Прилепскиот театар ќе ја изведе претставата „Чиста куќа“ во Домот на културата во Вевчани
Театарот „Војдан Чернодрински“ при НУЦК „Марко Цепенков“ од Прилеп на 10 јули ќе гостува во Вевчани, каде во рамки на „Вевчанско лето 2025“, во Домот на културата, од 20 часот, ќе ја изведе претставата „Чиста куќа“ од Сара Рул, во режија на Тамара Стојаноска.
Препорачано
Претставата „Чиста куќа“ е последна премиера на театарот и е претстава што раскажува длабока човечка приказна за животот и смртта преку пет различни, но меѓусебно испреплетени ликови.
Во претставата играат актерките Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска-Клинческа, Јасмина Мицовска Станкоска и актерот Димитар Ѓорѓиевски.
Претставата го пренесува ширењето на емпатијата и начинот на кој се справуваме со траумите од детството – во овој случај, преку вицови, како средство за преживување, бегство и поврзување. „Чиста куќа“ не е само приказна за чистење простор, туку за чистење на внатрешниот емотивен хаос. Авторката потсетува дека не сме совршени, но и дека токму во таа несовршеност се крие нашата човечност.
Драматургијата е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата, дизајнот на плакатот и на рекламниот материјал се на Филип Коруновски, музички соработник на режисерката е Ана Митоска, а изборот на костими е на Тамара Стојаноска во консултација со актерската екипа.


