При секој ветар паѓаат дрвја, но надлежните тврдат дека редовно ја контролираат нивната состојба

Паднати дрва/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

При нормални временски услови во најголем дел ја гарантираме безбедноста на граѓаните, но не може да гарантираме во случај на појава на невреме и ветар со јачина над 70 км/час, што се смета за елементарна непогода, кога од силината на ветрот паѓаат и здрави дрвја што не се обележани за сечење, велат од ЈП „Паркови и зеленило“.

По секое невреме, па дури и при малку посилен ветар, во Скопје паѓаат дрвја или се кршат гранки. При последниот силен ветар дрво падна врз жена што минувала под него, која за среќа мина само со повреди. Но, затоа, пак, не е мал бројот на оштетени автомобили од паднати дрвја и гранки во изминативе години. Притоа, никој не е одговорен за предизвиканата штета доколку стеблото што паднало не било обележено за сечење.

Во најголем број случаи штетите ги предизвикуваат токму необележаните дрвја. Дали ова значи дека никој не ја контролира состојбата на дрвјата што се дел од градското зеленило, за чие одржување е задолжено јавното претпријатие „Паркови и зеленило? Дали е воопшто безбедно граѓаните да се движат под градските дрвореди? Кој ќе биде одговорен доколку се случи нешто?

Во Скопје има стари дрвја со широки стебла. Ги има и во Градски парк и во населбите. На пример, целиот потег покрај булеварот Партизански одреди е со дрвореди од десетици години стари дрвја. Веруваме дека некој се грижи за нивното „здравје“ затоа што нивното паѓање не би поминало без последици.

Паднато дрво во Капиштец / Фото Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

 

 Да ви кажам искрено, откако зачестија невремињава избегнувам да се движам под дрвја кога дува ветар. Некако не верувам дека надлежните знаат и дека располагаат со доволно капацитети да ја проверат состојбата на секое едно дрво во градот. Исто така, не сум видел дека на било кој друг начин се грижат за градскиот дрвен фонд освен да кастрат гранки и да сечат кога ќе оценат дека треба или ако некому му пречи некое дрво. А видете само во нашата околина какви убави дрвја има, со големи и широки стебла. Но, дали сите тие се здрави, не знам дали некој може да гарантира – вели скопјанец со кого поразговаравме покрај Партизанска во Карпош.

За тоа дали имаат таква обврска и дали ја контролираат состојбата на дрвјата, посебно на оние повеќедецениските, одговор побаравме од ЈП „Паркови и зеленило“.

Нашите теренски екипи секојдневно се присутни и ги извршуваат работните задачи низ зеленилото во градот во сите скопски општини, поточно по булеварите, градските паркови и главните магистрални и собирни улици, така што ги проверуваат и дрвјата, а истото го прави и Град Скопје, поточно Секторот за комунални работи на Град Скопје. Зеленилото во блоковите помеѓу зградите е под надлежност на општините – велат од претпријатието.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

На прашањето кога последен пат направиле контрола на дрвјата и во кој дел од Скопје, кусо одговараат дека тоа го прават секојдневно.

Вработените во секој реон си го познаваат теренот и секојдневно го проверуваат и ја контролираат состојбата на дрвјата – тврдат од „Паркови и зеленило“.

Состојбата на дрвјата се утврдува и доколку граѓани пријават и побараат сечење на старо и оштетено дрво или на дрво кое им пречи од различни причини. Во таков случај, како што објаснуваат од претпријатието, состојбата ја утврдува посебна Комисија со претставници од Секторот за комунални работи на Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои излегуваат на терен и доколку дрвото е старо, заболено, искривено или пречи на подземната и надземната инфраструктура издаваат решение за сечење или кастрење.

За штетите предизвикани од паднати гранки и дрвја од „Паркови и зеленило“ не се чувствуваат одговорни, освен ако станува збор за обележено дрво. Исто како и во случајот со неодамна повредената жена.

ВИДЕО | Дрво падна врз автомобил во населба Пролет

 Доколку паднатото дрво било обележано за сечење, но од некоја причина не е исечено, претпријатието ја сноси одговорноста за предизвиканата штета, но доколку се работи за здраво дрво одговорноста не е наша и во тој случај други надлежни служби ја утврдуваат одговорноста. Во случајот дрвото не било обележано, односно за него нема издадено Решение за сечење – објаснуваат од претпријатието.

Речиси е нејасно како е можно Градот и претпријатието да бидат одговорни за дрвјата што ги обележале и не ги исекле навреме, но не и за необележаните, за кои одговорните утврдиле ( или не) дека се здрави.

Се отстрануваат паднатите дрвја од невремето во Скопје, расчистена и улица Белградска

Дали „Паркови и зеленило“ им гарантира на граѓаните безбедност и дека нема да настрадаат од паднато дрво, доколку тоа не е обележено за сечење?

При нормални временски услови во најголем дел ја гарантираме безбедноста на граѓаните, но не може да гарантираме во случај на појава на невреме и ветар со јачина над 70 км/час, што се смета за елементарна непогода, кога од силината на ветрот паѓаат и здрави дрвја кои не се обележани за сечење. Од таа причина ЈП „Паркови и зеленило“ при секоја најава за невреме редовно апелира до граѓаните да не ги паркираат возилата под дрвјата и без потреба да не излегуваат на отворено.

Ова значи дека нема никаква гаранција дека граѓаните се безбедни додека поминуваат под дрвјата кога ќе дувне ветар. Затоа им останува самите да се заштитат и да ги послушаат препораките – луѓето и возилата подалеку од дрвјата кога дува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот