Автори на проектот се Благојче Наумоски Бане и Јехона Ајрадини

Проектот „Урбани трансформации“ ќе биде претставен во македонскиот Културно-информативен центар во Софија

Изложбата со наслов „Урбани трансформации“ на 19 декември, во 18 часот, ќе биде отворена во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија, Бугарија. Изложбата е резултат на соработката помеѓу ликовните уметници Благојче Наумоски Бане и Јехона Ајрадини и претставува уникатна интерпретација на современите урбани простори.

Проектот „Урбани трансформации“ се фокусира на деконструкција на елементи од урбаните структури, каде што преку акрилната техника на платно се издвојуваат и интерпретираат геометриските форми и волумените што го дефинираат брутализмот.

– Моите дела го истражуваат архитектонскиот јазик на брутализмот преку апстрактна трансформација на просторот, материјалноста и волуменот. Со ова, се стремам да создадам визуелен јазик кој го доловува суровиот карактер на бруталистичката архитектура, притоа истакнувајќи ја моќта на геометријата и минимализмот во контекст на урбаните пејзажи. „Урбани трансформации“ е мојот обид да го премостам јазот помеѓу импозантната цврстина на брутализмот и флуидноста на апстрактната геометрија – истакнува Благојче Наумоски Бане.

Благојче Наумоски е роден на 02.04.1985 година во Кичево. Дипломира во 2007 година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, педагошки отсек насока сликарство во класата на проф. Рубин Корубин. Во 2009 година станува магистер од област сликарство кај проф. Јован Шумковски.

Од 2007 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Во 2009 година станува член на групата „Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т“ и активно учествува во сите нејзини проекти. Од 2015 година е член на колективот „Ад акта“.

Од 2012 година работи како асистент на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот Универзитет на Република Македонија. Во 2016 година станува доцент на истиот факултет. Моментално е вонреден професор и продекан на Факултетот за арт и дизајн.

Досега има изложувано во Берлин (Германија), Њујорк (САД), Љубљана (Словенија), Париз (Франција), Хаифа (Израел), Прага (Чешка), Софија (Бугарија), Приштина (Косово), Виена (Австрија), Отава (Канада) и.т.н. Исто така, има учествувано на повеќе ликовни колонии. Во изминатиов период има реализирано дваесет и две самостојни и повеќе групни изложби.

Дела од проектот „Урбани трансформации“

Јехона Ајрадини е родена на 1 мај 1985 година во Кичево, Република Македонија. Во 2007 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, специјализирајќи графика со графички дизајн под менторство на професорот Зоран Јакимовски. Магистерски студии (етнолог-антрополог) завршила на Институтот за етнологија и антропологија.

Во 2007 година, Ајрадини започнува да работи како професор по ликовна уметност во Македонија. До 2020 година работи во Албанскиот национален ансамбл во Македонија како раководител на уметничката програма.

Ајрадини има изложувано свои дела на Меѓународното биенале на карикатура – Албанија, Меѓународната изложба „Магма“ – Турција, „Контемплација“ во КИЦ – Скопје, „Тој свет на стрип илустрации“, „Градот Скопје и стрип илустрациите на митолошките херои“ како илустратор и автор на цртежот, „Сеќавање во движење“ – педагошка алатка за култура на сеќавање. Исто така, учествувала во неколку проекти за недвижно културно наследство во Република Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот