Предновогодишно интервју со Ивона Јо, пејачка: Животот е многу краток — гушнете ги вашите најблиски
Годината што изминува за пејачката Ивона Јо беше обележана со предизвици, тишина, лични битки и големи внатрешни победи. Во време кога градот се облекува во празнично руво, а првите светилки ја будат новогодишната магија, Ивона за „Слободен печат“ искрено ја отвори својата душа и ни откри како изгледала нејзината 2025 година.
Препорачано
Во продолжение следи еден топол и искрен разговор за спомените што не избледуваат, лекциите, тешките моменти, љубовта што лекува и надежите што ги носи со себе во новата 2026 година.
На која новогодишна традиција од детството секогаш се сеќаваш?
– Многу го сакав моментот на китење на новогодишната елка и вклучувањето на првите светилки за „таа година“. Тој момент секогаш ми носи топлина.
Која е најважната лекција што ја научи во 2025 година?
– Животот е многу краток. Гушнете ги вашите најблиски на секое довидување. Не знаеш кое е последното збогум.

Кој момент од 2025 година би го издвоила како најголем успех или пресвртница?
– Најголем успех? Кога станав од креветот и ги зедов работите во свои раце – по смртта на татко ми. Морав. Веќе немав избор. Станав и ги победив сите демони во главата.
Што би оставила зад себе во 2025 година, а што носиш со себе во 2026?
– Сите лекции и предизвици се со причина во мојот живот. Оваа година е пресвртна година за мене и ништо не сакам да оставам во неа. Сè научено ќе го земам со себе. Драго ми е. Од Бога за мене е.

Што те инспирираше најмногу оваа година?
– Желбата да бидам подобар човек и подобра верзија од себе.
Која желба за 2026 година би ја „спакувала“ под елката?
– Сакам сите мои најблиски и сите луѓе што се дел од мојот живот да имаат изобилие здравје и мирно срце.
И за крај, дали накити дома? Како, каде и со кого ќе ја дочекаш Новата година?
– Веќе е накитено. Имам ангажман за дневната Нова година, а ноќната по многу време ќе ја дочекам во кругот на најблиските.


