ПРЕПОРАКИ ОД ИЗОЛАЦИЈА со Бранка Костиќ-Марковиќ, етномузиколог и новинар

Остани дома со „Танец“ и „Астрорум“.

Здраво Бранка, како си, како го поминуваш времето во домашна изолација? 

– Добра сум колку што дозволуваат условите. Сите сме во неизвесност и секојдневно ги следеме вестите и ги почитуваме препораките. Времето го поминувам со моето семејство, главно во изолација и со почитување на мерките за однесување во овие вонредни услови на социјален карантин. Но, веднаш почнав со работа од дома, како и мојот сопруг, кој држи „онлајн“ настава со своите студенти, магистранти и докторанти од ФМУ во Белград. Работиме постојано и со нашиот второодделенец Марко, кој секојднево пишува домашни задачи испратени од неговите учителки во виртуелната училница на „гугл“. А сè ова се случува во стан и предизвиците за добро менаџирање на состојбата се големи, но за среќа добро се снаоѓаме. Сепак, искрено се надевам дека релативно брзо и во добро здравје ќе им се вратиме на нашите вообичаени дневни рутини.

Се согласувам, сите сме во неизвеснот, но сепак, како да си го разубавиме времето во домашна атмосфера, кои се твоите препораки да се чувствуваме попријатно? 

– Со директорот на „Танец“ немавме дилеми дека треба да ја продолжиме нашата, и така, динамична агенда на Фејсбук страницата на институцијата, како и хранењето на Јутјуб каналот со нови содржини. Веднаш почна „аплоудот“ на нашите десет концерти од минатогодишната јубилејна сезона, која што се одвиваше под мотото „Остани во чекор“. Овие концерти одржани во 2019 година, во знакот на 70-годишнината од основањето на ансамблот, беа снимени во рамките на посебен проект, кој НУ „Танец“ лани го стартуваше како дел од новата стратегија за заштита на културното и нематеријалното богатство.

Така, веќе од минатата сабота ја стартувавме нашата кампања во поддршка на борбата со Коронавирусот, во која на нашиот Јутјуб канал ќе биде овозможено еднонеделно ексклузивно гледање на десет концерти (по еден од сабота до сабота). До денеска е е достапен спектакуларниот „Јубилеен концерт – 70 години ТАНЕЦ“ одржан во МОБ, а од утре ќе може да се следи концертот одржан во домот на културата во Струмица.

Значи, за да бидете во чекор со „Танец“, треба само да бидете дома и преку вашите компјутери, таблети или паметни телефони да ги следите следните линкови: со еден клик – ТУКА и ТУКА. 

Кога ќе можеме да се чувствуваме попријатно дома со емисијата „Астрорум“?

– За среќа, веднаш е најдено решение за непречено снимање и емитување на емисијата „Астрорум“, која ја уредувам и водам веќе три години. Се радувам што во едно вакво време на изолација на глобално ниво и препораките за минимален физички контакт, модерните технологии овозможуваат да се создаде квалитетна ТВ програма и без директен контакт меѓу учесниците и креаторите на тв содржините. Веќе од утре на ТВ 24 (сабота во 13:30), а подоцна и на Јутјуб канал и блогот на Литература.мк ќе можете да ги следите специјалните изданија на „Астрорум“ со поднаслов „Остани дома“.

Во крајно изолирани и безбедни студиски услови, со обезбедената техничка платформа на Продукцијата Мунлајт, а со поддршка на програмата ЕУ ЗА ТЕБЕ на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја, разговарам онлајн со своите гости – учесници од цела Европа. Во првото издание на „Седи дома во Астрорум“ разговарав со нашата врвна пијанистка и пијано-педагог Маја Кастратовиќ, која две децении живее и работи во Словенија.

Маја Кастратовиќ

Ете, тоа е она што јас можам да го направам за нашето општество, зашто културата, литературата и уметноста не можат да чекаат. Ним им треба континуиран живот и безрезевна поддршка.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот