Привремената инвалидска пензија стана траен проблем
Само за 2020 година се водат спорови за 11 „привремени инвалиди“ за кои се проценило дека престанале условите за инвалидитет и на кои им бараат да вратат назад во просек по 5.800 евра!
Со години постои катастрофално законско решение според кое може да се одреди инвалидска пензија, но привременo. Потоа, по контролен преглед по година, две, три… може да се утврди дека работната способност се вратила затоа што се подобрила здравствената состојба, што значи дека се укинува привремената инвалидска пензија. Но, законот не предвидува мирување на работното место додека трае привремената инвалидска пензија, па оздравениот „привремен инвалид“ нема каде да се врати и треба да си бара нова работа. Но, и ова не е најстрашното во регулативата. Ако се жали на одлуката според која му е укината привремената пензија, таа ќе си тече и понатаму, а ако второстепена комисија потврди дека престанале условите за исплата на инвалидската пензија, тој мора да ги врати сите пензии земени од моментот кога е донесена првата одлука до моментот на нејзината правосилност. А тој период е долг. Само во 2020 година се водат спорови за 11 привремени инвалиди за кои се проценило дека престанале условите за инвалидитет и на кои им бараат да вратат назад во просек по 5.800 евра!
Препорачано
Проблемот го нотираше и Државниот завод за ревизија, а беше присутен и преку индивидуални примери на граѓани што се нашле во ваква каша. Пред повеќе години и во „Слободен печат“, очигледно тешко одејќи, доаѓаше една жена, која кажуваше дека и покрај возраста и повеќето операции ѝ ја укинале привремената инвалидска пензија. Таа тврдеше дека не е способна да се врати на работа, а дека жалбената постапка никако не завршува. Пензиите, во меѓувреме, доаѓаат, а исходот никаде го нема…
Овие судбини и ревизорски извештаи во кои експлицитно се прикажани слaбостите на регулативата, не допреа ниту до Министерството за труд и социјална политика, ниту до партиите. И едните и другите, па и пратениците, можеа да изготват измени на законот и да ги достават до Собранието. Ревизорите утврдија дека за четири години, почнувајќи од 2017, па до 2020 година (кога е направена ревизијата), дури 91 граѓанин се соочиле со ваков проблем и не е ни чудо ако некого го направиле и „финансиски инвалид“. Зарем ова не е доволно за реакција?
Регулативата за пензионирање никогаш не била целосна. Ниту во еден момент не видовме систем – од закон до негова примена – што функционира нормално. Напротив, како да е нормално некој да биде финансиски „осакатен“. Како поинаку да се протолкува тоа што има нераспределени пари од пензискиот придонес на поедини работници уште од 2006 година?! Тогаш во практика се воведе двостолбниот пензиски систем. Тоа значи дека сите што се вработени по 1 јануари 2003 година задолжително членуваат и во вториот пензиски фонд, а една третина од пензискиот придонес што се издвојува од нивните плати оди во тој втор фонд. Е, сега, таа една тетина кај некого не отишла и си стои нераспределена?! Тоа пак се нечии приватни пари, како во инвестициски фонд. Се вложуваат некаде, се оплодуваат, им носат приноси и кога ќе дојде време за пензионирање, ќе се направи крајната пресметка. Таа ќе биде таква што некој ќе си замине со помала пензија, отколку што реално требало да му биде исплатена.
Во Фондот за ПИОМ сè уште се актуелни и „приказните“ од пред три децении кога државата прогласи независност. Сè уште голем број луѓе кога ќе отидат во пензија, мака мачат да ја соберат документацијата за да ги пополнат дупките во стажот, иако за тој временски период е плаќан придонес. А да не зборуваме за измамите од работодавачите пред да се воведе концептот бруто-плата, кога граѓаните откриваа дека не им бил плаќан придонес за пензиско осигурување дури кога ќе дојде време да се пензионираат.
Сево ова е резултат на грешки во регулативата, на нечие неработење во институциите, на индиферентниот однос на народните пратеници. Овие грешки некој дебело ги плаќа, а за нив никој не одговара. На старите проблеми се надоврзуваат нови. И доста веќе со оправдувањата во стилот: тоа некој друг го направил, не јас. Секој што во моментов е на функција, одговара за тоа што се случува во неговиот ресор. И никој пратеник не е избран само за да чукаат празна слама од говорница, туку да донесе регулатива во интерес на граѓаните.


