Претепаните Роми од битолската полиција сведочеа во живо: Не малтретираа како стока, не тепаа и држеа во станица до 5 сабајле (ВИДЕО)

Ромите кои во вторникот направиле сообраќајка по што биле претепани од страна на сообраќајната полиција во Битола, преку обраќање во живо на фејсбук сведочеа што се случило ноќта.

За овој инцидент јавноста дозна денеска, откако на социјалните медиуми вирално се рашири видео снимка на која може да се види како полицијата брутално тепа едно лице на улица.

Како што претходно објави Слободен печат, според Елвис Шаќири од граѓанската иницијатива АВАJА, во вторникот, тројцата Роми со автомобил направиле сообраќајна несреќа и удриле во бетонски ѕид. Во непосредна близина на сообраќајката имало сообраќајна полиција, која како што вели Шаќири, дошла на местото на настанот и без причина полицајците ги извадиле лицата од автомобилот и започнале брутално да ги тепаат.

ПОЛИЦИСКА БРУТАЛНОСТ НА ДЕЛО: Тројца полицaјци претепаа Роми во Битола (ВИДЕО)

Во обраќањето попладнево, Ромите се идентификуваа со име и презиме и рекоа дека причината за сообраќајната несреќа била тоа што биле пијани во автомобилот, по што удриле во бетонскиот ѕид. Но, како што сведочат таткото, синот и третото лице од автомобилот, тие очекувале полицијата да им помогне по сообраќајната несреќа, а не брутално да ги тепа.

Воочливо е дека таткото и синот се здобиле со потешки телесни повреди, а третиот сопатник со пукната аркада на лицето.

Сведочат дека биле задржани во полициска станица до 5 часот изутрина, како и дека веднаш штом пристигнале во станицата, тие биле малтретирани и омаложувани, нарекувани со навредливи зборови и тепани. 

– Во полицијата никој не’ не прегледа. Вода побарав, вода не добив, се шегуваа и се изживуваа со нас како да сме стока, сведочи претепаниот татко, истакнувајќи дека не добиле фискални сметки во болницата за медицинскиот преглед.

На прашањето од активистите од Аваја дали знаат зошто полицијата постапила на ваков брутален начин, тие одговорија дека не постои причина која би го оправдала таквиот однос.

Видеото го завршија претставниците од граѓанската организација Аваја, повикувајќи на протест со најави дека битката за правдата за инцидентот и дискриминацијата врз Ромите ќе ја водат докрај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот