија во оние училишта каде епидемиолошката состојба тоа го дозволува, додека сите останати следат настава на далечина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот