ПОЛИЦИСКА БРУТАЛНОСТ НА ДЕЛО: Тројца полицaјци претепаа Роми во Битола (ВИДЕО)

На социјалните медиуми вирално се споделува видео на кое се гледа како полициски службеници брутално тепаат Роми. Видеото се рашири денеска, но според АВАЈА, граѓанска иницијатива чија цел е да ги артикулира и промовира интересите на Ромите, снимката е направена пред два дена во Битола.

Во разговор за Слободен печат, Елвис Шаќири од граѓанската иницијатива АВАJА тврди дека иако на видеото се гледа едно лице, всушност три лица биле претепани од страна на полициските службеници.

Според Шаќири, инцидентот се случил во вторникот, кога тројца Роми со автомобил направиле сообраќајна несреќа и удриле во бетонски ѕид. Во непосредна близина на сообраќајката имало сообраќајна полиција, која како што вели Шаќири, без никаква причина ги извадиле лицата од автомобилот и започнале брутално да ги тепаат. 

– Жртвите, татко и син, се здобија со сериозни повреди откако беа претепани од полициските службеници припадници на сообраќајната полиција, едното лице има пукната аркада, другото внатрешно крварење, не можат да стојат на нозе. Се уште не сум сигурен како е третото лице. Она што токму сега го дознавме од жртвите е дека, покрај тепањето на улица, биле задржани во полициска станица до 5 часот наутро, а и таму биле малтретирани и тепани- вели Шаќири во изјава за Слободен печат.

Прочитајте и...  Кинеските супер богаташи и во пандемија го зголемија богатството

– Ова е уште еден доказ за дискриминацијата со која се соочуваат Ромите во општеството, истакна Шаќири и најавува дека организацијата нема да се откаже тука, односно дека правдата ќе ја бараат докрај бидејќи ова не е ниту прв, а најверојатно ниту последен ваков случај.

– Ќе поднесеме претставка до Секторот за внатрешна контрола при МВР да поведе постапка против полициските службеници, а ќе се обратиме и до Народниот правобранител, вели тој.

Шаќири исто така тврди дека лицата се упатиле во битолската болница каде побарале итна помош, но таму не добиле соодветна документација за повредите од инцидентот.

Слободен печат побара изјава од д-р Билјана Гагачовска, директорка на ЈЗУ Клиничка болница Битола, која вели дека до овој момент не е информирана за овој случај, како и дека не стигнале никакви поплаки од пациенти за евентуален инцидент.

– Искрено првпат слушам од Вас за ова, јас не сум информирана за овој инцидент. Во битолската болница се прегледува секој пациент на кој му е потребна помош, безразлика од каде доаѓа и на која националност припаѓа, по што се дава соодведна документација. Сите пациенти се соодветно згрижени и третирани. Ќе ми требаат податоци, имиња на пациентите за да можам да проверам што навистина се случило, бидејќи вака, се друго е шпекулација- вели Гаговска истакнувајќи дека ниту службата која работи на поплаки од пациенти, не пријавила ништо за ваков случај.

Прочитајте и...  Во ноември ќе се знае колку сообраќајот влијае врз загадувањето во Скопје

– Често се случува мене да ми се јават за поплаки, по што веднаш испитуваме што навистина се случило. Апелирам до засегнатите лица да пријават доколку се соочиле со дискриминација. Дајте им го мојот број да пријават!- вели директорката на битолската болница. 

Од МВР во изјава за Слободен печат велат:

– Во врска со видео материјалот што денеска (24.09.2020) беше објавен на социјалните мрежи, а на кое се гледа незаконито и непрофесионално постапување на полициски службеници, Ве известуваме дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи веќе го утврди идентитетот на учесниците во настанот и презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот по што јавноста ќе биде соодветно информирана.

На инцидентот реагира и Хелсиншкиот комитет за човекови права преку соопштение за јавноста:

Снимката покажува дека непрофесионалниот однос, полициската бруталност и самоволието при постапувањето кон Ромите и другите категории сиромашни и маргинализирани граѓани продолжува да биде честа практика на полицијата.

Најостро го осудуваме ваквото однесување на полициските службеници и за ова ќе поднесеме претставка до специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Со претставката ќе побараме да се испитаат сите околности, да се прибават докази и да се покрене постапка пред суд со цел утврдување на кривична одговорност. Дополнително, од Одделението за внатрешна контрола во Министерството за внатрешни работи, ќе побараме најстрога дисциплинска одговорност за инволвираните полицајци и покренување на кривична постпака.

Прочитајте и...  Недостасуваат 4.000 анестезиолози и реаниматори во Италија

Во оваа прилика изразуваме голема загриженост за зачестеноста на полициската бруталност врз ромската заедница. Инцидентот во Битола се случува само три месеци по полициската бруталност врз бездомни лица-Роми кои живеат под Железничката станица во Скопје. Ромите во земјава секојдневно се соочуваат со системска дискриминација во речиси сите општествени сфери, со континуирани тешкотии во остварување на правата во сите области, а сето тоа се отсликува и во односот на полицијата кон овие луѓе. Полицијата мора да ги санкционира бруталните припадници во нејзините редови и да се осигура дека граѓаните се чувствуваат заштитено од страна на полициските службеници. Ваквиот третман кон ранливите групи граѓани, кои долги години во изминатиот период беа жртви на полициско насилство, мачење и понижувачки третман, нема да ја врати довербата во полицијата. Напротив, ваквото однесување дополнително придонесува граѓаните да се чувствуваат загрозено и исплашено.

Поврзани вести

Бугарски медиуми: Претседател Радев во самоизолација по контакт со заразен со ковид-19

Слободен печат

Бучковски: Бугарија ќе направи историска грешка ако ја блокира нашата земја на европскиот пат

Слободен печат

Дачиќ ќе биде нов претседател на српското Собрание, експозето на Вучиќ во среда, во новата влада и СПАС на Шапиќ

Слободен печат

Исчезна маж од Скопје, семејството моли за помош

Слободен печат

Шилегов за тунелите под Кале: Подобро да изгубите време во проектирање, отколку да ви се случи Кичево-Охрид

Слободен печат

СДСМ: Протестите на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги спасат од одговорност криминалците од нивните редови

Слободен печат

Остави Коментар