Преговори за Украина: Американската „Сребрена лисица“ против дипломатската армија на Путин

- Венди Шерман беше во администрациите на Клинтон и на Обама /Фото: EPA-EFE/ANTHONY ANEX

САД се потпираат на искуството на „Сребрената лисица“, која има висок рејтинг за дипломатско смирување судири, каков што своевремено имаше Ричард Холбрук, со кого соработуваше во администрацијата на поранешниот претседател Бил Клинтон

За преговорите со Русија во врска со украинската криза, Вашингтон го ангажираше своето најсилно дипломатско оружје – потсекретарката во Стејт департментот Венди Шерман, која гордо го носи прекарот „Сребрената лисица“ поради седата коса, но и дипломатската вештина.

Шерман учествува на преговорите за Украина во Женева на кои Вашингтон и Москва треба да ги надминат спротивставените ставови за трупањето сили близу украинско-руската граница, во период на напнато примирје во сѐ уште актуелниот конфликт во Донбас. За првата средба двете страни објавија дека била „корисна“, но „без конкретни резултати“.

Затоа САД се потпираат на искуството на „Сребрената лисица“, која има висок рејтинг за дипломатско смирување судири, каков што своевремено имаше Ричард Холбрук, со кого соработуваше во администрацијата на поранешниот претседател Бил Клинтон.

Додека „Булдожерот“ Холбрук посредуваше за смирување на тензиите во поранешната СФРЈ, Шерман беше ангажирана на Далечниот Исток во обидите да се запрат комунистичките власти на Северна Кореја да развијат нуклеарно оружје. Служејќи, пак, во администрацијата на Барак Обама, таа во 2011 година го водеше американскиот тим на преговорите за запирање на иранската нуклеарна програма и придонесе петте водечки земји во 2015 година да склучат договор со Техеран за запирање на нуклеарните активности во замена за одмрзнување на меѓународните санкции.

Републиканскиот претседател Доналд Трамп подоцна го урна дипломатскиот успех и практично го поништи договорот, но новата демократска гарнитура на Џо Бајден повторно се „вооружи“ со Шерман.

Иранците ѝ го дале прекарот

За своето искуство во дипломатскиот дуел со Иран, Шерман раскажуваше дека полот воопшто не ѝ претставувал проблем да се пробие во сите кабинети во Техеран, наспроти тоа што Исламската Република има сурови правила за жените, кои дури ограничуваат какви било контакти со мажите.

– Кога седев на спротивната страна на масата од Иранците, јас бев Соединетите Американски Држави. Како жена, можеби моите зборови не изгледаат толку строги, но кога ќе го повишам гласот тоа остава силен впечаток, зашто е неочекувано – раскажа Шерман.

Токму иранските дипломати ѝ го дале прекарот, откако почнале да ја нарекуваат „Лисица“ поради „итриот пристап на преговорите“. Нејзините колеги ја прифатиле оценката и на преговорите носеле маички со натпис „Сребрената лисица“.

– Таа е брза и многу интензивна – вели за неа Џејмс Џефрис, поранешен амбасадор во Турција.

Стручната основа за нејзината дипломатска вештина е невообичаена. Таа студирала социјални науки на Универзитетот на Мериленд и помагала за згрижување деца во Балтимор. Била ангажирана за директор на државна канцеларија за поддршка на загрозените деца и се наметнала како вешт политичар, по што била повикана на служба во Стејт департментот, како прва жена на функцијата потсекретар за политички прашања.

Аналитичари сметаат дека преговорите со Русија се најголемиот предизвик за Шерман. Таа завчера во Женева разговарала со својот руски колега Сергеј Рјабков, вчера учествувала на средбата на руски претставници со НАТО во Брисел, а денеска ќе има нова рунда контакти во Виена.

Дуел со Рјабков

Руската страна веќе ги објави своите барања, од кои главното е согласност од САД дека НАТО нема да продолжи да се проширува кон Исток.

Венди Шерман (лево) и Сергеј Рјабков на челата на делегациите на преговорите во Женева /Фото: EPA-EFE/DENIS BALIBOUSE / POOL

На прашањето како поминала првата рунда од разговорите во Женева, Шерман забележа дека американската страна настапила цврсто, а Русите покренувале дискусии и за „прашања што не се приоритетни за Москва“.

– Дискутиравме за прашањата за реципрочно ограничување на воените вежби и на распоредувањето проектили, но САД од принцип ја отфрлија идејата да даваат гаранции дека Украина никогаш нема да му се придружи на НАТО. Повторивме дека е суверено право на земјата да одлучува за тоа. Бевме цврсти во одвивањето на предлозите за безбедност, за кои САД едноставно не може да преговараат. Нема да дозволиме никој да ја тресне вратата што НАТО ја чува отворена – изјави Шерман.

Нејзиниот соговорник Рјабков ги оцени разговорите со Шерман како „корисни“.

– Разговорите беа тешки, долги, многу професионални, длабоки и конкретни, без обиди да се замачкаат некои остри рабови. Стекнавме импресии дека американската страна им приоѓа на руските предлози многу сериозно, дека ги проучиле до детали – изјави Рјабков.

Тој предупреди дека Москва не сака преговорите да се одолговлечат со месеци или со години и го повтори руското барање НАТО да ги повлече инфраструктурата и сите свои трупи на линијата од пред 1997 година, по која на Алијансата ѝ се придружија низа земји од поранешниот источен блок – Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија, Бугарија и Албанија, како и поранешните југословенски републики Словенија, Хрватска, Црна Гора и Македонија.

– Мора да има пробив, НАТО мора да се направи реален чекор кон Русија. Ако тоа не се случи, не сакаме да дојдеме во ситуација во која членки од НАТО предводени од САД би направиле грешка и се обидат да ја поткопаат и сопствената безбедност и безбедноста на целиот европски континент – изјави Рјабков.

Нови вежби на руски тенкови и артилерија

Рускиот дипломат уште еднаш го истакна ставот на Москва дека не планира напад врз Украина. Тој објасни дека сите активности на руските трупи се ограничени на територијата на Русија и дека „нема основа за загриженост од ескалирање“.

На овој став, Шерман одговори дека „Русија може да докаже дека нема намера да изврши инвазија ако едноставно ги врати трупите во касарните“.

Иако неодамна завршија големи воени маневри на руските трупи близу границата со Украина и војниците се вратија во касарните, руски тенковски и пешадиски единици во вторникот почнале нови вежби со боева муниција. Министерството за одбрана објави дека околу 3.000 припадници на воените сили увежбувале тактички битки во четири западни руски региони. Снимки потврдиле дека со воз по Трансибирската железница кон запад биле пренесени борбени тенкови, оклопни транспортери, ракетни артилериски единици, кои се составен дел на „тактички баталјони“. Се смета дека руските сили веќе имаат поставено повеќе од 50 тактички баталјони близу границата со Украина.

Видео на денот