Пријателите се простуваат од Зоки Панкер: „Сè поголема е журката таму горе, ова е крај на една ера“
Почина Зоки Панкер, долгогодишен угостител и сопственик на култните скопски локали „Балет“ и „Флок“, кои со децении беа дел од ноќниот и урбаниот живот на главниот град.
Препорачано
Зоки Панкер беше препознатливо име на скопската угостителска сцена и лик кој остави силен печат во културното и социјалното секојдневие на градот. Преку локалите со кои управуваше, тој учествуваше во креирањето на простори што со години беа собиралишта на различни генерации и музички сцени.
Веста за неговата смрт беше споделена на социјалните мрежи, каде бројни јавни личности, угостители и граѓани се потсетија на неговата улога во оформувањето на скопскиот ноќен живот.
„Сè поголема е журката таму горе. Крај на една ера. Широко небо Панкер. Балет си беше – или нема да влезеш или ќе маваш лустери до 5 сабајле“, напиша Миа Костова.
„Починал Зоки Панкер, повеќе од угостител, повеќе од човек кој имаше ноќен клуб. Човек кој среде Скопје создаде мало парче слобода, каде што одиш со насмевка, а се враќаш со уште поголема, каде што сѐ е можно и сѐ обично се случува. Од пред короната малку работи ми зафалиле, а најголемата е ‘Балет’ и како беше. Нек се треси небо таму на ‘Bohemian Rhapsody’ засекогаш“, напиша Божидар Божиновски.
„Отиде и Зоки Панкер. Вечно млад човек. Прво беше во ‘Ван Гог’, па нешто ќе одеше Данска, па се врати и кусо време беше во ‘Простор’, па во ‘Флок’, па долго време во ‘Балет’… Ми даваше ‘црнчиња’ место кафе кога му одев таму во 4-5 сабајле, свежо разбуден. Ретко бистар и свој човек. Ќе ми недостасува. И мене и на цели генерации што излегувале по овие места“, напиша Тихомир Јанчовски.
„Слава му и фала на Зоки Панкер. Вистински крај на една убава ера“, напиша Марина Костова.
„2025 однесе многу души, ама и 26-кава го следи ‘трендот’. Лесна му земја на Зоки Панкер. Уште една скопска урбана легенда заминува во вечноста. Слава му и вечни спомени. Остави траен печат на скопскиот урбан ноќен живот, за кој новиве ‘дечки’ само ќе слушаат приказни. Сочувство до семејството“, напиша Петар Младеновски.
„На почетокот од годинава нè напуштија две скопски легенди. Анита Капетановиќ, бунтовничката хумана кучкарка од Генералштаб што не го дочека повторно Брега во Скопје – посебна, ретка билка. И Зоки Панкер (‘Флок’ и ‘Балет’), човекот со кој сите испиле веројатно најмногу шотови во животот, па дури и дозволи техно да се свири во Балет некое време. Лесна им земја – му даваа посебен шмек на Скопје. Затварањето на ‘Буква’ не го спомнувам со надеж дека ќе отворат на друга локација“, напиша Горан Костовски.
„Си замина во вечност скопскиот Петар Пан… Исчезнува Скопје, не само младоста!“, напиша Ана Зафирова.


