Премиера во МНТ: Бруталноста на светот ќе се прикаже преку приказна за љубовта
На сцената на Македонскиот народен театар, на 2 март, премиерно ќе биде одиграна претставата „Горчливите солзи на Петра фон Кант“ по текст на германскиот автор Рајнер Вернер Фасбиндер, а во режија на Ивица Димитријевиќ.
Препорачано
Текстот за претставата „Горчливите солзи на Петра фон Кант“ е напишан кон почетокот на 70-тите години од минатиот век, со кој авторот Рајнер Вернер Фасбиндер стекнува и голема светска слава, бидејќи отворено зборува за љубовните односи меѓу жените.
По екранизацијата на филмското платно, текстот е повеќепати поставуван и на светската театарска сцена, а во Македонскиот народен театар се поставува за првпат.
– За Фасбиндер може слободно да се каже дека спаѓа во филмската и театарската класика. Изборот на текстот „Горчливите солзи на Петра фон Кант“ е едноставен. Иако е мелодрамски по жанр, текстот сепак е повеќедимензионален. Преку една приказна за љубов отвора и потенцира повеќе слоеви на живеењето во еден капиталистичко-потрошувачки свет, каде што секој ја користи својата позиција на моќ за да си ги задоволи своите страсти, своите нагони и потреби, каде секој го сака другиот на „свој“ – себичен начин, каде што секој е притиснат од некаков таканаречен успех што го води до тоа да сака да биде некој друг. И како што и самата Петра фон Кант вели на едно место: „Луѓето се сурови и брутални и никој од никого не се разликува“. На што јас би додал: во еден таков или поточно ваков свет во кој сега живееме. Иако напишан во 1971 година, текстот и тоа како е актуелен и современ – објаснува режисерот Ивица Димитријевиќ.
Љубовната драма „Горчливите солзи на Петра фон Кант“ е базирана на целосно и внимателно одбрана женска актерска екипа: Драгана Костадиновска – Петра фон Кант, Сара Анастасовска – Карин Тим, Сашка Димитровска – Сидони фон Гразенаб, Софија Насевска-Трифуновска – Марлен, Тања Кочовска – Валери фон Кант и Анастасија Аневска – Габриеле фон Кант.
– Дејството на пиесата се случува во домот на нарцисоидната и позната модна креаторка Петра фон Кант, која ја следи променливата динамика во нејзините односи со другите жени. Приказната на протагонистката Петра е раскажана во пет чина, притоа секој од нив ги прикажува психолошките состојби на главниот лик. Претставата отворено и повеќедимензионално зборува и за тоа како капиталистичкото потрошувачко општество ѝ се заканува дури и на љубовта, без разлика за каква љубов станува збор – партнерска, другарска, родителска… за да ја первертира и да ја доведе до должничко-доверителски продукт – посочија од МНТ.
Како креативни соработници се потпишуваат костимографката Ирина Тошева, консултант за сценографија е Кристина Божурска, а музиката ја изработи Јане Трајковски. Станува збор за копродукциски проект меѓу Македонскиот народен театар и „МИ Филм“, а следните изведби на претставата се закажани на 4 и 22 март.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 118, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27 февруари 2022)


