Се отстрануваат паднатите дрвја од невремето во Скопје, расчистена и улица Белградска
Невремето кое во неделата го погоди Скопје, предизвика дополнителна штета на веќе распаднатиот ѕид од Детската клиника, на ул. Белградска каде падна и дрво кое го попречуваше сообраќајот по оваа улица.
Препорачано
Комуналните служби веќе го отстранија паднато дрво на улицата „Белградска“, соопшти ЦУК, но безбедното движењето по улицата за пешаци и возила уште повеќе е нарушено по интензивниот пороен дожд.
Во неделата до ЦУК пристигнаа известувања за над 40 паднати дрвја од невремето, кои од вчера почнаа да се расчистуваат.
Инаку, минатата недела на состанок во Центарот за управување со кризи се разговараше за санација на паднатиот ѕид од страна на Министерството за здравство како и за изнаоѓање на системско решение за проблемот со подземните води кои се веќе површински, кое е во надлежност на локалните власти – Град Скопје и Општина Центар.
Новиот министер за здравство Арбен Таравари кој вчера стапи на функцијата се очекува да постапи по Решението кое Општина Центар го издаде на 13 јуни и е извршно и предвидува Министерството за здравство да го изгради потпорниот ѕид покрај Детската клиника.


