Фото: Приватна архива

Претпразнично интервју со Кристина Арнаудова, пејачка: 2025 година ме научи дека човекот во себе има сила за која често не е свесен

Пејачката Кристина Арнаудова со искрена емоција зборува за празничната магија што ја носи Новата година, за силата што ја открила во себе во текот на 2025, за трансформациите, љубовта и вербата што ја водат напред.

Во разговор за „Слободен печат“ исполнет со празнична топлина, таа се навраќа на детските спомени, семејните традиции и желбите што веќе ги „спакувала“ под новогодишната елка.

На која традиција од детството секогаш се сеќаваш кога ќе започне новогодишната магија?

– Како мала многу се радував на Новата година, на китењето на елката, но најмногу на пакетчињата што ги добивав, а ги имаше во голем број. Сакав да ги редам под елката и да бидат што повеќе. Потоа имавме една наша традиција што ја викавме „Попис“ – ги отворавме сите подароци и броевме колку чоколади, бонбони и колачиња имаме.

Новата година секогаш ме потсетува на баба ми и дедо ми, бидејќи секогаш бев со нив и ми беше преубаво.

Фото: Приватна архива

Која е најважната лекција што ја научи во 2025 година?

– 2025 беше убава година што многу ми донесе знаење, љубов, развој и многу лекции. Не знам дали можам да издвојам една конкретна, но научив дека човекот во себе има сила за која често не е свесен. Таа сила се буди токму тогаш кога мислиме дека сме на дното. Начинот на кој ја користиме таа сила и ја будиме, нè дефинира нас и нашата иднина. Силата и вербата што ми ги донесе 2025 година се нешто на кое сум најблагодарна.

Кој момент од годината би го издвоила како најголем успех или пресвртница?

– Немаше еден конкретен момент, целата година беше година на трансформации, патувања, работа и многу љубов. Летото беше за одмор, есента за работа, а зимата за благодарност. Целата 2025 година ја доживувам како година на развој и учење од секој аспект.

Фото: Приватна архива

Што би сакала да оставиш зад себе во 2025, а што дефинитивно го носиш со себе во 2026 година?

– Не сакам да оставам ништо зад себе. Секој момент, сакала или не, веќе е зад нас. Но сакам сите моменти од 2025 година засекогаш да ги чувам во срцето.

Што беше твоја најголема инспирација?

– Најмногу ме инспирираше сопствената сила и верба.

Фото: Приватна архива

Која желба за 2026 година ќе ја спакуваш под елката?

– Во 2026 година сакам да патувам на далечни дестинации, неколку такви патувања ми се голема желба. И секако, многу љубов и здравје. Без тоа, ништо!

И за крај, дали го накити домот заедно со семејството и каде ќе ја дочекаш Новата година?

– Кај нас дома китењето на елката е цела церемонија со музика и многу радост. Тој момент навистина го сакам. Новата година ми е особено драга затоа што носи радост и среќа. Новата година ќе ја дочекаме со семејството на планина, заедно со многу драги пријатели како и секоја година

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот