Премалку е од сите!

Злате Лозановски
Злате Лозановски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Ако некој вистински се труди за да се смени нешто во оваа држава, тогаш тоа е власта. Само таа сериозно е посветена на проблемот како опозицијата, што е можно полесно и побрзо (најдобро предвреме) да дојде на власт. Тоа е правило од кое речиси и да нема исклучок. И од кое народот не видел многу аир.

Дали крајот вака мириса? – пишуваше на еден транспарент на саботниот опозициски митинг пред владината зграда во Скопје. Ако тој што го носеше на почетокот од големиот „надпартиски“ собир имал некаква дилема, тогаш на крајот можеше со разочарување да допише: да, вака мириса!

И под мотото на протестот – „Премногу е“ – со кое требаше да се каже што направила власта за да заглавиме во ваква криза, можеше слободно, и точно, да се напише: Премалку е! – и со тоа кратко и јасно ќе се кажеше што планира да направи ВМРО-ДПМНЕ кога ќе дојде на власт за да не спаси од несреќата: ништо особено.

Премалку содржина, односно премногу празно паролаштво, има и во зборовите на лидерот Христијан Мицкоски: „овие избори да не бидат избори за власт, туку избори со кои ќе обезбедиме иднина и кои ќе бидат референдум за Македонија. Да дојде нова генерација способни луѓе кои ќе направат нов пресврт, нова епоха“.

Премногу е да се очекува дека ВМРО-ДПМНЕ е способна за каков било пресврт (мислам, на подобро), зашто премалку е – речиси ништо – тоа што го нуди.
Така било со сите, така ќе биде и со „овие избори“, кога и да бидат. Нивната крајна, ако не и единствена цел, секогаш била да и обезбедат иднина на опозицијата со тоа што таа ќе стане власт. Толку. Така е и сега. Не со работа, не со решенија, не со нови идеи, туку со блокади. Со правење проблеми, а не со смислување решенија. ВМРО-ДПМНЕ се закани дека се спрема да и става сопки на власта, да ја попречува не само работата на Собранието, туку на сите институции, на целиот систем, на се што и стои на патот до влезот во владата. Што значи, да ја парализира државата на сите можни начини и на секој чекор. Толку од нејзината стратегија – не само таа што не сака или не може, туку да се направи се за да не може никој да работи!

Ама и не мора да прави нешто. Ако некој – на таа тема – вистински се труди за да се смени нешто во оваа држава, тогаш тоа е власта. Само таа сериозно е посветена на проблемот како опозицијата, што е можно полесно и побрзо (најдобро предвреме) да дојде на власт. Тоа е правило од кое речиси и да нема исклучок. И од кое народот не видел многу аир.

Кој, на пример, можеше да претпостави дека ВМРО-ДПМНЕ, по десетгодишното најкриминално владеење во историјата на независна Македонија, вака нереформирано и без генерација луѓе способни за пресврт (макар и во самата партија) по толку кратко време во опозиција сега ќе си зема за право – со која совест и да не зборуваме – да обвинува за кражби, за криминал, за непотизам, за партизација…било кого, за било што, ако власта од која се очекуваше да направи пресврт – додуша, направи нешто од тоа – и да почне нова епоха не и го дозволеше тоа? Но, не само со мерки против партијата, без разлика колку се оправдани, туку со потези кои ќе направат радикална, долгорочна разлика во практикувањето на власта.

Затоа митингот на опозицијата покажа дека крајот навистина вака мириса. Не само тој на власта или на опозицијата, туку крајот на надежите дека оваа држава ќе ја биде. Дека во неа има „способни луѓе кои ќе направат нов пресврт, нова епоха” (и да ги има тие нема да можат да дојдат, или нема да сакат да дојдат на власт), дека народот на изборите, кога и да се случат, ќе има понуда, што ќе му гарантира избор на поголемото добро, а не на помалото зло. Накратко – надеж дека има некој и нешто што ќе ја направи државата пристојно место за нормална живеачка, сега. За нешто подолгорочно или за „епоха” ич да не правиме муабет. Затоа, не да мириса, базди! Крај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот