Продавачите чекаат ред за вакцини и сами кликаат на „Мој термин“

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Над 115 илјади вработени во трговијата, се оставени сами да се снаоѓаат за термин за вакцинирање, иако секојдневно им служат на граѓаните и се изложени на огромен ризик од зараза. Тие се револтирани што при одредувањето на приоритетните групи се тргнати на страна, а досега нема информација дека некој од големите трговски гиганти организирал или се обратил до Министерството за здравство, за да обезбеди термин за своите вработени. Синдикатот на вработените во трговијата упатил барање до ССМ да бидат ставени во приоритетните групи за имунизација, но засега нема одговор. Весна Мицевска, претседател на овој грански синдикат, за „Слободен печат“ вели дека е зачудувачки што продавачите кои се на првата линија на изложеност, досега не се нашле во приоритетните групи. 

-Испративме барање до ССМ да не стават во приоритетните групи, но досега нема одговор. Досега ниту една од поголемите трговски куќи не се обратила до нас, но тие може и самите да организираат вакцинирање за своите вработени. Продавачите се исплашени за своето здравје, бидејќи секојдневно услужуваат илјадници граѓани, од кои може да се заразат. Буквално немаа ниту ден пауза откако почна пандемијата, освен во неколкуте карантини, кога и се друго не работеше – информира Мицевска.

За жал, синдикалната организираност во трговијата не е на високо ниво, бидејќи работодавачите не се заинтересирани за тоа, што може да види и преку нивното членство, кое брои неколку илјади.

Странските експерти, постојано укажуваат дека во ситуација на целосна социјална изолираност, шопингот е меѓу ретките дозволени активности, а со самото тоа, шансите да заболување се исти и за купувачите и за продавачите. Опасноста е уште поголема ако се знае дека буквално единствената можност да излезат од дома за старите лица е набавката на основните продукти. Во изминатава година, секојдневниот живот на граѓаните немаше да биде возможен да не работеа продавниците. Многу продавачи се изборија со инфекцијата, но и ја внесоа во своите домови.

-Се штитиме колку можеме, но тоа е невозможно, бидејќи се уште има граѓани кои не носат маска или ти кашлаат в лице. Во дуќаните има постојан метеж, циркулација на луѓе, а некои доаѓаат само за муабет. Ние не сме полицајци, па постојано да ги опоменуваме. Требаше да се вакцинираме меѓу првите. Сега сами си обезбедуваме термини, бидејќи нашите работодавачи не покажаа интерес да не организираат. Зарем треба да се убедуваме со институциите за тоа колку е битно да бидеме вакцинирани, бидејќи секојдневно сме во контакт со илјадници граѓани – вели продавачка во еден скопски синџир на маркети.

И на крајот како куриозитет и порака дека може и поинаку, прозвуче веста дека германскиот дисконтен синџир Лидл, кон крајот на јануари годинава, на своите вработени во САД, кои ќе се вакцинираат против ковид 19, им понуди екстра бонус од 200 долари. Соопштението на Лидл, уследило по сличните потези на нивните конкуренти на американскиот пазар, како Алди, Долар џенерал и компанијата за достава на намирници Инстакарт, пренесе Ројтерс. Износот, кој го понудил Лидл е во функција на прифаќање на вакцинацијата и е меѓу најголемите, кои некоја компанија им ги понудила на своите работници во САД, додаде британската агенција.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот