Прифатен центар за странци не е исто што и камп за бегалци

Прифатен центар / Фото: Facebook/Оливер Спасовски

Ваков центар се гради, затоа што постоечкиот објект во Гази Баба, којшто со години се користи за иста намена, не исполнува ниту елементарни услови за прифаќање на странците и притоа е лоциран во населено место – објаснува Општина Карпош.

Стотина жители на скопското село Бардовци неколку дена ја блокираа раскрсницата кај „Момин Поток“ протестирајќи против изградба на наводен мигрантски камп во близина на нивното населено место.

Според нив, во „кампот“ што се гради ќе се сместат 3.000 мигранти од блискиот исток, па дури и од Авганистан, и ќе им го нарушат мирот и сигурноста, бидејќи, како што истакнуваат, бегалците ќе останат подолго време.

– Веќе осми ден сме на улиците и ќе продолжиме со протести. Со дозволата за градба од Министерство за транспорт и врски се наведува дека има ризици по имотот и населението, иако од МВР велат дека тоа ќе биде времен камп. Тие ќе си го градат, но ние бараме итен прекин – изјави еден од демонстрантите.

Велат дека ниту од локалната самоуправа ниту од која било институција некој дошол да ги консултира за објектот што се планира да се гради, и затоа бараат да се изјаснат на референдум.

Општина Карпош и МВР негираат дека се гради камп за мигранти туку велат дека станува збор за Прифатен центар за странци, кој се гради надвор од населеното место Бардовци, во близина на скопската обиколница. Овој Прифатен центар ќе прифаќа лица на кои не им е утврден идентитетот, кои најчесто ќе се враќаат во земјата од која дошле. Во овој објект ќе се згрижуваат и странци, сторители или сведоци во кривични постапки кои се водат на наша територија, при што привремено се задржуваат тука, да дадат исказ и да помогнат во постапката.

Ваков центар се гради, затоа што постоечкиот објект во Гази Баба, којшто со години се користи за иста намена, не исполнува ниту елементарни услови за прифаќање на странците и притоа е лоциран во населено место. Изведбата и надзорот на објектот ја врши Делегацијата на Европската Комисија, а финансиран е во рамки на ИПА фондовите на Европската Унија“, појаснуваат од општината. Објектот кој се гради треба да има висок степен на безбедност, ќе располага со електронска опрема за следење на лицата кои се прифатени, видео надзор, заштитни прозорци и врати.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот официјален профил на Фејсбук напиша дека објектот ќе биде граден според меѓународните норми и стандарди, по примерот на исти вакви центри во земјите од регионот.

Сместен на североисточната страна од локацијата, затворен со свој двор, сообраќајници и пристапи, при што затворениот простор е со опфат помал од 20 отсто од целокупната локација која е на располагање. Со потполно имплементирани современи мерки во однос на безбедноста. Целокупната локација е обезбедена со безбедносна ограда која претставува надворешен заштитен појас, како и втор појас на заштитна ограда околу самиот објект, формирајќи на тој начин сопствен круг околу објектот со свои интерни улици за пристап, со цел беспрекорно функционирање на овој центар како посебна издвоена целина“ – напиша Спасовски.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот