Прекината собраниската расправа за законот за спорот на Владата со Макпетрол

Собрание на РС Македонија / Фото: СП. архива

Собранието по повеќе од дваесет часа утрово ја прекина расправата по предлог-законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, по скратена постапка. Продолжението на дваесеттата седница на чиј дневен ред е овој предлог-закон ќе биде дополнително закажано.

Ова законско решение предвидува да му се признае на Макпетрол сопственост на 50 отсто од гасоводот во земјата и да му се исплати цена од 33 милиони евра.

Во текот на расправата која траше и изминатата ноќ, пратениците од опозицијата со говори, реплики и контрареплики се обидуваа да го спречат донесувањето на овој закон. Тие сметаат дека предложеното законско решение е еден од серијата закони што ја убиваат правдата и ги прекршуваат основните начела на правото. Според нив, не може да има закон за спор зашто тој се решава со медијација и во судовите. Не смее, нагласија, Собранието да прерасне во квази суд, бидејќи тоа е надлежно само за ратификации на договори. Повикувањето на акти од минатото од 1987 година кои можат да се искористат како искуство, е недозволиво, посочија пратениците од опозицијата, а институциите не треба да се затскриваат зад законот, туку да го решат спорот на начин каде и како што треба. Тие очекуваат претседателот Стево Пендаровски да се одважи и да стави вето ако овој закон сепак биде изгласан.

Во вчерашната расправа, во реплика, министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека треба да се прави разлика помеѓу номиналната и актуелната вредност на секое АД и додаде дека во 2006 година кога била основано АД ГА-МА номиналната вредност била 1.500 денари за акција, а сега во моментов е 12.500 денари.

– Само гасоводот Клековце-Штип долг 61 километар чини 71 милион евра. Со изградбата на гасоводот како држава ќе добиеме поевтин енергенс и ќе се намали загадувањето на животната средина, а индустријата ќе стане поконкурентна на глобално ниво – рече Бектеши.

Пратениците од партијата на власт во дискусиите истакнаа дека проценката за вредноста на гасоводот е направена по сите стандарди од една домашна и една странска институција и е на 300 страници и оти покрај гасоводот во неа се ставени и други материјални добра и машини со што вкупната вредност е 33 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот