ПРЕПОРАКИ ОД ИЗОЛАЦИЈА: Сликање на чанти и торби со Драгица Велкоска

Еве една супер идеја за креативна забава во домашни услови – од старата чанта или торба, направете шик модел додавајќи цртеж.

Велешанката Драгица Велкоска, која живее со семејството во Прилеп, со уметност, а најмногу со сликање, се занимава уште од дете. Во тоа време немало голем избор на бои, па користела сè што имала, од молив до дрвени боички. Подоцна, почнала да црта модни дизајни, инспирирана од списанието „Бурда“ кое редовно го купувала мајка ѝ. Следувало шиењето, и сликањето со маслени и акрилни бои.

Со поддршка од сопругот го отворила својот дуќан Арт Стор во Прилеп, каде се достапни во продажба нејзините рачни изработки – сувенири од глина со македонски етно мотиви, слики со камчиња, цртање на линии, на чаши, навлаки за перничиња, рачно цртани чанти и торби, и многу други работи.

– Отсекогаш ме привлекувале шарени, весели, несекојдневни модели, па така пробав и на чантите да го внесам тоа, вели Драгица и ни ја преставува постапката на изработка:  

– Се чисти убаво чантата, па потоа се почнува со цртање и боење. Треба да употребите бои кои се наменети за кожа и скај, на пример, јас употребувам бои за ткаенина и кожа од Пентарт. Откако чантата се завршува со боење, се остава најмалку 24 часа да се исуши, а некогаш и повеќе дена. Секогаш ме радува крајот кога ќе го видам резултатот. 

Истата постапка може да се примени и на платнени торби со употреба на бои за ткаенини кои се достапни во продажба.

Па, обидете се и вие во деновите на домашна изолација, бидете креативни и од страта чантичка направете нов модерен моден додаток.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот